Битола деновиве живее во ритамот на домашната и на светската култура и традиција со фестивалот „Илинденски денови“, кој повеќе од пет децении е културна екстраваганција на народите и обичаите и ги прикажува убавината и богатството на народните традиции од целиот свет. Со дефиле по Широк сокак и со традиционалната изведба на „комитското“ на КУД „Илинден“, по 54. пат, македонскиот и светскиот фолклор се слават на овој интернационален фестивал во Битола.
Над 1.300 гости од Македонија, Романија, Боливија, Јужна Кореја, Северен Кипар, Мексико, Турција, Србија и од САД ги развија боите, игрите и песните на многу локации низ Градот на Конзулите, претворајќи ја Битола во отворена сцена. Ова е фестивал што трае вкупно 13 дена, со одлична претпрограма што опфаќа етнографски филмски фестивал, детски работилници и изложби, кои заедно со камерните и големите концерти прават бројка од 70 настани. Фестивалот формиран пред повеќе од половина век како културно ехо на манифестот од 1903, како смотра на фолклорот во националните граници, денес ја живее светската слава како еден од најпознатите и најголеми фестивали препознати и сертифицирани од Светскиот совет на организации на фолклорни фестивали, официјален партнер на УНЕСКО, формиран во 1970 година, кој работи за заштита, промоција и ширење на традиционалната култура на глобално ниво.
Големото дефиле на „Илинденски денови“ ја прокламира благородната мисија на илјадници народни уметници за да се преслика автентичната вредност на културното наследство на идните генерации. За градот домаќин и за организаторот овој фестивал над половина век е печатот на нашиот идентитет. Место каде што го споделуваме своето и го уважуваме туѓото во духот на Гоцевата мисла. На платото пред Офицерски дом, пред многубројната публика свечено беше отворено 54. издание под мотото „Уметноста на традицијата“. На церемонијата фестивалот за отворен го прогласи потпретседателката на Собранието, како покровителка на фестивалот, Весна Бендевска. Од името на општината и граѓаните на Битола се обрати градоначалникот Тони Коњановски.
– „Уметноста на традицијата“ е во нејзината моќ, зачувувајќи ги вредните културно-историски спомени и обележја да направи поврзување и зближување во денешнината, градејќи цврсти врски на пријателства, меѓусебни запознавања и зближувања, инвентивност и промоција. Вкупно 54 години нашиот републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ расте и се издигнува, задржувајќи го своето главно обележје на промотор на македонската традиција, но истовремено отворајќи ги вратите за запознавање и промоција на другите народи, интернационални култури и традиции – рече Коњановски.
Досегашната претфестивалска програма, преку мелодиите на традиционалните инструменти, богатиот вокално-инструментален и игроорен репертоар, етнографските филмски проекции, традиционалните работилници за творештво и инспирацијата во денешнината од македонската народна носија, веќе ја создаде магичната атмосфера што се чувствува во Битола.
– Традиционалното дефиле само ја потврди магијата на светскиот фолклор низ битолските улици, која со децении го означува почетокот на фолклорниот карван. Затоа, вечерва, сакам да им посакам топло добредојде на сите гости на фестивалот, а на програмските учесници од Македонија, Романија, Боливија, Јужна Кореја, Северен Кипар, Мексико, Турција, Србија и од САД, им посакувам успешни изведби и настапи, со кои верувам дека ќе ја воодушеват нашата публика. Деновиве, Широк сокак, Старата чаршија, но и други локации низ градот, ќе пулсираат во ритамот на светската култура и традиција, пренесувајќи ја богатата фолклорна ризница на големиот број домашни и странски гости – рече градоначалникот Коњановски.
Тој посака уште едно успешно издание на фестивалот, кое долго ќе се памети.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков посочи дека „Илинденските денови“ во Битола се огледало на мултикултурната разновидност.
– Деновиве цела Битола е една огромна сцена, празнична, колоритна и дотерана, во која еднакво бликаат надежта од „комитското“ и драматиката на „тешкото оро“, во слава на македонскиот идентитет, историја и култура, а седумосминскиот такт татни во слава на различностите од целиот свет, кои нè обединуваат, поврзуваат и зближуваат – истакна Љутков.
Тој дополни дека посетата на уметниците од повеќе земји од светот само потврдува дека во пресрет на Илинден, Битола е главниот град на културната разновидност, од која до светот се испраќаат искрените пораки за заедништво и културен натпревар меѓу народите. Истакнувајќи дека „’Илинденските денови‘ во Битола со години се мост на автентично поврзување на вековната традиција со денешницата, огледало на мултикултурна разновидност“ и „се и своевиден поттик и инспирација за младите кон традиционалните културни вредности“.
Од името на Министерството за култура и туризам и лично министерот Љутков изрази уверување дека во годините пред нас значително ќе се зголеми финансиската поддршка за фолклорните ансамбли во градовите низ државава и ќе се обезбедат средства за нивно успешно функционирање и промоција.
„Илинденски денови“ е фестивал што нѐ потсетува дека традицијата останува жива и релевантна иако нашиот свет брзо се менува.
– Ако одам во Битола, ќе прошетам по Широк сокак. А на Дембел чаршија кафе ќе се напијам, младост мило ќе си спомињам. Ако одам во Битола, ќе нарачам до три пајтона. Први мене ќе носи, в’ други чалгии ќе свират, в’ трети товар, мерак ќе носам. Еј, мори моме, како да речам, за Солуна, за Стамбола, не ја не давам – со овие стихови се обрати директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска-Илиевски.
– Мојата – нашата Битола, која е град на културата и уметноста, градот на Илинденските денови – чувар на традицијата. А традицијата… таа е поголема од секој од нас. Ако е светот една голема уметничка инсталација, на неа голем дел припаѓа на традицијата. Онаа традиција што многу често ја земаме здраво за готово, како да ни е дадена на подарок од предците, а всушност токму таа нѐ дефинира како народи, нѐ издвојува како уникати и нѐ испреплетува со колективниот идентитет на човештвото. Горда на мојот идентитет – спој на традиција, раст, емпатија и желба за подобра иднина, се залагам да ја славиме различноста што го збогатува нашиот свет и да работиме рака под рака за да изградиме поубав, поинклузивен, посреќен свет – рече Андоновска-Илиевски.
Тони Гламчевски