Фото: Пиксабеј

Решенија за одгледувачите во услови на климатски промени

Производителите на маслиново масло го подобруваат наводнувањето и бараат нови сорти на маслинки за да го зачуваат производството бидејќи климатските промени ја загрозуваат жетвата, предизвикувајќи зголемување на цените на главниот дел од медитеранската исхрана.
– Климатските промени веќе се реалност и ние мора да се приспособиме на тоа – рече извршниот директор на Меѓународниот совет за маслинки (ИОК), Хаиме Лило, на отворањето на конгресот за маслиново масло во Мадрид.
Собирот се случува кога најголемите светски производители на маслиново масло, вклучувајќи ги Шпанија, Италија и Грција, забележаа невиден пад на производството во изминатите две години поради екстремната суша и повторените топлотни бранови. Глобалното производство на маслиново масло падна од 3,42 милиони тони во сезоната 2021-2022 до 2,57 милиони тони во сезоната 2022-2023, покажуваат податоците на МОК. А според податоците доставени од 37-те земји членки на организацијата, таа повторно ќе падне во периодот од 2023 до 2024 година на 2,41 милиони тони.
Ова предизвика зголемување на цените меѓу 50 и 70 отсто во текот на изминатата година, во зависност од сортата за која станува збор. Цените во Шпанија се тројно зголемени од 2021 година.
– Растот на цените беше особено тежок стрес-тест за нашиот сектор. Вакво нешто досега не сме доживеале – изјави Педро Барато, шеф на шпанската Интерпрофесионална организација за маслиново масло.
Тој додава дека мора да се подготвиме за „сè покомплексни сценарија“, кои ќе ни овозможат да се соочиме со климатската криза. Тој ги спореди турбуленциите со кои се соочија производителите на маслинки со оние што ги доживеа банкарскиот сектор за време на финансиската криза во 2008 година.
Повеќе од 90 отсто од светското производство на маслиново масло доаѓа од медитеранскиот басен. Меѓувладиниот панел на Обединетите нации за климатски промени (ИПЦЦ) соопшти дека регионот се загрева за 20 отсто побрзо од глобалниот просек. Оваа ситуација може да влијае на светското производство на долг рок.
– Се соочуваме со деликатна ситуација, која подразбира промена на начинот на кој ги третираме дрвјата и почвата – рече Георгиос Кубурис, истражувач во грчкиот институт за маслинки.