Голем број пораки за зачувување на националниот идентитет и за посветеност на економскиот развој и на реформската агенда за евроинтеграција на државата, како и честитки од политичари, партии, дијаспората, невладини организации и од стручната јавност беа испратени до македонските граѓани на одбележувањето на големиот македонски национален празник Илинден. Во продолжение издвојуваме дел од пораките и одгласите во јавноста по повод Илинден
Претседателката Силјановска-Давкова:
Нашето место е во Европа, но со заштитен македонски идентитет, јазик, култура
и историско паметење
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова се обрати на манифестацијата во Пелинце подвлекувајќи дека на 2 август 1944 година, пред точно 80 години, делегатите на АСНОМ ја воспоставија слободната македонска држава врз републикански, демократски и антифашистички основи. Асномските документи, како што посочи Силјановска-Давкова во нејзиниот говор, пулсираат со европските прогресивни идеали и се повикуваат на правото на самоопределување и рамноправност меѓу народите, додавајќи дека нашата независна република е компатибилна со проектот за обединета Европа.
Нашето место, рече претседателката, беше и е во Европа, но со заштитен македонски идентитет, јазик, култура и историско паметење, меморија. Македонските институции се подготвени за европските реформи, смета Силјановска-Давкова. Но, како што таа посочи, од нашите европски и стратегиски партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите.
– Нашата Република беше зачната од европските идеали за слобода од тиранијата, еднаквост пред законот, братство меѓу луѓето и народите. Тоа нѐ прави еднакви наследници на врвните европски придобивки. И затоа, освен географски, ние и вредносно, политички и економски припаѓаме кон големото европско семејство. На нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија, сѐ уште се соочуваме со непринципиелни услови што постојано се менуваат. Но знаеме дека меѓу земјите членки имаме многу пријатели коишто се застапуваат за нас и ја будат европската совест кон случајот со нашето маратонско интегрирање. Ние мора да им помогнеме со тоа што нема да отстапиме од зацртаниот европски пат. Тоа е и нашиот пат. Македонските институции се подготвени за европските реформи. Но од нашите европски и стратегиски партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите. Нашето место беше и е во Европа, но со заштитен македонски идентитет, јазик, култура и историско паметење, меморија – рече претседателката.
Силјановска-Давкова потоа заедно со српскиот колега Александар Вучиќ го посети манастирот „Свети Прохор Пчињски“, каде што се одржало Првото заседание на АСНОМ. Двајцата претседатели потоа одржаа состанок, а во изјава за медиумите заеднички оценија дека односите меѓу двете земји се извонредни, и дека ќе продолжат да се развиваат со меѓусебна почит и работа на конкретни проекти.
Премиерот Мицкоски: Нашата борба за зачувување на националниот идентитет и суверенитет е посилна од кога било
Премиерот Христијан Мицкоски се обрати на централната манифестација за одбележување на Илинден одржана во Крушево на Гумење и на месноста Мечкин Камен. Тој порача дека Илинден не е само историска приказна или историски сон туку, пред сѐ, историска вистина. Илинден е, нагласи премиерот, нашиот најсилен повик за акција и единство денес. Во време на глобални предизвици, посочи Мицкоски, нашата борба за зачувување на националниот идентитет и суверенитет е посилна од кога било, а Илинден е повик за сите нас – да продолжиме да се бориме за нашите права, за нашата слобода.
– Борбата не е завршена! Борбата продолжува! Борбата ја водиме со секој наш изговорен збор, во секоја наша направена акција, со секоја наша мечта за подобра иднина. Ова е борбата на нашата генерација со која оставаме трага низ времето, цврсто верувајќи во нејзината исправност и големина. Борбата продолжува, илинденците и партизаните со оружје во рака за слобода, ние со ум, визија и енергија за иднина каква што заслужува секој еден човек. И оваа борба, немаме опција да ја загубиме, и само заедно, во големо единство и со голема посветеност ќе ја добиеме. Илинден е нашиот заеднички светилник во темнината. Илинден е нашата заедничка инспирација и нашиот најголем потсетник дека секоја генерација има своја борба. Како што нашите предци се бореа за слобода и правда, така и ние денес заедно се бориме за нашите идеали – нагласи Мицкоски.
Во поглед на европските интеграции на земјата, Мицкоски нагласи дека се направени големи национални предавства, но додава дека ќе се носиме достоинствено со овие проблеми и ќе градиме принципиелни односи помеѓу рамноправни партнери, а не помеѓу господари и поданици.
– И сакам да потенцирам колку пати и да ме прашаат и во колку и форми да се постави прашањето за Бугарија, одговорот секогаш ќе биде единствен. Ние сме за достоинствено решение и сакаме решение, но не по цена на нашиот идентитет и по цена на погазено достоинство. Неспорна е нашата заложба за членство во Европската Унија, исто како што е неспорен и нашиот ангажман во исполнување на критериумите. И ова го правиме, не за да му угодиме на некој однадвор, туку да си помогнеме себеси однатре. Но, наедно, неодминлива е и забелешката дека овој процес трае предолго, со премногу препреки, сопки и барања, кои не секогаш се разумни, а многу повеќе политички. Ние ќе водиме дијалог, но со блага горчина ќе се присетиме дека држави што направија многу помалку од нас, но и без политички сопки на тој план, сега се рамноправни членки. Тој интегративен процес мора да биде двонасочна улица во кој ќе се слуша и нашиот глас. И верувам во решенија диктирани од разум, а не од силата. Решенија што ќе создаваат и ќе носат иднина, наместо живот во минатото – рече Мицкоски.
