Јовановски беше во составот на Македонија на дебитантскиот настап на ЕП во Франција во 1999 година. Тој потоа ја почна меѓународната кариера и играше за тимови во четири држави. Со тимот на Лугано во Швајцарија стана и шампион и куп-победник
Дејан Јовановски (2)
Спортскиот живот на Дејан Јовановски, кој беше еден од најдобрите македонски кошаркари во 90-тите години од минатиот век, беше испреплетен со многу интересни доживувања. За жал, тој доживеа и една повреда, која го оневозможи да го даде својот целосен придонес во кошарката и која практично беше причина порано да се откаже од саканиот спорт. Но, и она што го постигна, дури и во годините кога го мачеше повредата, му обезбеди високо место во македонската кошарка.
Но да се вратиме на она што беше најзначајно за него во периодот од последната декада на минатиот век, кога со своите другари првпат настапи на едно европско сениорско првенство.
– Тоа беше невообичаено доживување. И самите не бевме свесни оти по осамостојувањето на Македонија, по двата неуспешни обида во 1993 и во 1995 година, сепак, на следните квалификации успеавме да избориме пласман на Европското првенство. Така, во 1999 година во францускиот град Тулуз првпат имавме шанса да ги измериме силите со најдобрите европски селекции. Во претходните квалификации бевме на прагот да се најдеме на европско првенство, но кога мислевме оти е работата завршена, доживеавме несреќен пораз од Финска во Скопје. Иако на полувремето имавме огромна предност дури од 17 коша, сепак, не успеавме да победиме. Тоа беше нешто неверојатно. Сите бевме разочарани, едноставно и ние кошаркарите и нашиот селектор, легендарниот Благоја Георгиевски-Буштур, не можевме да веруваме во она што ни се случи во вториот дел од мечот. Еве, и денес од оваа временска дистанца, не можам да си објаснам како можевме да прокоцкаме една толку голема шанса. Но, ете, во спортот и тоа е можно. Бевме тажни, но не се предававме и ја чекавме следната шанса. Конечно, по многу неизвесности, предводени од еден од најдобрите бекови во Европа Пеце Наумоски, во тандем со уште еден голем играч Врбица Стефанов, стигнавме до првото европско првенство – вели Јовановски.
Платен данокот на неискуството
Нашата група на Европското првенство беше составена од искусни репрезентации, меѓу кои имаше освојувачи на медали не само на европските првенства туку речиси на сите големи приредби, олимпијади и светски првенства. Беше јасно оти искуството ќе одигра голема улога за конечниот расплет и за тоа кој ќе оди понатаму.
– На стартот од групата игравме со Франција. Малку недостигаше да ги изненадиме домаќините, кои со големи напори и поддршка од гледачите едвај нѐ совладаа со 71-68. Во овој меч одлучуваа некои мали детали, особено во финишот, кога и ние и Французите тргнавме во последна офанзива. Сепак, домашниот терен го стори своето и „триколорите“ нѐ совладаа. Потоа дојде мечот со фаворизираната репрезентација на Југославија. И покрај големиот отпор што ѝ го дадовме на тогашна СР Југославија, во која имаше кошаркари од Србија и од Црна Гора, поразот беше неизбежен зашто против себе имавме состав со многу светски асови. Загубивме со 83-68, што не беше некој „страшен“ пораз. На крајот ни остануваше уште дуелот со Израел. Ние, охрабрени од она што претходно го демонстриравме, влеговме со голем мотив во мечот, кој директно решаваше кој ќе оди понатаму. Одигравме на високо ниво, но, сепак, неискуството го стори своето. Во финишот, и покрај нашето водство, буквално во последните секунди загубивме една топка во рекетот. Израелците го искористија тоа и буквално во последните три-четири секунди постигнаа кош и дојдоа до победа со 64-62. Со тоа пропадна нашата шанса да настапиме во следната рунда во градот По. Тука беше крајот за нас. Иако не разочаравме, сепак, не успеавме да го оствариме она што го посакувавме – се сеќава Јовановски на деновите минати во Тулуз.
Покрај Јовановски, во тогашниот состав на репрезентацијата, која беше предводена од селекторот Заре Марковски, се наоѓаа Петар Наумоски, Врбица Стефанов, Влатко Илиевски, Ѓорѓи Чековски, Мирза Куртовиќ, Марјан Србиновски, Игор Михајловски, Тодор Гечевски, Срѓан Станковиќ, Перо Блажевски и Душан Боцевски.
