Британскиот автор со индиско потекло, Салман Ружди, го тестираше ЧетГПТ, барајќи од него да напише 200 збора во негов стил. Тој го опишува резултатот како „куп глупости“. Вештачката интелигенција, сепак, може да ги загрози писателите на жанровската литература, како што се трилерите и научната фантастика, каде што оригиналноста е помалку важна, смета Ружди.
– Алатките за вештачка интелигенција би можеле да претставуваат закана за авторите на трилери и научна фантастика, но немаат доволно оригиналност и се целосно лишени од секаква смисла за хумор за да бидат пречка за сериозните романсиери – напиша Салман Ружди во едно француско книжевно списание.
Според него, ниту еден читател што прочитал барем една негова страница од книгите, нема да помисли дека е автор на текст што е создаден со ЧетГПТ.
– Тоа е сосема смирувачки. Но проблемот е што овие „суштества“ учат многу брзо – вели Ружди.
Тој смета дека писателите на филмски и телевизиски сценарија исто така би можеле да бидат особено ранливи.
– Со оглед на тоа што Холивуд постојано прави нови верзии на истите филмови, вештачката интелигенција би можела да се користи за пишување вакви сценарија – рече Ружди.
Салман Ружди неодамна ја објави новата книга „Нож“, во која го опишува нападот што му се случи во 2022 година, кога беше избоден на јавно место во Њујорк, по што остана слеп на десното око. Ружди, кој од 1989 година живее под смртна закана од фатва издадена од тогашниот исламски режим на Иран, ги споделува своите размислувања за нападот во нова книга. Писателот бил нападнат додека се подготвувал да зборува на конференција во северниот дел на Њујорк. Писателот бил нападнат со нож од маж што истрчал на бината. Полицијата веднаш го уапсила осомничениот Хади Матар, Американец со либанско потекло, кој пред судот се изјаснил за невин за нападот.
Салман Ружди, роден во 1947 година, е познат по својата книга „Сатански стихови“, која е забранета во Иран од 1988 година. Писателот беше принуден да се крие во Обединетото Кралство една деценија откако иранскиот ајатолах Хомеини издаде верски декрет (фатва) една година подоцна со кој им нареди на верниците да го убијат писателот за, наводно, навреда на исламот во романот. Во 1998 година, иранската влада објави дека не ја поддржува фатвата, но не ја повлече. Според исламската доктрина, еднаш изречената фатва никогаш не може да се повлече, особено ако тој што ја изрекол оттогаш починал, како што е случајот со Хомеини (1902-1989). Ружди влезе во светот на литературата во 1981 година со романот „Полноќни деца“, сместен во неговиот роден Мумбај, чие дејство започнува на полноќ на 15 август 1947 година, во моментот кога Индија се стекнува со независност од Велика Британија. В.Д.