И покрај заклучокот на новиот бугарски патријарх Даниил за „мир и радост“ и споменувањето на македонскиот архиепископ во литургиите на бугарскиот патријарх, одлуката на БПЦ за именување на МПЦ-ОА како Црквата на Северна Македонија е спротивна на ставот на Синодот и свештенството, како и на верниците на Македонската православна црква, за менување на името поради билатерални политички договори, кои црквата, како независен ентитет од државата, не е обврзана да ги спроведува. Токму затоа се чини дека инсистирањето на БПЦ за именување на МПЦ-ОА според моделот на бугарската политика (која, пак, се повикува на Преспанскиот договор) не придонесува за зближување ниту на духовен ниту на световен план меѓу Македонија и Бугарија, имајќи ги предвид и актуелните политички условувања од бугарска страна, кои „ја минуваат границата за мешање во внатрешните работи на Македонија“
ВО ПОТРАГА ПО ИЗВОРОТ НА НЕТРПЕНИЕТО КОН МАКЕДОНИЗМОТ
Со постојаното именување на Македонска православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) како Црквата на Северна Македонија од страна на новиот патријарх на Бугарската православна црква, Даниил, станува јасно дека Бугарската црква ја следи државната политика, а и дека државата е силно инволвирана во политиките на тамошната црква. А таквата практика не придонесува за зближување ниту на духовен ниту на световен план меѓу православните верници во Македонија и Бугарија, имајќи ги предвид и актуелните политички условувања од бугарска страна, кои длабоко навлегуваат во сферата на недозволиво „мешање во внатрешните работи на Македонија“.
БПЦ ја следи бугарската политика во именувањето и обраќањето кон МПЦ-ОА
Откако на интронизацијата на новиот патријарх на Бугарската православна црква, Даниил (на крајот на јуни), делегацијата од МПЦ-ОА беше претставена како „од Црквата на Северна Македонија“, се чини дека таквото обраќање се претвора во практика во комуникацијата на БПЦ. Во првото интервју по неодамнешното преземање на функцијата патријарх на Бугарската православна црква и митрополит софиски, г.г. Даниил во неколку наврати ја именува Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) како Православна црква во Северна Македонија. Објаснувајќи го односот кон „браќата“ од (југо)запад, на наследникот на починатиот патријарх Неофит му се испушти да каже „Македонската црква“, но веднаш се поправи со „Црквата во Северна Македонија“.
– Светиот синод на Бугарската православна црква има одлука за тоа прашање. На крајот од 2022 година, кога ние ја примивме одлуката на Архијерејскиот собор на Српската православна црква, со која тие ѝ овозможуваат самостоен статус, т.е. автокефален статус на Православната црква во С. Македонија, и бугарскиот патријарх, уште Дедо Неофит, со оваа одлука архиепископот на Православната црква во С. Македонија го вклучи во диптихот, според кој бугарскиот патријарх го споменува при секоја литургија како поглавар на една од помесните цркви. Така што ние имаме одлука и мислам дека Македонската црква (самиот се коригира со: Црквата во С. Македонија – н.з.) даде еден исклучителен пример, зашто кризата кај нив траеше повеќе од 50 години, откако тие се самопрогласија за самостојна црква во 1967 година и оттогаш беа во изолација од сите помесни православни цркви, во 2022 година тие се обратија со писмо до Архијерејскиот собор на СПЦ и се изјаснија дека ја прифаќаат нивната одлука од 1959 година, со кое Српската црква им дава статус на широка автономија. Тие го прифатија и потоа СПЦ им додели автокефален статус и во моментов тие се една самостојна црква. Ние го признавме тоа, во сослужување сме, нивни архијереи доаѓаат, ние одиме, служиме заедно – изјави патријархот Даниил за БНТ, додавајќи дека „тоа е црковниот начин да се реши еден проблем – да си ја признаеме грешката, да побараме прошка. И ете каков мир, каква радост настапи потоа“.
Сепак, и покрај заклучокот на бугарскиот патријарх Даниил за „мир и радост“ и „споменувањето“ на македонскиот архиепископ во литургиите на бугарскиот патријарх, одлуката на БПЦ за именување на МПЦ-ОА како Црквата на С. Македонија е спротивна на ставот на Синодот и свештенството, како и на верниците на Македонската православна црква, за менување на името поради билатерални политички договори, кои црквата, како независен ентитет од државата, не е обврзана да ги спроведува. Токму затоа се чини дека инсистирањето на БПЦ за именување на МПЦ-ОА според моделот на бугарската политика (која се повикува на Преспанскиот договор) не придонесува за зближување ниту на духовен ниту на световен план меѓу Македонија и Бугарија, имајќи ги предвид и актуелните политички условувања од бугарска страна, кои се на работ на мешање во внатрешните работи на Македонија.
