Според мислењата на повеќе наши соговорници, универзитетски професори, аналитичари и интелектуалци, всушност името и називот на нештата претставуваат прво идентитет, второ суштина на работењето и трето мисија и визија на еден субјект, па така е и во овој случај, односно двојството на името и себеименувањето на ова здружение на граѓани открива многу прашања и дилеми во јавноста. Постои и трета алтернатива за името на ова здружение, лиферувана во јавноста од лидерите на политичката коалиција Вреди, што всушност има многу поширок и подлабок политички габарит
За здружението на граѓани од Тетово регистрирано како „Академско здружение
за наука и уметност на Албанците – Тетово“
Соговорниците со кои се консултира „Нова Македонија“ елаборираат дека „воопшто не е ист, ниту со исто значење“ називот на здружението на граѓани, онака како што е регистрирано во државниот Централен регистар (каде што стои дека ова е „Академско здружение за наука и уметност на Албанците -Тетово“), со називот/името на здружението испечатено на влезната врата на седиштето на здружението (каде што пишува дека е „Академија за науки и уметности на Албанците од Република Северна Македонија“).
Згора на тоа, соговорниците ни го издвојуваат и „третото актуелно име/назив на истото здружение“ што прави дополнителна конфузија во јавноста. Имено, истото здружение што деновиве беше предмет на јавна промоција од страна на лидерите на коалицијата Вреди беше наречено со трето име/назив: „Албанска академија на науките и уметностите“, што, според аналитичарите, имлицира сосема нешто трето. Од таа промоција на здружението, за издвојување е и дека лидерите на коалицијата Вреди најавија дека ќе бараат тоа да прерасне во академија што ќе се финансира од државниот буџет.
Официјална регистрација во Централниот регистар
Според Централниот регистар (што е институција формирана со Законот за Централен регистар и претставува централна информативна база на податоци), може да се види дека истото тоа фигурира со името „Академско здружение за наука и уметност на Албанците – Тетово“. Тоа е здружение на граѓани што е основано пред околу две години, односно на 15.2.2022 година.
Како дејност е наведена шифрата 94.99, што значи „дејности на други организации врз база на зачленување, неспомнати на друго место“. Тоа е описот на дејност што најчесто се користи за здруженија на граѓани. Законски, кога здружение регистрираат физички лица, тоа мора да има најмалку петмина основачи. И „Академското здружение за наука и уметност на Албанците – Тетово“ го има токму минималниот број – пет основачи. Тоа се Зеќир Кадриу, Џеладин Мурати, Авзи Мустафа, Сузана Алиу и Хасан Јашари. Последниов е наведен како овластено лице.
Според документот за регистрација, основните цели на „Академското здружение за наука и уметност на Албанците – Тетово“ се „да дава мислења и предлози за поттикнување на развојот на науката и уметноста, да препорачува примена на современи методи во научните истражувања и критички да ја оценува состојбата во одредени научни дисциплини преку организирање предавања, трибини, дебати, научни собири, јавни тркалезни маси, проекти, публикации и друго“. Исто така, здружението ќе „развива непосредна научна и уметничка соработка со научни, културни, наставно-образовни и други институции и асоцијации“. Здружението, според документите, го истражува културното наследство на Албанците и на Македонците, издава научни и стручни дела, критички ги опсервира општествено-политичките и другите збиднувања во државава и активно се вклучува во авторски и рецензиски тимови за учебници и книги во трите степени на образование.
Според горенаведениот документ за регистрација, „Академското здружение за наука и уметност на Албанците – Тетово“ се залага за зајакнување на употребата на албанскиот јазик во републиката, развој и истражување на албанскиот јазик и литература, а иницира и социолошки истражувања за албанскиот идентитет и историја, како и продлабочени истражувања на Албанците и на нивното минато, сегашност и иднина.
