Повод: Букурешкиот договор и 111 години од поделбата на Македонија

Букурешкиот договор е потпишан на 10 август 1913 година меѓу завојуваните страни во Втората балканска војна: Србија, Црна Гора, Грција и Романија од едната страна и Бугарија од другата страна. Поради секогаш постојните интереси на големите сили, како и поради (и тогаш, како и сега) отсуството на чувството за реалност и објективност кон македонскиот народ, големите сили останале заднински да управуваат со прекројувањето на регионот, а завојуваните балкански држави „транспарентно да се појават како политичко-државно-ентитетски кројачи“. На тој погубен ден (10 август) за Македонија, пред сто и единаесет години, немало претставници од Македонија. Но претставници на Македонците од повеќе асоцијации, особено од Русија и од Швајцарија, интервенирале да се зачуваат идентитетот на македонскиот народ и единството на природната целина на македонската територија. Попусто. Големите сили не го зеле тоа предвид и веднаш по потпишување на договорот започнало масовното асимилирање на Македонците во Бугари, Грци, Албанци, Јужни Срби… Последиците се чувствуваат и денес…

Младата македонска интелигенција ја согледува можноста од поделба на нејзината татковина Македонија, поради што настојува со сите можни средства и на сите начини да го реши т.н. македонско прашање во полза на сите жителите на Македонија преку политичка автономија. Од овие напори произлегуваат Илинденското востание во 1903 година и Мирцштешките реформи, кои се делумно спроведени во периодот 1904-1909 година.
Под притисок на Илинденското востание, меѓу европската дипломатија се јавиле две концепции за решавање на македонското прашање, англиската преку автономија и австриската преку реформи. Во текот на дипломатските игри австриската концепција преовладала. Австроунгарија, не можејќи сама да го реши македонското прашање, се свртела кон Германија. На 17 и 18 септември 1903 година во Виена пристигнал германскиот кајзер Вилхем. Во текот на оваа посета германскиот владетел изјавил дека „автономна Македонија би претставувала опасност, бидејќи со текот на времето можела да се присоедини кон Бугарија, со што би се нарушила постојната рамнотежа на Балканот“.
Австроунгарија, имајќи ја поддршката на Германија, се свртела кон Русија. Двете големи сили започнале преговори на највисоко ниво, кои траеле од 30 септември до 3 октомври. Преговорите започнале во Виена, а потоа продолжиле во Мирцштег. Преговорите се воделе меѓу рускиот цар Николај Втори, австроунгарскиот император Франц Јосиф Први и нивните министри Ламздорф и Голуховски. Од овие преговори произлегле Мирцштешките реформи.
Со реформите било предвидено при главниот инспектор Хусеин Хилми-паша да се постават двајца цивилни агенти и да се изврши реорганизација на жандармеријата од страна на странски генерал, а за полесно спроведување на оваа точка било предвидено Македонија да биде поделена на сектори под раководство на различна голема сила, реорганизација на правосудството и администрацијата, обесштетување на настраданото население во текот на востанието, спроведување на февруарските реформи. На 23 ноември 1903 година реформите биле прифатени од Високата порта, но таа си го задржала правото на приговор по одделни точки. Реформите се однесувале само на Македонија, а биле изземени санџаците и вилаетите од другите области на Балканскиот Полуостров.

Стратегиска грешка на македонските водачи!

Но водачите на Македонската револуционерна организација (МРО), поради недостиг од дипломатски манири и политички прагматизам, прават стратегиска грешка со одбивање на споменатите реформи, реформи што реално можеле да донесат политичка бенефиција. Тоа е особено видливо во ставот на Даме Груев, еден од водачите на Илинденското востание.
Првиот став на Даме во однос на Мирцштешките реформи е прикажан во окружното издадено од 10 декември, во кое се истакнува дека „реформите се ништожни пред целта што ја гониме. Секој знае дека ние не се боревме за жандарми и падари, туку за премавнување на омразеното турско потисништво“. Но откако ги разгледал подетално реформите, Даме испратил еден циркулар до месните комитети во Битолскиот округ, кој се состоел од 12 глави. Во првите осум глави биле претставени реформите, а во последните четири глави биле упатствата за населението како да се жали и обраќа до странските претставници во реформскиот процес. Жалбите и барањата биле групирани во 4 области: 1) Беззаконија на полицијата, жандармеријата и војската. 2) Беззаконие во правосудството. 3) Беззаконие во финансискиот оддел. 4) Промени во државното устројство и елиминирање на постојните неправди. Циркуларот имал цел во сите делови на Македонија да се истапи со еднакви барања и да се компромитираат реформите бидејќи „организацијата нема да ги прифати или отфрли новите австро-руски реформи, организацијата ќе ги игнорира наполно, тие не задоволуваат ниту едно од нејзините барања“, се наведува во споменатиот циркулар. За оваа проблематика, проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев вели дека ставот на Даме Груев бил став и на организацијата, па оттука таа одбила да учествува во реформскиот процес.

