Со развојот на македонското револуционерно-ослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, официјалните османлиски власти, некогаш по сопствена иницијатива, а другпат по сугестија на големите сили, пристапувале кон амнестија на македонските политички затвореници – револуционери
Османлиските власти и чинот на помилување кон носителите на револуционерно-ослободителното движење во Македонија (3)
Спроведувањето на амнестијата не било проблематично само за илегалните водачи и војводи на ТМОРО што се наоѓале на територијата на Османската Империја туку и за оние што побегнале во Бугарија. Тие, како такви, претставувале потенцијална опасност за турско-бугарските односи. Оттука, генералот Рачо Петров на 21 мај (ст. стил) 1904 година го информирал бугарскиот дипломатски агент во Цариград, Григор Начович, дека би требало да се преземат дополнителни мерки пред османлиските власти за да се обезбеди мирно и слободно враќање на оние војводи и четници што се наоѓале на територијата на Бугарија и што изразиле желба да му се вратат на мирниот живот. Според Рачо Петров, амнестирањето на овие лица би било од интерес за „турската влада“, бидејќи на тој начин таа ќе има целосна контрола над нив дури и ако тие повторно се оддадат на револуционерна активност, отколку при нивниот престој во Бугарија.
На 25 мај (ст. стил) 1904 г., Г. Начович го информирал Рачо Петров дека Високата порта во принцип се согласила амнестијата да се прошири врз оние војводи и четници што се наоѓале на територијата на Бугарија и што изразиле желба да се вратат назад доколку ветат дека ќе бидат лојални граѓани на Империјата. Во таа смисла побарал да му биде пратен список со имињата на сите четници и војводи на бугарска територија што сакале да се вратат во својата татковина. Притоа, да биде доставена и една заедничка изјава од сите. Сепак, враќањето на таквите лица не било едноставно.
Карев и Никлев се обиделе да ја искористат можноста за амнестија
Од територијата на Бугарија можноста за амнестија се обиделе да ја искористат творецот на Крушевската Република, Никола Карев, и неговиот најблизок соработник Томе Никлев. Тие, на 22 април (ст. стил) 1904 година, писмено се обратиле до генералот Рачо Петров во својство на министер за надворешни работи и вероисповед. Во молбата навеле дека спаѓаат во бројот на оние што се обвинети како активни учесници во востанието во Битолскиот округ во 1903 година и дека ним им била припишана сета вина за настаните во Крушево за време на востанието. Бидејќи нивното подолго задржување во Бугарија било невозможно, тие изразиле молба да дознаат преку бугарскиот дипломатски претставник во Цариград дали влегуваат во редот на амнестираните и дали за нив нема опасност доколку се вратат во својата татковина. Во врска со тоа, Министерството за надворешни работи на Бугарија истиот ден писмено се обратило до Османлиското комесарство во Софија.
Во обраќањето се вели дека Никола Карев и Тома Никлев признале дека учествувале во востанието во Крушево и дека му нанеле штета на градот (како: палење на конакот, поштата и телеграфот). Притоа се нагласило дека споменативе двајца изразиле желба да се вратат во своите домови, но претходно се интересирале дали амнестијата се однесува и на лицата од нивната категорија и дали ќе нема пречки за нивно враќање и останување во Крушево.
Следниот ден (23 април / 5 мај 1904 г.) Османлиското комесарство во Софија го информирало Министерството за надворешни работи на Бугарија дека општата амнестија трае 40 дена од денот на објавувањето и дека лицата што одлучиле да ја прифатат султанската милост имаат можност сами да ја искористат во предвидениот рок, додека лицата што ја признале својата вина или кои ќе признаат дека се виновни за некаков престап по датумот на објавувањето на амнестијата се исклучени од неа и против нив ќе бидат поведени судски процеси.