Каде е изворот на проблемот: БПЦ е дел од бугарскиот устав и во Бугарија (како и во Грција) премиерите и претседателите при положувањето заклетва му бакнуваат рака на патријархот
Имајќи ја предвид духовната димензија на црквите и нивната мисија на зближување и наоѓање начини за меѓусебно разбирање, врз основа на вредностите на заедничката религија, се создава логична претпоставка дека црквата (во случајот БПЦ) со духовните вредности за заемна почит, заедништво и разбирање треба да воспостави посилен авторитет врз амбивалентните интереси на (бугарската) државна политика. Според таквото поимање на нештата, црквите би требало да бидат оној духовен мост за зближување и надминување на предизвиците во комуникацијата и односите во световниот контекст. Но во контроверзната историја на македонско-бугарските односи, Бугарската црква (историската Егзархија) има исто така контроверзна улога.
– Кога станува збор за можноста за евентуална позитивна улога на БПЦ преку односите со МПЦ-ОА, во македонско-бугарските билатерални односи треба да се имаат предвид различните концепти на уставите во Македонија и во Бугарија и улогата на црквата во нив. Во Македонија црквата е независен ентитет (постара е од државата) и е вклучена и претставува важен општествен чинител, но сепак не е дел од уставното устројство на државата. За разлика од кај нас, БПЦ е дел од бугарскиот устав. Во Бугарија (како и во Грција) премиерите и претседателите при положувањето заклетва му бакнуваат рака на патријархот. Токму затоа во Бугарија црквата ја следи државната политика, а и државата е силно инволвирана во црквата. Воспоставената практика во БПЦ, односно одлуката што ја донеле за именување на МПЦ-ОА како Црква на С. Македонија е во тој дух на следење на државната политика на Бугарија спрема Македонија. Секако, во Македонија таквото именување не се прима како добронамерност и ги иритира како македонското свештенство така и верниците. Тој однос нема да придонесе за зближување ниту на духовен ниту на световен план меѓу Македонија и Бугарија, а нема да помогне ни околу спорот со малцинствата. Дури и соработката меѓу црквите ќе биде во некоја отежната форма. Секако, обраќањето на БПЦ спрема МПЦ-ОА на начин различен од нејзиното самоименување не е во интерес на развојот на добрите односи – вели поранешниот амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев, исклучителен познавач на македонско-бугарските односи во секој аспект.
Кога станува збор за наметнувањето и притисокот МПЦ-ОА да се именува според изменетото име на државата Македонија, изнудено со билатерални политички договори, амбасадорот Ѓорчев вели дека црквата во Македонија не е никако обврзана со овие договорни политички облигации.
– Тргнувајќи од фактот дека МПЦ-ОА е независен ентитет, институција од државата и не е дел од уставниот поредок, таа нема обврска да го почитува и спроведува Преспанскиот договор во контекст на менување на името. Иако меѓународноправно контроверзен, Преспанскиот договор е обврска за државата и државните институции во Македонија во контекст на именување според новото име на државата. Но МПЦ-ОА не е ниту финансирана од државата (дури како општествен субјект има и судски спорови со државата), па не е опфатена со обврзувачките одредби на Преспанскиот договор од некаков правен аспект. Другиот аспект е дека МПЦ-ОА е институција постара и од државата, со корени во Охридската архиепископија, кои досегаат до деветтиот век. Архиепископот и Синодот на МПЦ-ОА, како и верниците, изразија силен став дека не треба да се менува името на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, па секакво поинакво именување и обраќање не оди во прилог на зближување и добронамерност во односите – вели Ѓорчев.
Од БПЦ и новиот бугарски патријарх се очекуваше поддршка, а не опструкција
Од БПЦ и новиот бугарски патријарх се очекуваше поддршка, а не опструкцијаКонтекстот на уценувачките напрегнати соседски односи што ѝ се постави на Македонија со билатералните договори, поврзан и со процесот на евроинтеграција, во т.н. световен домен на живеењето, во одредена смисла се очекуваше да биде посмирен, подобронамерен, па и побратски (посестрински). Тоа е затоа што, всушност, кога комуникацијата продолжува на т.н. духовно ниво, барем меѓу институции од духовната сфера, како црквите, се очекува во духот на христијанството и православието еден однос на уважување, во духот на добра волја, почитување и пружање рака на поддршка, како и мирна и спокојна меѓусебна комуникација за надминување евентуални недоразбирања.
Во македонската историја, традиција, па и современост, отсекогаш било природно јасно дека прашањето на Македонската црква (сега Македонска православна црква-Охридска архиепископија) е тесно поврзано, практично испреплетено со македонското национално прашање. Токму затоа во современите македонски премрежиња поврзани со идентитетот и националните интереси, па и сувереноста на државата, важен дел од решението на сите предизвици се и статусот и именувањето на МПЦ-ОА, иако формалноправно е независен ентитет од државата и не е дел од уставниот поредок. Ј.П.