Една од најголемите трагедии на македонскиот народ е Букурешкиот мировен договор, но овој историски настан има своја предисторија и генеза. Поделбата на Македонија беше условена од геополитичките интереси на моќните европски сили, пред сѐ на Австро-Унгарија и Руското Царство, но и од територијалните апетити на балканските држави. Македонското револуционерно движење настојувало да ја спречи поделбата на Македонија преку одвојување на македонското прашање од општото источно прашање преку политичка автономија, но македонските водачи направиле стратегиска грешка кога одбиле да ги прифатат Мирцштешките реформи, кои произлегувале од Илинденското востание од 1903 година. Со Букурешки договор од 10 август 1913 година, Македонија беше поделена помеѓу балканските држави, а припадниците на македонскиот народ сѐ уште ги чувствуваат последиците
Повод: Букурешкиот договор и 111 години од поделбата на Македонија
Букурешкиот договор е потпишан на 10 август 1913 година меѓу завојуваните страни во Втората балканска војна: Србија, Црна Гора, Грција и Романија од едната страна и Бугарија од другата страна. Поради секогаш постојните интереси на големите сили, како и поради (и тогаш, како и сега) отсуството на чувството за реалност и објективност кон македонскиот народ, големите сили останале заднински да управуваат со прекројувањето на регионот, а завојуваните балкански држави „транспарентно да се појават како политичко-државно-ентитетски кројачи“. На тој погубен ден (10 август) за Македонија, пред сто и единаесет години, немало претставници од Македонија. Но претставници на Македонците од повеќе асоцијации, особено од Русија и од Швајцарија, интервенирале да се зачуваат идентитетот на македонскиот народ и единството на природната целина на македонската територија. Попусто. Големите сили не го зеле тоа предвид и веднаш по потпишување на договорот започнало масовното асимилирање на Македонците во Бугари, Грци, Албанци, Јужни Срби… Последиците се чувствуваат и денес…
Болниот од Босфорот
Во втората половина на 19 век продолжува опаѓањето на Османлиската Империја, поради што во европските дипломатски кулоари за султанот и понатаму се говори како за „Болниот од Босфорот“, а т.н. источно прашање се продлабочува и усложнува. Поради геополитички причини, во европскиот дел на султановата империја се судирале интересите на сите моќни европски држави, особено на Руското Царство и Австро-Унгарија.
Со осамостојувањето на неколку балкански држави, како што се Грција, Србија и Бугарија, политичката ситуација на Балканскиот Полуостров уште повеќе се усложнила поради нивните територијални апетити и експанзионистички политики. Атина, Белград и Софија се судираат особено околу прашањето за Македонија, поради што во последните децении на 19 век постои можност за војна помеѓу балканските држави. Сложеноста на источното прашање доведува до статус кво, но и до можност за поделба на Македонија со цел да се задоволат апетитите на сите претенденти, особено видливо во руско-австрискиот договор од 1897 година.
Според д-р протојереј Атанас Лажовски, кој се занимава со истражување на руската надворешна политика кон Балканот и Македонија, големите сили настојувале преку почитување на целоста на Османлиската Империја да воспостават рамнотежа на Балканот.
– Тоа е време кога Русија поради внатрешните проблеми, a особено поради зафатеноста на Далечниот Исток, водела дефанзивна надворешна политика на Балканот. Од тие причини биле планирани преговори за потпишување договор меѓу Русија и Австро-Унгарија со кој би била одржана непроменливоста на империјата – посочува Лажовски.
Согласноста меѓу двете држави најпрво била потпишана во Виена во 1896 година, a потоа била потврдена на втората средба во Санкт Петербург, во мај 1897 година, кога тука допатувал и царот Франц Јосиф. Средбата била одржана во „Зимскиот дворец“ пред двајцата императори, a од Муравјев и Голуховски било изнесено заедничко соопштение. Со цел да не cе појават некакви недоразбирања, бидејќи извештајот не бил изразен со размена на документи, Муравјев побарал од Голуховски да го изложи заклучокот во писмена форма. Австрискиот министер го направил тоа од Виена и го испратил до својот претставник во Петербург, кнезот Лихтенштајн, a потоа бил предаден до грофот Муравјев. Меѓу другото, во договорот било нагласено дека „останатите слободни земји на полуостровот се делат меѓу малите балкански држави, за зачувување на рамнотежата“.
Преговори за поделба на Македонија
Во 1896 година по меѓународното признавање на Фердинанд за кнез на Бугарија, тој презел широка турнеја низ Европа, која започнала во Цариград. Таму, тој остварил голем број средби со официјалните отомански лица и повеќе претставници на дипломатскиот кор. На 6 април 1896 година се сретнал со српскиот дипломатски претставник Владан Ѓорѓевиќ. Притоа, Фердинанд ја истакнал потребата од српско-бугарско зближување за што главен проблем претставувале нивните спротивставени интереси во Македонија. Во разговорот, Фердинанд потенцирал дека додека Србите и Бугарите се расправале за раженот, зајакот сè уште бил во шума.
