Бидејќи кај нас системското решавање на работите речиси секогаш затајува – неопходно е сите што на некаков начин влијаеме врз чистотата на македонскиот јазик да имаме лична одговорност и света обврска за негово негување

Виолета Танчева-Златева, писателка и лекторка

Луѓето ретко размислуваат за она што им е дадено со раѓање, за кое не морале да се изборат за да го стекнат. За нешто што им е постојано на располагање, со кое слободно можат да се служат и секојдневно да го користат. А тоа можеби најмногу важи за јазикот.
Преку јазикот нашите блиски ни ги пренесувале првите сознанија за светот што нѐ опкружува и ни ги раскажувале првите приказни, а наставниците нѐ учеле на појавите, настаните и личностите од поширокиот свет. Со јазикот ги откриваме земјите и континентите, старите цивилизации и новите движења, планетите и целата вселена, и физичката и онаа внатре во нас. Со текот на годините, јазикот ни станува ризница на знаењата и чувар на духовното богатство и на нашиот идентитет.
Но јазикот неминовно го следи и го одразува животот. А нашиот живот во последните четири-пет децении доживува огромни промени. Дигиталната револуција го означи почетокот на информатичката/информациската ера, која донесе огромен број нови зборови. Ако порано на повозрасните им беше тешко да изговорат „компјутер“, денес просто не можат да се снајдат во морето од нови поими.
Бидејќи во јазикот дејствува стремежот за приспособување на новите поими кон системот, тие полесно се восприемаат и се шират меѓу говорителите кога повеќе им одговараат на својствата на мајчиниот јазичен строеж. Пример за тоа е уесбето – на почетокот го нарекувавме мемори стик или мемориско стапче, но според принципот на економичност на македонскиот јазик, набрзо се рашири неговата употреба како уесбе (мн. уесбиња). На стремежот за „преведување“ на новите зборови долго време му се опира и симпатичниот „самослик“ (или „суетка“) – никако да заживее за сметка на селфито. Но како што пред векови македонскиот човек постепено прифаќал повеќе турски зборови за предмети, појави, занаети што дотогаш ги немал или не му биле познати (шеќер, шербет, кафе, тулумба, ава, теферич, тепсија, аван, кујунџија, арабаџија, па дури и самиот збор „занает“), денес (излегува дека) е нормално да прифаќаме нови зборови за работи што до вчера не постоеја: интернет, веб, линк, Фејсбук, Пауерпоинт, џипиес, трол, стори… Сепак, некои од новите поими можеме да ги „помакедончиме“: шерува – споделува; пост – објава, принтер и принта – печатач и печати, лајкнато – допаднато.
Во годините на фаќање чекор и приближување кон Европската Унија, одредени поими во политиката и социо-економската сфера – а оттаму во медиумите и во секојдневнието – некритички се прифаќаа од највисоките државни инстанци, токму од оние од кои се очекува да покажат поголема грижа за јазикот. Сета таа гломазна терминологија понатаму се вклучуваше во соодветните закони и подзаконски акти и нејзината употреба се ширеше преку документи, извештаи, прегледи, препораки, како и во работата на институциите, на невладините организации, во медиумите. Директна вина за тоа имаат институциите нарачатели на преводи, најчесто од англиски, преведувачите со често принудно брзото и некритично работење, а на крајот и лекторите. Така дојдовме во ситуација да имаме еден завиден корпус на страшилишта од зборови: апликативност, антагонизам, артикулира, агенда, апроуч, бенефити, дистракција, ефектуира, ефективна партиципација, идентификува, инкорпорира, индикатор, инклузија, креативна продукција, медијатор, мониторинг, мрчендајз, опсервер, персонална асистенција, перформанси, ригидна демаркација, ресурси, таргетира, фасилитатор, финален сегмент, фрустрира, флипчарт…
Како да ги расчистиме трњата од нашето јазично поле за да можеме да ги видиме убавите македонски зборови што се задушуваат под нив? Како практичар и јазичен редактор во издавачка куќа, најпрво ги повикувам преведувачите да не се поведуваат толку по оригиналниот јазик и да не преведуваат зборови и реченици, туку повеќе да се трудат да пренесуваат значења, смисла и атмосфера на убав македонски јазик. За да не се случува да добиваме за лектура вакви реченици: „Или пак, за ситни пари, да купат некоја евтина марка егзорцизам од некој советник со имагинација, кој ќе ги седне и ќе им рече, на еден од многуте начини: Вие не сте Грешници.

Како да се популаризира и актуализира стандардниот македонски јазик? Како да навлезе во секоја пора од општеството? „Нова Македонија“ во повеќе написи ќе ги објавува одговорите и идеите на нашите интелектуалци – докажани и истакнати македонисти, професори, уметници, писатели…

Се Грешело Кон Вас.“ Или: „Треба и да ви кажам дека вистинското богатство доаѓа кога живеете со благородните доблести на продуктивноста, самодисциплината, храброста, искреноста, емпатијата и интегритетот, како и со способноста деновите да ги живеете според сопствените услови, наспроти слепото движење на овцата за што се истренирани толку многу луѓе во нашево болно општество.“ Ги повикувам лекторите да не бидат само коректори на очигледни правописни грешки. Многу често тие последни го гледаат делото пред да влезе во печат, па затоа треба да бидат побудни при читањето и подосетливи во изнаоѓањето практични решенија за правилна синтакса и за замена на туѓизмите, и за таа цел да воспостават убава соработка со преведувачите. Ги повикувам новинарите во сите медиуми, а особено на телевизија, да не бидат само механички пренесувачи и читачи на вести и соопштенија, туку будно да се вклучат со содржините што ги пренесуваат и да реагираат со јазичен усет што треба да ѝ е својствен на нивната професија.
Го повикувам Министерството за култура (и туризам – каков несреќен спој!) да го преосмисли работењето на Советот за македонски јазик, да ги задолжи соодветните институти да изготват актуелни прирачници/речници на новата терминологија, да донесе конкретни решенија за почитување на Законот за употреба на македонскиот јазик. Го повикувам Министерството за образование да изнајде начин да го врати сериозното и достоинствено студирање и обучување на идните учители. Да не забораваме дека од нивната способност за пренесување на знаењата и на целиот систем на животни вредности зависи какви ќе ни бидат идните генерации што утре ќе ја претставуваат и ќе ја водат нашата земја. Го повикувам Одделението за лингвистика и литературна наука при МАНУ да ја направи повидлива својата работа со тоа што на пошироката културна јавност ќе ѝ ги направи достапни своите прилози и други публикации.
А во меѓувреме – бидејќи кај нас системското решавање на работите речиси секогаш затајува – неопходно е сите што на некаков начин влијаеме врз чистотата на македонскиот јазик да имаме лична одговорност и света обврска за негово негување.