Ова здружение, во својата мисија пишува дека „активно придонесува во мултикултурниот живот во републиката, на Балканот и во европските интеграциски процеси. Освен за истражувања на темите поврзани со Албанците, здружението е регистрирано и за истражувања во областите на медицинските науки и здравството, биотехничките науки, општествените, хуманистичките, правните, економските, техничко-технолошките и други науки“. Во своите активности, здружението се декларира дека ќе има проекти на истражување од областа на педагошките, социолошките и психолошките науки, како и ликовната, музичката и други уметности. Здружението „Академско здружение за наука и уметност на Албанците – Тетово“ во документите за регистрација наведува дека тоа ќе промовира верска, расна, регионална, родова, полова и друга рамноправност, толеранција, социјална благосостојба и еднаквост меѓу граѓаните, а ќе се залага и за зајакната улога на жената во општеството, како и за заштита на флората, фауната и на почвата. Во регистрациските документи, се наведува дека здружението ќе издава и научно списание наречено „Нија“ („Јазол“).
Кои се членовите на „Академското здружение за наука и уметност на Албанците – Тетово“
„Академското здружение за наука и уметност на Албанците – Тетово“ има пет основачи, а тие се Хасан Јашари (овластено лице на здружението), Зеќир Кадриу (секретар на здружението), Џеладин Мурати, Авзи Мустафа и Сузана Алиу.
На јавноста, лицето Хасан Јашари ѝ е познато како професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, со докторат од УКИМ на темата „Улогата на училиштето и семејството во граѓанското општество“. Хасан Јашари од 1993 до 1998 г. беше заменик-министер за образование по предлог на ПДП.
Секретарот на здружението, Зеќир Кадриу, е доктор по филолошки науки, а се стекнал со тоа научно звање на Универзитетот во Тирана. Тој е сега редовен професор на Факултетот за јазици, култура и комуникација, на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Кадриу, во врска со буџетирањето на гореспоменатото здружение, во јавноста порача дека „на почетокот сите општини што сакаат може да помогнат за финансирање, а понатаму, кога ќе се донесе закон, ќе може да се продолжи во унапредување на академијата“.
Авзи Мустафа е педагог и универзитетски професор. Дипломирал на групата за педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје. Бил вработен како библиотекар на Катедрата по албански јазик на Филолошкиот факултет во Скопје. Магистрирал на Универзитетот во Загреб, а докторирал на скопскиот универзитет. По докторирањето е избран за редовен професор на Катедрата за албански јазик и книжевност, по предметот „Методика на наставата по албански јазик и книжевност“.
Сузана Алиу, од Струга, е актуелна универзитетска професорка и предава на Државниот универзитет во Тетово. Од 1986 година била предавачка на Универзитетот „Хасан Приштина“ во Приштина, Косово. Од 2004 до 2015 предавала на Државниот универзитет во Тетово. Во 2015 и 2016 година предавала и на Факултетот за бизнис во Приштина, а во 2017 предавала на Универзитетот за бизнис и технологија (UBT – faculty of food science).
Џеладин Мурати е педагог, универзитетски професор и поранешен пратеник во македонското собрание, а ја вршел и функцијата потпретседател и член на Советот за безбедност. Завршил учителска школа во Скопје, педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје во 1969 година, а магистерски студии завршил на Филозофскиот факултет во Белград во 1978 година. Со докторат на педагошки науки се стекнал на Универзитетот во Приштина во 1984 година. Работел како учител и бил директор на Заводот за унапредување на предучилишното и основното образование во Тетово. Бил и професор на Педагошката академија во Скопје. За редовен професор на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ е избран во 1999 година по предметите Општа педагогија и Методологија на педагошките истражувања.
Од локално тетовско здружение на граѓани, преку паралелна институција – „академија на науки“ во државава, па сѐ до сеалбанска „академија на науки и уметности“!?