Во контекст на тоа Фердинанд истакнал: „Во Македонија, главната маса од населението ниту се Бугари, ниту Срби, туку Словени и христијани, кои зборуваат јазик подеднакво далечен или ако сакате подеднакво близок на српскиот и на бугарскиот јазик, но, јазик, кој е посебен дијалект, ако не и посебен јазик. Наместо да се караме околу тоа, дали тој е дијалект на српскиот или бугарскиот јазик, ние треба заеднички да работиме и тоа овде (Цариград б.н) кај нашиот заеднички татко Султанот, за да им даде на своите верни поданици во Македонија такви реформи кои ќе им осигураат човечки живот и културен развиток… Ако тоа се реши, културата на Македонците ќе го реши прашањето кое што никоја сила не може да го реши, па дури ако Србите и Бугарите поради тоа ја фрлаат на коцка својата државна егзистенција“.
Бугарскиот владетел понудил формирање сојуз во кој, според него, требало да влезат Бугарија, Србија и Црна Гора, но бил против влегувањето на Грција, сметајќи дека таа сака да го искористи српско-бугарскиот антагонизам и да приграби голем дел од Македонија. Во контекст на оваа политика, во мај 1896 година Фердинанд се нашол во Белград и имал средба со српскиот крал Александар Обреновиќ и српскиот прв министер Стојан Новаковиќ.
Според проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, на оваа средба, српскиот премиер истакнал дека треба да се постигне договор за поделба на Македонија на сфери на влијанија, меѓутоа српскиот крал бил поотворен. Тој истакнал дека на Србија ѝ е потребен излез на море и затоа, реката Струма треба да биде линијата за разграничување меѓу двете земји. Фердинанд во својот дневник запишал дека оваа прашање ги разделува, нагласува Ванчо Ѓорѓиев.
Малку подоцна, Бугарија на чело со Фердинанд добила понуда за преговори од страна на Грција и преговорите се воделе во Букурешт, но двете страни не се договориле. Откако Бугарија не се договорила со Атина, дошло до бугарско-српско зближување. На 1 март 1897 г. во Софија пристигнал српскиот крал со својата делегација. Два дена подоцна бил потпишан договорот меѓу кралството Србија и кнежевството Бугарија, а договорот предвидувал: 1) Двете влади договорно да ги разгледуваат прашањата од заеднички интерес на српскиот и бугарскиот народ во Османлиското Царство; 2) Ниедна од договорните страни, без претходна согласност на другата, да не презема ништо на политички и воен план што ќе го наруши постојното статус кво; 3) Додека заемно не се утврдат српските и бугарските интереси на национален, црковен и просветен план во Османлиското Царство, двете страни да не си пречат, туку заемно да си помагаат; 4) Со спогодбата да се запознае кнезот на Црна Гора и да се покани и тој да пристапи.
По потпишувањето на договорот, Србија постојано барала поделба на Македонија 50:50 и, според Белград, териториите западно од реката Вардар требало да ѝ припаднат на Србија заедно со Скопје и Куманово, а источно од Вардар на Бугарија, додека Солун требало да се наоѓа под заедничка управа. Проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев посочува дека српско-бугарските односи биле влошени поради бугарскиот трговски агент Димитар Ризов од Скопје. Сите обиди да се подобрат српско-бугарските односи биле неуспешни.
Во 1903 година, поради случувањата во Македонија дошло до влошување на односите меѓу Бугарија и другите балкански држави. Францускиот амбасадор во Лондон – Кабон, по средбата со српскиот крал и романскиот дипломатски претставник, истакнал: „Романија, Србија и Грција имале желба да ја видат Бугарија на колена пред султанот, исто како што балканските земји сакале да ја видат Грција во една грчко-турска војна… христијанските народи на Балканот биле спремни да се уништат меѓу себе, поради што прифаќале соработка со неверникот“.
Српскиот крал на средбата со Кабон се искажал „против сите опции за Македонија. Против делење, против автономија, бидејќи не сакал да види реприза на Источна Румелија и против реформи спроведени од страна на големите сили… да види војна меѓу Бугарија и Турција, со што Бугарија би добила една лекција за наредните 25 години да не помисли да се меша во Македонија“.
Во текот на Илинденското востание, црногорскиот кнез Никола имал средба со бугарскиот дипломатски претставник во Цетиње. На оваа средба, кнезот истакнал дека Црна Гора може да активира 50.000 војници против Османлиското Царство, а Србија, Бугарија и Црна Гора би можеле заедно да изведат 500.000 војници. Меѓу другото, кнезот сметал на руска, англиска и италијанска помош и така би се решило македонското прашање со делба или автономија. Во текот на 1903 година дошло до затегнување на турско-бугарската граница. За да се нормализираат односите, во октомври 1903 г., во Цариград бил испратен Григор Начовиќ. Под притисок на големите сили, двете држави започнале преговори, а Фердинанд, под притисок на Германија, се откажал од барањето за спроведување реформи во Одринско. Од овие преговори произлегла Бугарско-турска спогодба од 1904 година. Д.Ст.
Продолжува