Особено беа погодени акциите на големите компании / Фото: Пиксабеј

Деновиве беше регистриран т.н. пад на берзите во САД, Европа и во Азија, во кој особено беа погодени акциите на одредени големи компании, кои загубија дваесет или повеќе долари по акција во првите неколку часа од отворањето на берзанскиот пазар. Колапсот беше најголем во Јапонија, каде што т.н. берзански индекс Никеи падна за повеќе од 10 отсто. Влијанието не беше ограничено само на акциите туку се прелеа и на пазарот на криптовалути. Цената на биткоинот падна за неколку илјади долари, а беше забележан пад и на цената на златото. Што велат финансиските експерти за тоа, дали тоа е најава за голема финансиска криза или е само лажна тревога?

Анализа за причините и проекции за последиците на ненадејниот остар пад на берзите во САД, Европа и во Азија

Ненадејниот остар пад забележан на берзите во САД, Европа и во Азија предизвика лавина шпекулации за можен почеток на голема светска криза, при што инвеститорите беа непријатно изненадени кога индексите паднаа за неколку процентни поени на понеделничкото отворање на берзите, пренесуваат светските медиуми. Особено беа погодени акциите на одредени големи компании што загубија дваесет или повеќе долари по акција во првите неколку часа од отворањето на пазарот. Колапсот беше најголем во Јапонија, каде што берзанскиот индекс Никеи падна за повеќе од 10 отсто. Влијанието не беше ограничено само на акциите туку се прелеа и на пазарот на криптовалути. Цената на биткоинот падна за неколку илјади долари, а беше забележан пад и на цената на златото.
Потрагата по „виновникот“ за ваквото нагло опаѓање почна многу брзо, па се бараа знаци за претстојна криза. Иако ситуацијата се смири до крајот на денот, аналитичарите изнесоа грст причини за да го објаснат падот на големите светски берзи.

Што го предизвика големиот пад на берзите?

Се смета дека главната причина за ваквиот пад на берзите, сепак, е техничка, а не предизвикана од лоши макроекономски показатели или геополитички настани. Тоа не значи дека нема показатели што укажуваат на доаѓање на криза, ниту дека треба да се игнорираат, туку оти нивните негативни влијанија сè уште не се материјализирани во форма на почеток на рецесија.
Низа настани што почнаа на девизниот пазар, поради таканаречените „кери трејдови“, доведоа до пад на берзите. Во суштина, станува збор за позајмување валута на земја што има ниска каматна стапка, што значи дека „треба да се плати ниска каматна стапка на кредитот, а да се купи валутата на земјата каде што каматната стапка е повисока“.
Главната премиса е едноставна; се позајмува во валута за која треба да се плати помалку (ниска каматна стапка) и се купува во валута што носи повисоки приноси (на пр. обврзници и акции). Трговците, главно хеџ-фондови, позајмуваа јапонската валута јен, за која плаќаа камата до 0,1 отсто. Тие купија американски државни обврзници, со принос меѓу три и пет отсто, како и акции.
Проблемот настанува кога централната банка на државата со валутата во која се задолжува ги зголемува каматните стапки, што доведува до зајакнување на таа валута во однос на другите. Токму тоа се случи со јапонскиот јен, бидејќи централната банка на Јапонија ги зголеми каматните стапки од 0-0,1 отсто на 0,25 отсто на 31 јули.
Тоа доведе до зајакнување на јенот во однос на доларот. Трговците потоа почнаа да продаваат средства деноминирани во долари за да ги покријат флуктуациите на девизниот курс. Тие мораа да продаваат акции за да ги покријат загубите и да го задржат ризикот на прифатливо ниво.

