Со чувство за дозирана иронија и суптилен хумор, овие драми мошне приемливи и за читање, ги отвораат просторите на мечтите на режисерите и на размислите на гледачите за тоа до каде сме стигнале со возовите без возен ред, се наведува во поднасловот што на страниците од културата за српската објава на драмите на Томислав Османли од перото на критичарката Александра Ѓуричиќ ги објавува саботното издание на угледната белградска „Политика“. Авторитетот на оваа долгогодишна критичарка почива и на нејзината исклучителна ерудиција, стекнувана на студиите по музика на салцбуршкиот „Моцартеум“ и наедно на додипломските и на постдипломските студии по историја на уметност и театрологија на белградскиот Факултет за драмски уметности.
Македонскиот писател е претставен на самиот почеток од освртот: „Еден од најпознатите современи македонски писатели, Томислав Османли (Битола, 1956), е присутен и во српските преводи како автор на неколку романи и збирки раскази, меѓу кои се издвојуваат романот ’Зад аголот’ (Албатрос плус, 2017) и збирката раскази ’Светилка за Ханука’ (Прометеј, 2021)…“
– Во книгата, која содржи три драмски текста, „Пат за Парамарибо“, „Двајца во еден“ и „Апокалиптична комедија“, Османли се претставува како иновативен драматург со разиграна имагинација и дистописка ориентација. Неговите херои минуваат низ време што мирува, повторувајќи ги истите историски обрасци што влијаат на нивните животи. Метафората на возот со кој патуваат анонимните и познатите ликови од различни епохи е совршено искористена за да ја отслика вечната потреба да се избега до некое идеално место за живеење, конечна станица и дестинација што ќе промени сè на подобро, во споредба со пеколот на лулката, на саканиот роднокрај во кој нормалниот живот е невозможен… – пишува белградската критичарка во својот текст.