Сепак, и покрај тоа, Никола Карев и Тома Никлев на 17 јуни (ст. стил) 1904 година преку Османлиското комесарство во Софија се обратиле до османлиската влада. Меѓу другото, во својата молба тие напишале: „Бидејќи потпишаните спаѓаме во бројот на оние што се обвинуваат за активни учесници во движењето од минатото лето (1903 г.) во Битолскиот вилает; нешто повеќе, бидејќи нам ни се припишуваат и сите случувања за време на движењето во Крушево како на водачи, а по нашето две-тримесечно скитање низ горите, ние решивме да ја поминеме границата уште во месец септември истата година; сега кога се покајуваме за оваа недобро обмислена работа од наша страна и во која ние бевме вовлечени, кога се откажуваме од досегашното движење, со ова ја молиме нашата почитувана Влада на Османлиската Империја, врз основа на дадената амнестија од Н.И.В. султанот, да бидеме помилувани за да можеме да ја искористиме амнестијата и да се вратиме кај своите домашни, да се оддадеме на нашата мирна работа и да бидеме верни поданици на почитуваната Отоманска Империја.“
Рачо Петров, во врска со овој случај на 23 јуни (ст. стил) 1904 година, му напишал на Г. Начович во Цариград дека Н. Карев и Т. Никлев „категорично изјавувале“ оти „горко се каат“ за своите постапки и со воодушевување зборувале за своите мирољубиви намери. Како важни личности, за нивното враќање Р. Петров барал да се издејствува „специјална дозвола“.Засега не располагаме со евентуалниот одговор на власта на молбата од водачите на Крушевската Република. Меѓутоа, со оглед на фактот дека тие останале илегалци, повеќе од јасно е дека нивното каење не било прифатено.
На 3/16 јуни 1904 г. бугарскиот трговски агент во Скопје, Тодор Нетков, го информирал Гр. Начович дека рокот за предавање на четниците поминал одамна, но и дека имало поединци во планините што сакале да се предадат. Во прилог на тоа наведува дека кај него дошол еден родител чиј син бил четник и дека заедно со неговиот другар имале желба да се предадат. Локалните власти истакнале дека немале наредба да ги проследат оние што не се предале до предвидениот рок, а од друга страна не сакале на своја одговорност да ги остават на слобода оние четници што би се предале по изминатиот рок за амнестија.
Водачите на револуционерното движење биле подготвени да продолжат со оружената борба
Австроунгарскиот цивилен претставник Милер, во извештајот од Битола од 10 јули 1904 година, до министерот Голуховски, меѓу другото, напишал дека „амнестијата за политички компромитираните лица од претходната година е спроведена со помош на детална контрола на цивилните претставници на брз и, секако, либерален начин. Во целина, со амнестијата беа опфатени 1.806 лица“. Во продолжение на извештајот се наведува дека по истекот на првичниот даден рок, истиот тој бил продолжен за уште еден месец за да може неказнето да ја искористат оние лица што можеби не разбрале за неа, но услов за тоа било тие да не извршиле никакво злосторство по објавувањето на амнестијата. Во врска со тоа додал: „Ако овој пат цивилните претставници со генералниот инспектор се застапија за најширока примена на правото на помилување, тие притоа појдоа од ставот дека најпрво треба да се направи колку што е можно потемелно расчистување со минатото. Наспроти тоа, во иднина ќе треба уште повеќе да се настојува за повторно воведување на амнестијата, која според нејзината природа може да биде само исклучително средство за амнестирање, бидејќи при многу честа примена таа може да влијае деморализаторски“.
Како и да е, прашањето за предавање и амнестија на водачите на ТМОРО доживеало тотално фијаско. Причините за тоа лежеле на двете страни: едните биле кај власта, а другите кај водачите на револуционерното движење. Така, власта применувала непрецизни, комплицирани и недоречени процедури за легализација, при што отсуствувале единство и координација помеѓу централната власт, генералниот инспектор, валиите и меѓународните реформски мандатори. Од друга страна, водачите на револуционерното движење не биле задоволни од Мирцштершките реформи и биле подготвени да продолжат со оружената борба, поради што ја отфрлиле амнестијата. Оние, пак, што изразиле таква желба, власта не сакала да ги амнестира. Оттука, предавањето и амнестирањето на илегалните вооружени активисти на ТМОРО се свеле на инцидентна појава на одделни лица од низок ранг, кои случајно или под притисок на стихијата се нашле во востанието.
Проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев
(крај)
Авторот е редовен професор на Институтот за историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје