Фото: Приватна архива

Кога ќе се читаат првин македонски автори и кога ќе се полнат концертни сали со музиката на Трпчевски или на Стефановски, наместо со увозни турбофолкери, нештата ќе тргнат на подобро…

Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик

Како да го негуваме македонскиот јазик? Како да се популаризира и актуализира стандардниот македонски јазик? Како да навлезе во секоја пора од општеството?
Со читање, пишување и говорење македонски јазик, рецитирање македонска поезија и во институции и во кафеани, слушање македонска музика, гледање македонски филмски и театарски остварувања, навивање на спортски натпревари на македонски јазик, мислење, чувствување и сонување на македонски јазик каде и да си расеан по светот… Преку соживот и живот на македонски јазик, раскажување приспивни приказни на нашите чеда, првин на македонски, а потоа на сите други јазици, оти ниту еден друг јазик не може да ти биде прв и приоритетен од твојот државен јазик. Така се популаризира и актуaлизира јазикот наш насушен, со векови потиснуван и истиснуван, но жилав како троскот, како „Пиреј“ на Петре М Андреевски или како што запишал Анте Поповски, „Кога ќе зачекориш низ македонски јазик земјата сѐ повеќе прилега на тебе, ти – на неа. Ти ја читаш – таа те пишува“. Но „Не може од човекот да излезе она што го нема, било позитивно, било негативно“ – Карл Јунг.
Од сите нас, државјани на Македонија, најмалку што треба да излезе е одговорноста кон државниот јазик! Ние возрасните треба на децата да им го наметнеме култот кон македонскиот јазик, да го разберат макотрпниот пат кон посебноста и кодификацијата на македонскиот јазик. Децата се како нашиот јазик, ако не ги чуваме со љубов, не може правилно да растат, да се развиваат и да опстојуваат.
Како родител не можеш да изродиш или да исчуваш повеќе деца отколку што можеш да воспиташ и да им пренесеш знаење на своите ученици. Но факт е дека карактерот на човекот се формира од најраната возраст, па така, ние учителите во средно образование не можеме многу да поправаме на темата превоспитување. Младите се подготвени да го чуваат јазикот онолку колку што ние ќе им дадеме услови и мотивација преку лични примери. Кога ќе се читаат првин македонски автори, па потоа странски бестселери и кога ќе се полнат концертни сали со музиката на Симон Трпчевски или на Влатко Стефановски, наместо со увозни турбофолкери и Десингерици што ѝ плукаат во уста на еуфоричната младина, ќе тргнат нештата на подобро.

Интернет-комуникацијата неизбежно создаде и оспособи (генерација што работи со палци на тастатура) нова т.н. палец-генерација (Y Z), односно млади луѓе што вешто владеат со новата технологија и новите медиумски канали. Сѐ повеќе се користи компјутерската технологија уште од најмала возраст, во училиштата и како нагледно и како задолжително средство за учење. Во различноста на перцепцијата и поделеноста на ставовите, компјутерите за некого се исто што и вакцините, заговор, чип, нужно зло… Но ние живееме во нов милениум и мора да се адаптираме на новите животни услови. Сакале да признаеме или не, компјутерите ги истуркаа книгите од употреба, ги „мјутнаа“ разговорите на децата и ги заменија со „емотикони“ и „гифови“. Сѐ почесто ги гледаме малите деца со таблет или мобилен во рака, а сѐ поретко со книги и сликовници. Тука се јазолот и причината за промена на изразните средства и стилот на комуникација. Сѐ покуси реченици, сѐ почести жаргонизми, англонизми, скратеници и јазици на компјутерската технологија. А не може да се зборува или пишува течно и правилно ако не се читаат книги.

Како да се популаризира и актуализира стандардниот македонски јазик? Како да навлезе во секоја пора од општеството? „Нова Македонија“ во повеќе написи ги објавува одговорите и идеите на нашите интелектуалци – докажани и истакнати македонисти, професори, уметници, писатели…

Комуникацијата е клонирана, нема индивидуалност и автентичност, такви се и писмените задачи, „копипејст“. Жаргонот е многу чест во разговорниот јазик, а кога ги слушате или читате младите како зборуваат на нивен сленг или таен јазик изгледа симпатично, „пошо“ „секад“ уфрлаат позајмица од туѓ јазик за да звучат интересно. Но жаргоните само во литературните, драмски дела добиваат уметничка вредност. Во драмите на Горан Стефановски скопскиот сленг од времето на Вардарска Бановина и тоа како има уметничка вредност. Но нашата должност, како учители и наставници, е да зборуваме литературно на часовите, да ги поправаме учениците кога зборуваат или пишуваат неправилно, да ги мотивираме да читаат, говорат и да пишуваат, но и да ги оставиме на „раат“ во нивната меѓусебна „улична“ комуникација. Стилот на говорењето е сличен како и стилот на облекувањето, не секаде можеш со ист стил да зборуваш или да се облекуваш.
Недозволиво и недолично е при јавно медиумско обраќање користење сленг и жаргон. И не звучи симпатично кога ги слушаме политичарите и парламентарците како јавно користат нелитературен јазик. Електронските медиуми, како Фејсбук, Твитер, Тикток и слично, се друг вид на јавна комуникација и таму секој со својот ум и потреба, без цензура. Кога твојот мајчин јазик, јазикот на татковината, родината е твојот официјален, државен јазик, тогаш е твоја светост и светлина. Така треба да го негуваш. Само љубовта кон јазикот може да го вгнезди во сите општествени пори каде што останува гласноговорлив покрај сите немотии…