Подолг период весникот „Нова Македонија“, како и некои од новинарите и колумнистите на нашиот весник, се напаѓаат без скрупули и со жесток говор на омраза, со навреди и клевети од страна на одредени медиуми од соседството или на социјалните мрежи, при што сме обвинувани дека сме „антагонистички настроени кон Република Бугарија или Република Грција“(?!)
Дополнително на ова, неодамна можеше да се забележи и една нова форма на нечија цензура, која се идентификува со мистериозно исчезнување/бришење на статии на весникот „Нова Македонија“ објавени или преземени на социјалните мрежи, а што имаат содржини поврзани со афирмација на историските, јазичните и културните особености на македонската нација
Атака на слободата на пишаниот збор
Објави на „Нова Македонија“ веќе извесно време трпат цензура на Фејсбук, а тоа се идентификува со активности на бришење и отстранување на нашите текстови од фејсбук-страницата. Во почетокот оваа негативна појава навидум изгледаше како случајна ад хок акутна појава, на која не ѝ се обрнуваше особено внимание. Но со текот на времето, таа стана динамична, сѐ поагресивна и хронична атака на слободата на пишаниот збор. Неколкупати изданијата на нашата редакција, според добиени ИТ-експертски мислења, беа цел и на хакерски напади и тоа им беше пријавувано на надлежни државни служби, кои дадоа и свое мислење.
Во секој случај, по подолг временски период на вакви форми и облици на атаки, може слободно да се констатира дека ова е една „организирана кампања насочена против уредувачката политика и носителите на содржините на македонскиот дневен весник со најдолга традиција“.
Имено, додека нашиот весник истражува, анализира и синтетизира теми и осврти со кои ги афирмира историските, јазичните и културните особености на македонската нација, како и бара и објавува издржани аргументации на појави поврзани со меѓународното право (и Македонија и македонскиот народ, име и идентитет), атаките однадвор се занимаваат со просто и ниско оцрнување на личности и институции без задршка и без основа, надоврзувајќи се со нови форми и методи на ова мистериозно исчезнување на содржини на книги, документи или сведоштва што ги потврдуваат македонските особености.
Тоа сега актуелно се случува на социјалната мрежа Фејсбук, а оттаму се без конкретно и официјално образложение!?
Згора на тоа, за издвојување е дека ниедна од отстранетите содржини не е спротивна на стандардите и правилата на Фејсбук, не е невистина, односно не шири говор на омраза, ниту е заканувачка. Ова, според мислењата експертите со кои се консултиравме, се должи на активностите на добро организирани „добрососедски групации“, кои целат на одредени македонски корисници, односно нивни објави на социјалната мрежа, со малициозна намера, а и да ги демотивираат за понатамошна активност.
Од каде пристигнуваат обидите да се еродира и компромитира „Нова
Македонија“
Во еден подолг период весникот „Нова Македонија“, нејзините новинари и колумнистите беа обвинувани дека се антагонистички настроени кон официјална Софија или Атина и, оттука, некои од новинарите на весникот „Нова Македонија“, како што се Јасминка Павловска или колумнистот Ефтим Клетников, жолчно беа напаѓани во одредени бугарски медиуми или на социјалните медиуми, каде што честопати беа навредувани и вербално и во писмена форма. Дополнителна на тоа, неодамна можеше да се забележи и една нова негативна појава, без засновани аргументи започнаа мистериозно да исчезнуваат објавите што се поврзани со афирмација на историските, јазичните и културните особености на македонската нација, вклучувајќи и статии на весникот „Нова Македонија“.
Според нашите соговорници што се добро упатени во оваа проблематика, покрај постојаната присутност на т.н. демонизирање на одредени јавни и општествени личности од Република Македонија, како што се истакнати научници, историчари, новинари итн., во изминатиов период може да се забележи злоупотреба на стандардите и правилата на Фејсбук. Добро упатените во оваа проблематика велат дека постојат точно дефинирани стандарди по кои одредена содржина може да се отстрани, како што е говор на омраза или закани, а протоколот на Фејсбук предвидува одредени содржините да се отстрануваат или кријат преку извештај од трета страна дека содржината што е објавена ги прекршува правилата и стандардите.
Повеќемина наши соговорници ни нагласија дека најверојатно станува збор за добро организирана пропагандна активност, која во изминатиов период се одликуваше со лажни вести и дезинформации, а во последниот период и со обиди за цензура преку злоупотреба на стандардите на Фејсбук. Со оваа цензура се соочи и весникот „Нова Македонија“, кога неочекувано и без аргументи беа отстранети објави на споменатата социјална мрежа.
На прашањата кој и зошто се обидува да ја цензурира „Нова Македонија“, нашите соговорници ни посочија дека најверојатно станува збор за поединци или групации што се финансирани од соседските националистички кругови, а целта е да се замолкне „Нова Македонија“, бидејќи на своите страници, својот портал и социјалните мрежи објавува содржини што се поврзани со македонските национални особености или состојбата со човековите права на Македонците во соседството. Поради денешните технолошки можности, како што е криењето на ИП-адресите, не може точно да се утврди кои се извршителите, но ако внимателно се анализираат сите досегашни активности на одредени националистички и шовинистички центри, јасно е од каде пристигнуваат обидите за цензурирање (бришење на статиите во електронска форма) на „Нова Македонија“, велат нашите соговорници, додавајќи дека печатеното издание останува неизбришлив и најгласен сведок на вистината и на фактите и е историски извор што нема заборав!
Лојални на својата уредувачка политика
Во изминативе осумдесет години, од основањата во 1944 година до денес, весникот „Нова Македонија“ има јасна уредувачка политика, афирмирање на македонските национални особености – јазик, култура, историја, обичаи итн., како и заштита на националните и државните интереси. Низ децениите се променија голем број главни уредници, но весникот „Нова Македонија“ никогаш не беше инструмент на партиски субјект. Не случајно, во македонската национална меморија засекогаш е врежано дека првиот официјален документ на македонски јазик е објавен токму во весникот „Нова Македонија“.
Од осамостојувањето на современата македонска држава, „Нова Македонија“ не отстапи од својата уредувачка матрица, оттука на нејзините страници може да се прочитаат аналитички статии и колумни по голем број национални прашања, како што е состојбата со човековите и малцинските права на припадниците на македонскиот народ во Република Грција, Република Бугарија, Србија или, последно и актуелно, контроверзните дејства поврзани со последниот попис во Република Албанија.
Во согласност со децениската уредувачка политика, весникот „Нова Македонија“ на своите страници ги афирмира и значајните историски национални личности, како што е Гоце Делчев или Петре Пирузе Мајски, а честопати се потврдуваат и значајните настани од македонската историја, како што е Илинденското востание или Првото заседание на АСНОМ. На страниците на „Нова Македонија“ може да се прочитаат и статии за активностите на Крсте Петков Мисирков или за особеностите на македонскиот јазик. Оттука, низ децениите во весникот „Нова Македонија“ постојано гласно прозвучуваат зборовите – македонска, Македонец, македонски, македонски јазик итн. Д.Ст.