Според мислењата на повеќе наши соговорници, универзитетски професори, аналитичари и интелектуалци, „името и називот на нештата претставуваат: најпрво идентитет, второ предмет и суштина на работењето и трето – мисија и визија на суштествувањето на еден субјект“!
Така и во овој случај, двојството на името и себеименувањето на ова здружение на граѓани откриваат многу прашања и дилеми во јавноста. Третото, пак, име е чист „шлаг на тортата“ што се сервира на политичката трпеза во Македонија. За што точно се работи се консултиравме со повеќе постојани соработници на „Нова Македонија“.
Имено, регистрираното име во Централниот регистар, „Академско здружение за наука и уметност на Албанците – Тетово“, нема исто значење, идентитет, делокруг на работа, мисија и визија како името „Академија за науки и уметности на Албанците од Република Северна Македонија“, со кое се идентификува здружението, а кое е поставено како назив на просториите од седиштето во Тетово.
1. Првото име, со кое здружението е легално регистрирано, го претставува субјектот како здружение на академски граѓани од Тетово, чии членови академски ќе расправаат во насока на поттикнување на развојот на науката и уметноста, што ќе препорачуваат примена на современи методи во научните истражувања. Тоа критички ќе ја оценува состојбата во одредени научни дисциплини преку организирање предавања, трибини, дебати, научни собири, јавни тркалезни маси, проекти, публикации итн. Се разбира дека здружението ќе биде отворено за членување и на други академски граѓани – Албанци, надвор од Тетово, затоа што здружението во основачкиот документ се декларира дека ќе „развива непосредна научна и уметничка соработка со научни, културни, наставно-образовни и други институции и асоцијации“.
2. Но она што го пишува на канцелариите на здружението отвора една друга дилема. Второто „алтер его“ на здружението именувајќи се како „Академија за науки и уметности на Албанците од Република Северна Македонија“, веќе импицира паралелизам, односно воспоставување паралелна институција на нашата државна највисока научна и академска институција – Македонската академија на науките и уметностите. Имено, навидум „мекото“ воведување на паралелизмите во Македонија преку ваквите феномени отсекогаш значело „тврдо атерирање“ на државата, нејзиниот карактер и пред сѐ унитарноста на Македонија, со длабоки референци на македонскиот устав и воопшто на системот. Нишанењето кон МАНУ е со специјална умисла, да биде дезавуиран, раздробен и поделен најесенцијалниот супстрат на македонската врвна научна и академска мисла, авангардата на овој народ и држава. МАНУ е еден од последните бедеми на македонизмот, градбен, како и елемент на кохезија на македонскиот народ и држава. Затоа, не случајно некој одбира да цели во срцето на Македонија, токму во таа институција.
3. За да биде трагедијата уште поголема, некои политичари од албанскиот блок лансираа и трета алтернатива за името на ова здружение. Тоа име/назив беше лиферувано во јавноста од лидерите на политичката коалиција Вреди, што всушност има многу поширок и подлабок политички габарит. И последиците од употреба на тоа име се далеку потектонски. Ако второто гореспоменато име на здружението во превод би значело паралелизам и сепаративност, ова трето име значи класичен политички иредентизам под капата на еден еднонационален „академско-научен ентитет“, во чија основа е еден паналбански концепт на националистичко движење и идеологии што се заложуваат за спојување на албанските ентитети од сите држави во регионот и нивно лоцирање и омеѓување во еден друг државен ентитет што во таа држава би бил окрупнет. И сето тоа поткрепено низ „истражувања и научни толкувања“ на здружението што со третото име се идентификува како „Албанска академија на науките и уметностите“?! Или со друго име, академија на науки и уметности на Албанците од сите држави во регионот на Балканот. Не случајно, повторно ова сценарио се совпаѓа апсолутно со анахроното сценарио на недосонуваната „Призренска лига“, односно со концептот на голема Албанија, кој, сакале да признаеме или не, сѐ уште во голема мера е жив, а е толериран од меѓународната заедница. Н.М.