Српскиот претседател Вучиќ повторно во фокусот на европското политичко внимание
Српскиот претседател Александар Вучиќ повторно се наоѓа во фокусот на политичкото, но и на економското внимание на Европа. И сето тоа благодарение на огромниот апетит на Европската Унија, а особено на Германија, за суровини за своите економии. Овој пат, Србија се најде ненадејно во фокусот на европската економија, поради фактот што Србија на својата територија регистрираше постоење на огромни ресурси на литиум, кој е есенцијално потребен во процесот на производството на електрични возила.
Високи гости на потпишувањето на Договорот за соработка меѓу ЕУ и Србија за увоз на минерали
Германскиот канцелар Олаф Шолц утре доаѓа во (не)планирана и ненадејна посета на Белград. Тој ќе присуствува на потпишувањето на Договорот за соработка меѓу ЕУ и Србија за увоз на минерали, вклучувајќи и литиум, кои се клучни за дигиталната и за зелената транзиција на ЕУ.
Имено, канцеларот на Германија, Олаф Шолц, со своето присуство демонстрира еден силен државно-економски интерес на неговата земја, како најголем производител на автомобили во ЕУ, дека има силен интерес да обезбеди литиум. И Европа со своите политики има интерес токму да ја намали својата зависност за литиум од Кина. Во секој случај, исклучително е невообичаено германскиот канцелар, во сета своја динамика на работа и планирани патување, да издвои време, кое однапред не било планирано во неговата набиена агенда. На церемонијата на потпишување на Договорот за соработка меѓу ЕУ и Србија за увоз на минерали се очекува да присуствува и потпретседателот на Европската комисија (ЕК). Присуството на претседателката на ЕК, пак, Урсула фон дер Лејен, е неизвесно. Таа денес го очекува гласањето во Европскиот парламент (ЕП) за потврда на нејзиниот втор мандат како претседателка на европската влада (Европската комисија) и голема е веројатноста таа утре да не дојде во Белград.
Во српскиот рудник „Јадар“ (Лозница) се откриени најбогатите резерви на литиум во Европа со потенцијал за 1,1 милион произведени автомобили годишно
На почетокот на тековнава недела, српската влада објави дека „ќе ја рестартира работата за ископ на литиум во западниот дел на земјата“, близу градот Лозница! Но за издвојување е минатонеделната одлука на српскиот Уставен суд, со која беше поништено претходното откажување од рударската операција за ископ на литиум. Имено, претходната влада на Србија (на чело со премиерката Брнабиќ) го стопираше проектот и ги укина дозволите доделени на британско-австралискиот рударски гигант „Рио тинто“. Тоа го направи под притисок на јавноста и по масовните протести, кои одвреме-навреме се организираа и кои траеја близу две години.
Рудникот „Јадар“, во близината на градот Лозница во западна Србија, содржи некои од најголемите европски резерви на литиум. Имено, претседателот на Србија минатиот месец за „Фајненшл тајмс“ изјави дека рудникот, кој се очекува да биде отворен во 2028 година, ќе произведува 58.000 тони литиум годишно. Тоа би било еднакво на 17 отсто од потребите за производството на електрични возила во Европа или 1,1 милион автомобили.
Во Србија повторно се организираа невладините организации за заштита на животната средина, како и жителите на Лозница, кои протестирајќи предупредуваат дека изградбата на рудникот може да доведе до уништување на живеалиштата и загадување на водата. Многумина стравуваат и од потенцијалното раселување на жителите во областа. Р.С.