Се чини дека различни граѓански и интелектуални заедници повеќе не споделуваат исти или слични фундаментални верувања, при што политичката верност ги замени основните постулати на расудување, предизвикувајќи негрижа за вистината и креирајќи свет обвиткан со интелектуално непробоен слој од истомисленици, дополнително потпомогнат од веб-страниците и од социјалните мрежи

Живееме во ера на поствистина, за што пишував неодамна во „Нова Македонија“ (29 јуни 2024 г.): дел од политичките елити поддржуваат бесрамно непочитување на фактите и заговараат дека вистината не е важна, додека, пак, нивните истомисленици непоколебливо ги поддржуваат „доказите“ на политичарите. Поствистината поттикнува поделени општества, што предизвика, во изминатите дваесетина години, различни граѓански заедници да можат, потпирајќи се на исто множество проверени факти и валидни информации, суптилно – на начин којшто понекогаш е толку деликатен и прецизен што тешко се анализира и опишува, да донесат различни, често дијаметрално спротивни, заклучоци. На што се должи оваа појава присутна во повеќе држави? Што се случи со интелектуалната мисла во Македонија во последните триесетина години? Според моето мислење, се чини дека различни граѓански и интелектуални заедници повеќе не споделуваат исти или слични фундаментални верувања, при што политичката верност ги замени основните постулати на расудување, предизвикувајќи негрижа за вистината и креирајќи свет обвиткан со интелектуално непробоен слој од истомисленици, дополнително потпомогнат од веб-страниците и социјалните мрежи.

Според повеќемина автори, постојат две општествени структури коишто систематски ги исклучуваат информациите и манипулираат со фактите: епистемолошките меури и ехо-коморите. Епистемолошкиот меур е заедница на луѓе во која релевантните ставови се или намерно исклучени – избегнување спротивни ставови, бидејќи, на пример, тие прават членовите на заедницата да се чувствуваат непријатно, или ненамерно исклучени – преземање информации од социјалните мрежи блиски до уверувањата на членовите на заедницата, што подразбира, од една страна, недоволна покриеност со сите релевантни информации и ставови и води, од друга страна, до прекумерна самоувереност и некритично размислување. Ехо-комората е заедница на луѓе во која се дискредитира знаењето на другите (нечленовите), додека истовремено се засилуваат епистемолошките акредитиви на членовите на заедницата. Во епистемолошките меури среќаваме неинформираност на заедницата, додека, пак, во ехо-коморите другите ставови ѝ се познати на заедницата, но тие активно се поткопуваат и се дискредитираат. Епистемолошките меури, за среќа, лесно се распрснуваат: членовите на заедницата треба да се изложат на пропуштените информации и ставови, оттука, во понатамошниот дел од текстов ќе говорам исклучиво за ехо-коморите.

Ехо-коморите подразбираат дискредитирање на сите надворешни извори на знаење, поткопувајќи го интегритетот на сите со спротивставено мислење, кои, всушност, според мислењето на членовите на заедницата, се злонамерни, манипулативни и активно работат на уништување на ставовите предложени од заедницата, оттука, крајниот светоглед на заедницата е војна на сè или ништо, војна помеѓу доброто (олицетворение во дејствувањето на заедницата) и злото (сите други). Еден од можните критериуми за распознавање на ехо-коморите е прашањето: дали системот на верување на заедницата во ехо-комората активно ја поткопува довербата на другите што не се дел од централните догми на заедницата? Ако одговорот на прашањето е потврден, тогаш веројатноста дека станува збор за ехо-комора е голема.

Постои суштествена разлика меѓу епистемолошките меури и ехо-коморите: додека епистемолошките меури предизвикуваат негативни ефекти, меѓутоа, сепак, тие ефекти имаат ограничено дејствување – последица на тоа што меурите лесно се распрснуваат, ехо-коморите се многу поробусни и поштетни: нивните системи на верување, според многу истражувачи, обезбедуваат структурен интегритет и се приспособливи на надворешни напади. Говорот на членовите на ехо-коморите е различен од двојниот говор – намерно двосмислен јазик исполнет со еуфемизам, дизајниран да ја скрие намерата на говорникот, којшто не вклучува никаков интерес за јасност, кохерентност или вистина. За разлика од говорите на дел од политичарите, често окарактеризирани како бесмислени и необврзувачки, ехо-коморите негуваат јасни и недвосмислени тврдења, манипулирајќи ја вистината и потенцирајќи дека другите грешат. Оттука, ехо-коморите, кои се отелотворени од политиката, се, од една страна, реакција на изгубената доверба во политичарите и нивните недефинирани или двојни стандарди, меѓутоа, од друга страна, тие се алатка на политичарите за да ги дискредитираат неистомислениците. Книгата на Џејмисон и Капела „Ехо-комора: Раш Лимбо и конзервативниот медиумски естаблишмент“ (Kathleen Hall Jamieson, Joseph N. Cappella: „Echo Chamber: Rush Limbaugh and the Conservative Media Establishment“, 2010 г.) го документира создавањето, од страна на американскиот коментатор Раш Лимбо, на медиумската куќа „Фокс њуз“ и на списанието „Волстрит журнал“, на конзервативна медиумска ехо-комора. Меѓутоа, постојат многу други комори, вклучувајќи ги оние поттикнати од левицата и од центарот, но и ехо-комори што опфаќаат широки теми надвор од политиката.

