Најгледаниот италијански филм за 2023 година, „Секогаш има утре“, е еден вид феминистички реализам што режисерката Паола Кортелези го снима во беспрекорен неореалистички стил. Оваа социјална драма, која се фокусира на положбата на Италијанката од работничката класа веднаш по завршувањето на Втората светска војна, им се обраќа и на денешните жени со порака на предупредување, но и на надеж.
Приказната се одвива во Рим во 1946 година, а филмот, како и сите италијански неореалистички филмови, е црно-бел и ја раскажува приказната за Делија (Паола Кортелеси, која го режира филмот), жена од работничка класа што живее во подрум со нејзиниот насилен сопруг Иван (Валерио Мастандреа) и со три деца.
Беспрекорно снимен и режиран, „Секогаш има утре“ лани беше голем хит во италијанските кина, дури и поголем од „Барбенхајмер“. Режисерката и главна актерка Паола Кортелези ја освои публиката со својата социјална драма со изразени феминистички ноти. Таа го направи тоа не само со прецизно неореалистичко прикажување на положбата на Италијанките во општеството веднаш по Втората светска војна туку и со фин суптилен хумор, со радоста на животот и надежта што се провлекуваат низ целиот филм, особено во неговата кулминација. Филмот е реален приказ на животот на жените, особено од работничката класа од средината на 20 век во оваа јужноевропска, медитеранска земја, но и универзално предупредување за положбата на жената денес, која сè уште е далеку од она што би требало да биде.