Интересот за Македонија и за соработка со Владата од страна на корпорацијата „Трамп“ го потврди и премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско гостување на Телма, нагласувајќи оти е добредојдена секоја соработка што е во интерес на државата, а особено онаа за потенцијални вложувања
Соработници на поранешниот американски претседател со бизнис-интерес и во потрага по продуктивни инвестиции на Балканот
Соработници на Доналд Трамп изразиле отворен интерес за можни проекти во Македонија во рамките на нивната потрага по можности за продуктивни инвестиции на Балканот, во периодот додека поранешниот американски претседател и актуелен претседателски кандидат е во трка за враќање во Белата куќа.
Добредојдена е секоја соработка што е во интерес на државата
Интересот за Македонија и за соработка со Владата од страна на корпорацијата „Трамп“ ја потврди и премиерот Христијан Мицкоски во гостување на телевизијата Телма, нагласувајќи оти е добредојдена секоја соработка што е во интерес на државата, а особено онаа за потенцијални вложувања. Македонија на тој начин влегува во сферата на бизнис-интересите на Трамп, по претходните најави поврзани со потрага по зделки во Србија и во Албанија.
Во истиот контекст, за издвојување е дека дигиталната трансформација, која премиерот Мицкоски ја истакнува како главен приоритет на Владата и еден од начините за борба против криминалот и корупцијата, била тема на средба со претставници на корпорацијата „Трамп“, на компанијата „Рамбл“ и на финансиската корпорација „Кантор Фицџералд“ од САД.
– Соработници на Доналд Трамп сакаат да соработуваат со земјава и се разговара за можни проекти, бидејќи главен приоритет на оваа влада е дигиталната трансформација. Основачот и извршен директор на интернационалната компанија „Рамбл“, Хауард Лутник, моментно е еден од најбитните фактори на светскиот финансиски пазар, а го имавме во Македонија. Крис Павловски е организатор на оваа група и како држава треба да имаме чест и привилегија што овие луѓе се тука. Павловски е со македонско потекло, работи заедно со тимот на господинот Трамп во делот на развивање на „Рамбл“, која е многу важна во процесот на дигитализација, а луѓето што беа тука, господинот Хауард и господинот Нунес, се од кругот на најблиските соработници на експретседателот на САД, Доналд Трамп. Тоа се луѓе со големо корпоративно и политичко искуство во делот на дигиталната трансформација. Станува збор за корпорации со годишен обрт од десетици милијарди долари – истакна Мицкоски, прашан за средбата со овие бизнис-претставници.
Криптовалутите и дигиталниот денар биле меѓу економските теми за кои се разговарало на средбата, како што посочи премиерот Мицкоски.
– Се разговараше за криптовалути и дигитален денар, како и за дигитализација и дигитална трансформација, а ако успееме да најдеме заеднички интерес, зошто да не. Не би откривал детали, но многу сум горд што овие луѓе се тука – објасни претседателот на Владата.
Мицкоски нагласи дека потенцијалното доаѓање на овој тип инвеститори во Македонија би било препорака за многу компании, бидејќи, како што рече, соработуваат со финансиски инвестиции со трилиони долари.
„Њујорк тајмс“: Џаред Кушнер пред реализација на конкретни проекти на Балканот
Зетот на Доналд Трамп и поранешен висок функционер во неговата администрација, Џаред Кушнер, неодамна, наводно, постигнал прелиминарен аранжман со српската влада да продолжи со проект за преуредување простор во српскиот главен град Белград, за кој првпат изразил интерес уште две години пред Трамп да се кандидира на претседателските избори во 2016 година, тврди американскиот весник „Њујорк тајмс“.
Планираниот бизнис-потфат што опфаќа изградба на луксузен хотел и станбен комплекс на просторот на поранешниот Генералштаб на југословенската армија, кој беше уништен во бомбардирањето на СР Југославија од страна на НАТО во 1999 година, првично пропадна, но неговата реализација, наводно, сега повторно се актуализира. Според пишувањето на „Њујорк тајмс“, кој имал увид во нацрт-договорот за проектот, со бесплатен закуп на 99 години, би му се овозможило на Кушнер да изгради луксузен хотел, станбени единици, продавници и музеј на атрактивната локација во центарот на Белград.
Финансирањето вредно околу 500 милиони долари се очекува од инвестициската компанија на Кушнер, „Афинити партнерс“, а се спомнува и дека обезбедил дополнителни средства од Фондот за јавни инвестиции на Саудиска Арабија и државните фондови во Обединетите Арапски Емирати и на Катар. На ваквите најави за проектот на Кушнер незадоволство изразија опозициски политичари во Србија, а поведена е и граѓанска петиција што се противи на реализацијата.
Кушнер, наводно, планира и градење хотели и вили во Валона, Албанија. А меѓу споменатите локации за негови потенцијални инвестиции се спомнуваат и морскиот парк „Карабурун-Сазан“ на островот Сазан и полуостровот Звернец во југозападна Албанија, што е дел од заштитеното подрачје Вјоса-Нарта. Кушнер неодамна на социјалните мрежи споделил и првични дизајнерски идеи за развојни проекти на албанското крајбрежје. Албанскиот премиерот Еди Рама изјави дека неговата земја е горда што може да ги поздрави проектите, додека тамошните здруженија за заштита на животната средина беа резервирани во однос на потенцијалните инвестиции.
Останува да се види дали исходот од претстојните претседателски избори во САД, на кои се очекува Доналд Трамп да се соочи со Камала Харис по повлекувањето на актуелниот американски претседател Џо Бајден од трката, ќе влијае на планираните бизнис-потфати на американските корпорации на Балканот. Е.Р.