Според повеќемина автори, постојат две општествени структури што систематски ги исклучуваат информациите и манипулираат со фактите: епистемолошките меури и ехо-коморите.

 

Епистемолошкиот меур е заедница на луѓе во која релевантните ставови се или намерно исклучени – избегнување спротивни ставови, бидејќи, на пример, тие прават членовите на заедницата да се чувствуваат непријатно, или ненамерно исклучени – преземање информации од социјалните мрежи блиски до уверувањата на членовите на заедницата, што подразбира, од една страна, недоволна покриеност со сите релевантни информации и ставови и води, од друга страна, до прекумерна самоувереност и некритично размислување.
Ехо-комората е заедница на луѓе во која се дискредитира знаењето на другите (нечленовите), додека истовремено се засилуваат епистемолошките акредитиви на членовите на заедницата

Дали во Македонија постојат ехо-комори? Одговорот на ова прашање е афирмативен: закопани во своите ровови политичарите и нивните верни сенки, изгубените души што сè уште не нашле мир – интелектуалци, професори, аналитичари и новинари, водат војна и по медиумите и на социјалните мрежи, при што не избираат средства, бескрупулозно лажат, манипулираат и ги дискредитираат неистомислениците, вклучувајќи ги и критички настроените независни мислители и медиуми. Така, на пример, за членовите на ехо-комората, зборовите почит и омраза се тесно поврзани: барањето почит се толкува со ширење омраза!

Клучното прашање што го поставувам речиси во секој есеј во „Нова Македонија“ е: како понатаму? Па затоа, како понатаму? Во „Медитации за првата филозофија“ (1641 г.), Декарт предложи мисловен експеримент: злобен демон што мами за сè и сешто, што му овозможи да го отфрли системот на верувања – резултат на неговите лажни верувања во младоста, да почне одново од нула и да изгради нов систем на верувања, отстранувајќи ги подмолните невистини еднаш засекогаш. Според Декарт, ако во стариот систем се отфрли некое конкретно верување, другите негови верувања ќе привлечат други непосакувани верувања, па оттука, според Декарт, единственото решение е картезијанско рестартирање: отфрлање на сите верувања и започнување од нула. Аналогијата на размислувањата на Декарт и тоа што се случуваше во Македонија од независноста до денес е фрапантна, со таа разлика што злобниот демон не е мисловен експеримент, туку застрашувачка реалност (погодете кој е злобниот демон?). Македонските политичари и мислители, за жал, почнувајќи од лажни верувања и ставови, изградија неправеден систем на верувања полн со сомнителни и невистините верувања, што овозможи појавување на ехо-комори.

Повикувајќи се на Декарт, на Македонија ѝ е потребно рестартирање, ќе го наречам македонско картезијанско рестартирање – со цел да излезат од рововите, од ехо-коморите, членовите на ехо-коморите треба, според моето мислење, да раскинат со сопствените верувања – особено кому и во што веруваат – и да почнат од нула. Меѓутоа, тие всушност не можат да почнат од ништо: треба да почнат со тоа што ќе претпостават нешто и ќе му веруваат некому. Предлагам тоа да биде мантрата за македонизмот: македонизмот подразбира просторен и милениумски континуитет на македонскиот јазик, идентитет и народ, чиј национален супстрат го сочинуваат Македонците што живеат во државата Македонија, во соседството (вклучувајќи ги тука и Грција, Бугарија и Албанија) и низ целиот свет, при што синтагмата „просторен и милениумски“ е суштествен дел од поимот македонизам и означува дека македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонскиот народ опстојувале илјадници години, опстојуваат денес и ќе опстојат во иднина насекаде: во Македонија, Грција, Бугарија и во Албанија и низ целиот свет.

Македонско картезијанско рестартирање на многумина, можеби, ќе им се причини дека е ирационален процес, но, според моето мислење, рестартирањето воопшто не е нереален процес. Такво длабоко чистење, во нас и околу нас на системот на верувања, е единствената надеж за излегување од ехо-коморите. За да не изумре Македонија, време е да излеземе од рововите, време е да се обединиме, време е да престанеме да се бориме меѓу себе и во себе, туку против корупцијата, дивеењето, алчноста, нечесноста и сервилноста на сите владејачки гарнитури, какви и да биле: леви, десни, шарени, еднобојни, во центарот, на периферијата. Време е предизвиците во Македонија да ги разгледаме, анализираме и решаваме, користејќи, од една страна, пристап што обединува, синтетизира и интегрира и водејќи, од друга страна, грижа за македонизмот.