Преку Орка во Европа
Дејан Јовановски беше еден од оние што претставуваа ударна сила на новоформираниот клуб Орка, кој го наследи кавадаречки Тиквеш. Тој отиде во екипата што имаше силен спонзор и големи амбиции.
Но таму, во годината кога се натпреваруваа и во еврокупот, доживеа повреда и беше принуден да паузира еден период. Рехабилитацијата траеше подолго, зашто стануваше збор за незгодна повреда на лигаментите. Нормално, Дејан беше разочаран, зашто на новоформираниот и многу амбициозен клуб не можеше да му помогне, иако беше меѓу фаворитите да ја освои шампионската титула.
– Сите околности што се случуваа во тие моменти ме наведуваа на помислата да престанам со активното играње. Но, и покрај повредата, бев трпелив и чекав да помине периодот за рехабилитација и повторно да заиграм – вели Јовановски.
Но со оглед на фактот што и самиот беше разочаран од она што му се случи, не помислуваше да остане во Орка, туку патот го бараше некаде во Европа.
– Иако менаџерите знаеја оти влечам една незгодна повреда, тие и понатаму се интересираа за моите идни планови. Некако бев уплашен да преговарам, зашто стравував евентуално да не ми се повтори повредата, па, така, и нив да ги разочарам. На крајот го прифатив предизвикот и потпишав за турскиот Ојак Рено од Бурса. Тоа беше моето прво меѓународно искуство, за потоа да продолжам и во други клубови од други земји – продолжи Дејан.
Шампион и куп-победник во Швајцарија
Следна дестинација, по препорака на Заре Марковски, му беше швајцарскиот Лугано, кој се натпреваруваше и во УЛЕБ-лигата.
– Фактот оти ќе играм на европска сцена ме мотивираше и затоа заминав во Лугано. Да се игра против Естудијантес, Жалгирис, Перистери, Задар, кои беа афирмирани на европската сцена, не беше мала работа. Напротив, тоа беше ново искуство. Инаку, Швајцарците имаа солиден тим, а што е битно имаше и една хемија на релацијата стручен штаб-играчи. Како резултат на сите компоненти ние станавме шампиони на Швајцарија, па така јас, покрај оние титули со Работнички, имав по една шампионска и куп-титула во 2000 и во 2001 година и во странска земја – рече тој.
Меѓутоа, мора да се каже дека и во Швајцарија имаше мака со повредата и помислуваше на повлекување.
– Сепак, не ја напуштив кошарката и секогаш трагав по нешто ново, па така, по една сезона во Лугано, заминав во грчки Перистери, трет по популарност во Атина, по Панатинаикос и Олимпијакос. Тогаш постоеше една македонска колонија кај нашиот јужен сосед, зашто покрај мене од поодамна во Перистери беше Мирза Куртовиќ, а во Грција беа и Перо Антиќ и Емил Рајковиќ. Често се дружевме и имавме пријатни мигови, на кои и денес се сеќавам. Но не бев задоволен од начинот на кој нѐ третираа, не само мене како странец туку сите играчи – рече тој.
Јовановски во следните сезони се пресели во Франција.
– Таму прво настапував за Роан, а потоа и за Шалон. Атмосферата беше многу попријатна и немав никакви проблеми со управата и со тренерот. Инаку, се работеше многу попрофесионално зашто француската лига, би рекол, беше „атлетска“. Требаше да си кондициски добро подготвен да ги издржиш сите напори – вели Дејан.
Кога на 32-33 години Јовановски почувствува оти е спортски „истрошен“, а повредата постојано го следеше, реши да се збогува со активното играње. Потоа, тој стана генерален секретар на Македонската кошаркарска федерација, потоа и директор на КК Работнички, а имаше и големо искуство во работата со талентираните спортисти, не само кошаркари, зашто тој беше директор и на Спортската академија.
Со еден збор, сета своја младост ѝ ја посвети на кошарката, во која беше и репрезентативец и учесник на првото Европско првенство на кое учествуваше Македонија. Нема сомнение дека Дејан Јовановски, исто како и неговиот татко, прославениот ракометен голман Ванчо, е вистинска македонска спортска легенда.