Она што загрижува, посочи Мицкоски, е што постојат елементи и субјекти во општеството што во континуитет поставуваат барања што создаваат конфликти и го напаѓаат единството. Тој порача дека нема да води разговори за теми што создаваат тензија, а со кои се злоупотребуваат етничките прашања.
Претседателот на Собранието, Гаши: Заложбата на
илинденците е за напредок, благосостојба и за подобра иднина
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, се обрати пред зградата на парламентот од каде што порача дека Илинден е семето на визионерството, заедништвото, храброста, потсетник на заедничките вредности околу обединувањето, кои ги славиме и ги празнуваме.
Заложбата на илинденците, видоизменета, трае и денес, нагласи Гаши, посочувајќи дека тоа е заложба за напредок на државата, благосостојба за граѓаните, подобра иднина за поколенијата. Тој појасни дека идејата што треба да нѐ обедини денес се патриотизмот и заедничката цел за подобра држава.
– Илинден не е ограничен, затоа што тој ни припаѓа на сите, поаѓајќи од 1903, преку 1944-та и на сите што денес вложуваме за европска Македонија. Како мултиетничка, мултикултурна и мултифункционална, нашата држава е уникатен гоблен извезен од сите различности. Тие различности се темелот врз кој се развива и напредува и денес нашата држава. Ова е во духот на вредностите што беа промовирани и во Крушевската Република, како и во асномската независна Македонија. Нашето единство е нашето најголемо богатство и токму преку ова единство ќе постигнеме величина. Да се издигнеме над состојбите и да најдеме фактори на обединување наместо на разединување – рече Гаши.
Партијата Левица: Единствениот пат кон слобода и независност е преку борба во сојуз со сите угнетени народи
По повод јубилејот 80 години од Првото заседание на АСНОМ, делегација на Левица, предводена од претседателот на партијата, Димитар Апасиев, положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде што е одржано и Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија.
– Идеалите и целите на борбата за слобода и независност на македонскиот народ станаа реалност и темел на македонската државност со славната победа на Македонците во антифашистичката борба. Искуството од вековната борба на македонскиот народ покажува дека единствениот пат кон слобода и независност е преку борба во сојуз со сите угнетени народи на Балканот и низ светот против канџите на империјализмот. Асномска Македонија е темелот на македонската државност. Во овие времиња на национална и социјална потиснатост на македонскиот народ, враќањето на асномските вредности и државнички принципи се клучни за повторно воспоставување на суверенитетот и независноста на македонската држава – се вели во соопштението на Левица.
Обединетата македонска дијаспора (ОМД): Македонија отсекогаш стоела цврсто за еднаквост и правда
Обединетата македонска дијаспора (ОМД), честитајќи ги Илинден и 80-годишнината од АСНОМ преку социјалните мрежи, порача дека Македонија отсекогаш стоела цврсто за еднаквост и правда.
– Денеска ја почитуваме нашата богата историја на издржливост и борба за човекови права. Од Илинденското востание во 1903 година против османлиското владеење до нашата борба против царските сили за време на Балканските војни и нацистичкиот режим, Македонија отсекогаш стоела цврсто за еднаквост и правда. Како една од првите република во Европа, нашата посветеност на единството го надминува етничкото потекло, дури и кога бараме целосно прифаќање во ЕУ. Нека овој ден нѐ потсети на нашиот траен дух и посветеност на правично и праведно општество. Да живее Република Македонија! – се вели во објавата на ОМД на Фејсбук.
Претседателот на опозициската СДСМ, Филипче: Политиката не смее
да биде извор за нови внатрешни кризи и поделби
Исполнувањето на аманетот на државотворците од Илинден и од АСНОМ е нашата денешна борба за Македонија, истакна претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, пред Собранието, при што ги честиташе двата Илиндена.
– Политиката не смее да биде извор на подеми и падови, уназадување на државата и причина за нови внатрешни кризи и поделби. Ова е време во кое борбата е за подобар живот на младите, создавање демократски институции и владеење на правото, почитување на различностите и создавање општество во кое сите граѓани ќе бидат рамноправни – порача Филипче.
Тој додаде дека во земјава живеат граѓани подготвени за остварување на сопствените цели.
– Нашата татковина е земја на вредни луѓе, изминативе години се изборивме за меѓународно признавање и афирмација, влеговме во НАТО, покажавме дека во оваа земја живеат граѓани со голема жилавост, подготвени да ги остварат сопствените цели, за демократска, слободна и праведна европска држава – рече Филипче.
Партијата на Македонците во Албанија, Македонската алијанса за европска
интеграција (МАЕИ) и претседателот на друштвото „Сонце“, Васил Стерјовски, од Трново: Илинден е симбол на нашиот колективен дух
Илинден е симбол на нашиот колективен дух, доказ за нашата посветеност на слободата и олицетворение на нашето културно наследство, порача лидерот на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и претседател на друштвото „Сонце“, Васил Стерјовски, на 53. Семакедонска средба во Трново, каде што традиционално престојува секој Илинден.
– Токму на овој ден, пред повеќе од еден век, нашите предци ги поттикнаа ветровите на бунтот, сонувајќи за татковина во која слободата не беше привилегија, туку основно право. Иако востанието беше брутално задушено, духот на Илинден остана жив и продолжи да гори како светилник на нашиот национален идентитет – рече Стерјовски во обраќањето.
Тој порача дека Илинден има посебно значење и за Македонците во Албанија, додавајќи дека македонските села во Албанија активно учествувале во подготовките за општомакедонското востание.
– Ние, Македонците во Албанија, сме нераскинлив дел од македонската нација, без разлика на границите. Нека е честит и вековит македонскиот национален празник Илинден! Да живее македонскиот народ – порача Стерјовски, завршувајќи го обраќањето во Трново.