Проширена е паника, сега се бара виновникот

Објаснувањето на процесот е поедноставено, но оваа корекција на пазарот доведе до искра што резултираше со потрага по причините за големиот број продажби на акции, од кои немаше недостиг.
Пред викендот беше објавен извештај за вработеноста во САД, кој покажа дека во јули се отворени десетици илјади работни места помалку отколку што очекуваа аналитичарите и сто илјади помалку од истиот месец минатата година. Годишните податоци го влошија впечатокот, бидејќи невработеноста порасна од 3,5 на 4,3 отсто, а забави и растот на платите.
Ситуацијата ја влоши веста дека Ворен Бафет, еден од најпознатите инвеститори во светот, продал половина од акциите на „Епл“ во првите шест месеци од годинава. „Епл“ беше убедливо најголемиот дел од портфолиото на конгломератот на Бафет, „Беркшир Хатавеј“.
Компаниите од технолошкиот сектор, кои долго време беа носители на растот на берзите, најавија послаби финансиски резултати од очекуваните. „Епл“, „енвидија“, „Мајкрософт“, „Амазон“, „Тесла“, „Мета“ и „Алфабет“ исто така загубија стотици милијарди долари од вредноста на акциите за време на падот во понеделникот.

Централната банка на САД (Фед) повторно доцни?

Во текот на 2022 и 2023 година Фед, централната банка на САД, ја зголеми каматната стапка како дел од борбата против инфлацијата. На почетокот на претходната година беше 0,25 отсто, а до јули минатата година порасна на 5,5 отсто и остана на тоа ниво.
Политиката функционираше, а стапката на инфлација од девет отсто на годишна основа падна на три отсто. Тоа сè уште не е целта од два процента, но охрабри некои аналитичари да повикаат на прекин на антиинфлациската политика и почеток на намалување на каматните стапки на централната банка.
Тоа би довело до поголем економски раст, бидејќи трошоците за задолжување би паднале и со тоа би ја стимулирале побарувачката. Тоа веројатно ќе се случи до крајот на годинава, но некои аналитичари сметаат дека Фед доцни со намалувањето.

Почетокот на кризата ќе биде диктиран од јавниот долг на САД

Оваа распродажба на берзата беше предизвикана од технички фактори, едноставна реевалуација на позициите по историската одлука на централната банка на Јапонија, но тоа не значи дека нема голем број показатели што укажуваат на слабост на светската економија и претстојната рецесија.
ЕУ колективно реално стагнира, а проблемите се појавуваат во некои клучни земји веќе подолго време. Војната во Украина може да се обвини за тешкотиите во 2022 и 2023 година, но досега стана јасно дека тие се од системска природа. Германија, моторот на економијата на ЕУ, спроведе скапа и неизвесна енергетска транзиција во време на раст на цените на енергијата, за што плаќа висока цена.
Почетокот на кризата ќе биде диктиран од економската состојба во САД, поради фактот што тие се најголемиот увозник во светот. Во исто време, САД имаат огромен проблем со јавниот долг, кој надмина 35 трилиони долари. Поради зголемувањето на трошоците за задолжување (камата), годинава ќе се плаќа противвредност од три отсто од БДП за враќање на каматата на долгот и сочинуваат 18 отсто од вкупните расходи на федералниот буџет.
Без разлика кој ќе победи на претседателските избори во САД, тие ќе мора да ги намалат јавните трошоци за да спречат должничка криза во САД или пад на вредноста на доларот. Намалувањето на кредитниот рејтинг, кое веќе беше објавено на крајот на минатата година, нема да се избегне.
Намалувањето на трошоците на американската влада ќе доведе до лавина: американското население ќе почне да троши помалку и САД ќе го намалат увозот, што може да предизвика забавување на најголемите светски економии и да доведе до рецесија и невработеност.
Кризата речиси извесно доаѓа, ако не поради друга причина, тогаш барем поради цикличноста на самата економија, но последните случувања на берзите не го означија нејзиниот почеток. Доказ за тоа е забележаното закрепнување на сите берзи што беа во минус во понеделникот, како и закрепнувањето на цената на биткоинот и другите криптовалути. Е.Р.