Подготовка на теренот за поделба на Македонија

Во овој период најголеми претензии врз Македонија имало бугарското кнежевство, а македонското прашање го заземало централното прашање во надворешната политика на Бугарија, секоја бугарска влада се залагала за присоединување на Македонија кон Бугарија и реализирање на санстефанскиот идеал. Главната официјална цел на Софија по обединувањето на кнежевството Бугарија и Источна Румелија е Македонија да добие автономија, а потоа да биде присоединета кон бугарската држава, оттука Бугарија претендирала на целата територија на Македонија. Освен Бугарија, претензии кон Македонија имале Грција и Србија, а Македонија била од второстепено значење за Романија и Црна Гора. Затоа Бугарија, Грција и Србија ги засилиле своите пропаганди во Македонија за да се стекнат со што подобри позиции.
– Нивната цел била да се обезбедат повеќе грчки, бугарски и српски национални приврзаници во Македонија. Тие во погоден момент требало да послужат како внатрешни национални сојузници и оправдувачки фактор за нивните територијални претензии во Македонија – посочува проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев.
Пропагандите дејствувале преку црквите, училиштата и хуманитарните институции. На црковен план се дејствувало преку одржување на постојните цркви, но и преку подигнување нови верски објекти, преку создавање црковен кадар и верска литература. На просветен план се дејствувало преку одржување и подигнување нови училишта, финансиска издршка на учителите и директорите, стипендии и пансиони за учениците и студентите, како и соодветна литература што не била на македонски јазик. На хуманитарен план најчесто се дејствувало преку болниците. Покрај овие мерки, пропагандите се користеле и со закани до населението, обвиненија и клевети на населението дека се бунтовници, потоа преку користење рушвети или поткуп на турските власти.
Во првата деценија на 20 век се засилуваат вооружените пропаганди на Атина, Софија и Белград во Македонија, пропаганди што имаат за цел подготовка на теренот за поделба на македонските територии. Овој конфликт е само кулминацијата од дејствувањето на трите поголеми пропаганди во Македонија, кои работеле за остварување на националистичките планови на нивните држави, а од другата страна била Македонската револуционерна организација (МРО) која се залагала за автономна Македонија.
По Илинденското востание, врховистичките, андартските и српските чети ја имале поддршката на Бугарија, Грција и Србија, а грчките чети, поради отворениот турцизам, ја имале поддршката на Османлиската Империја, но андартите често се откажувале од помошта на османлиската војска и се здружувале со четите на српската оружена пропаганда. На територијата на Македонија, грчките чети се судирале и со Власите, кај кои била силна романската пропаганда, како и со дејците на албанското националноослободително движење. Најмногу од активностите на вооружените пропаганди страда цивилното македонско население, кое честопати е подложено на масакри. Во овој контекст треба да се спомене и масакрот во Загоричани од 1905 година извршен од страна на 300 андарти под команда на капетанот Вардас (Георгиос Цондос). Во текот на нападот, селото Загоричани кај градот Костур било запалено и биле убиени 79 селани, според други извори бројката е 62 убиени и 6 ранети.
Вооружените пропагандни чети се пасивизираат со младотурскиот државен удар од 1908 година, познат и како Младотурската револуција, а според османлиските извори во овој период биле активни околу 110 чети на Македонската револуционерна организација, 80 андартски чети, 20 српски и осум влашки чети. Д.Ст.

(продолжува)