ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (306)

Дејан Јовановски (1)

Дејан Јовановски беше член на првата сениорска кошаркарска репрезентација по осамостојувањето на Македонија. Настапи на првите квалификации за ЕП во Вроцлав, во 1993 година, а по шест години беше учесник на Европско првенство во Франција. Неговиот татко Ванчо беше репрезентативен ракометен голман

Низ кошаркарскиот клуб Работнички поминале многу генерации кошаркари, кои оставиле голем белег не само во клубот туку и воопшто во македонската кошарка. Еден од нив е и Дејан Јовановски, кој во 90-тите години од минатиот век, не само што ги бранеше боите на трофејниот клуб туку по осамостојувањето на Македонија беше и стандарден сениорски репрезентативец. Меѓутоа, Дејан е интересно име во нашиот спорт и поради фактот што и неговиот татко Ванчо беше истакнат спортист. За разлика од својот син, тој беше ракометен голман, кој направи една извонредна кариера и остави печат, не само во ракометот туку и во спортот воопшто.

Ванчо во 70-тите и во 80-тите години од минатиот век со своите одбрани во Вардар го сврте вниманието кон себе и стана репрезентативец на Југославија. Бранејќи ги боите на поранешната држава, која претходно во 1972 година во Минхен стана и олимписки шампион, тој настапи на многу значајни турнири и првенства. Инаку, неговите почетоци беа во скопски Вардар, за потоа да продолжи во Бундеслигата, за по враќањето од Германија да стане член на битолски Пелистер. Ванчо и во Битола остави голема трага, па и денес се споменува како едно од најмаркантните имиња што ги бранело боите на битолчани. По осамостојувањето на нашата држава, тој и селекторот Славе Атанасовски беа првите луѓе што го водеа нашиот национален тим.

Во една таква ситуација, кога таткото е врвен спортист, нормално беше и синот Дејан уште од раното детство да зачекори на спортската сцена. Но за разлика од својот татко, тој се определи за кошарката, иако, сепак, неговите почетоци беа во ракометот.
– Точно е тоа, а можеби беше и нормално поради семејната традиција прво да заиграм ракомет. Уште како дете го следев мојот татко, а кога заминавме во Германија, каде што тој потпиша профи-договор и настапуваше во Бундеслигата, постојано бев во салата. Тие детски години и денес кај мене предизвикуваат возбуда, зашто сеќавањата на тоа убаво минато време не може толку лесно да се избришат. Меѓутоа, морам да кажам, иако го сакав ракометот, сепак, се определив за кошарката. Причина за ова беше и фактот што како млад брзо растев и достигнав кошаркарска височина (196 сантиметри). Тоа сметав дека ми дава поголеми шанси за успех во кошарката, која некако ми беше поблиска и од причина што не беше толку груба како ракометот. Кога ќе се најдев во салата, додека татко ми тренираше, јас постојано шутирав на кошот. Еден ден прославениот ракометен тренер Владо Штенцл му се обрати на татко ми и му рече „детево има талент, има и физички предиспозиции и може да стане добар кошаркар“ – вели Дејан.

Почетоци во Работнички

Откако семејството Јовановски се врати од Германија, таткото Ванчо застана на голот на тогашниот шампионски тим на битолски Пелистер, додека Дејан играше за училишната кошаркарска екипа, која се натпреваруваше на Малите олимписки игри (меѓуучилишни натпревари).
– Во тоа време ракометот беше најпопуларниот спорт, па често одев да ги следам мечевите на ракометарите на Пелистер, кои се натпреваруваа во Првата југословенска лига. Се сеќавам на многу возбудливи средби, од кои, сепак, најспектакуларни беа дуелите со Металопластика од Шабац, која во меѓувреме стана и европски првак. Тоа уште повеќе ги разгоре страстите на „чкембарите“, кои со својата поддршка беа силен мотив за битолските ракометари – вели Дејан, сеќавајќи се на убавиот период кога неговиот татко беше сигурен чувар на голот на битолчани.

Но и покрај тоа што очите повеќе му беа свртени кон ракометот, сепак, тој остана доследен на она што го почна уште во Германија и како седмоодделенец почна да тренира со своите врсници во Работнички. Тренерите веднаш го забележаа неговиот талент и вратата во кошаркарскиот спорт ширум му беше отворена. Беше јасно оти Дејан тргнува по стапките на својот татко, но не во ракометот, туку во кошарката.
– Мислам дека не згрешив, зашто веднаш се најдов во младинската екипа на Работнички, која беше една од најдобрите во Македонија. На кормилото на младите селекции на клубот од Дебар Маало се наоѓаа познатите имиња во светот на кошарката, Александар Књазев, Јанко Луковски, Марин Докузовски, Заре Марковски, Јорданчо Давитков. Подоцна некои од нив ми беа тренери, кога настапував и за сениорската репрезентација на Македонија. Тука би го додал и името на нашиот прославен ас, за жал, покоен, Благоја Георгиевски-Буштур, кој нѐ водеше во неколку квалификациски циклуси. Малку недостигаше со Буштур првпат да заиграме на едно европско првенство, но кога веќе бевме сигурни дојде оној несреќен пораз од Финска во Скопје, па така, мораше да ја чекаме следната шанса, кога со Заре Марковски на тренерската позиција првпат заигравме на ЕП, во Франција, во 1999 година – вели Дејан.

Генерација за паметење

Инаку, во генерацијата на Јовановски беа играчите што го прославија не само тимот на „железничарите“ туку и македонската кошарка. Нивните имиња и денес се останати во меморијата, особено кај повозрасните љубители на кошарката, зашто тие беа оние што им приредуваа големо спортско задоволство.
– Генерацијата на Работнички беше навистина силна. Да ги споменам браќата Боцевски, Давитков, Војновиќ, Петрушев, Станковиќ, потоа засилувањата Кањевац и Марко Ивановиќ. Добро беше што уште од годините пред распадот на Југославија, високо се издигна и стана прволигаш МЗТ Скопје. Така се создаде еден ривалитет меѓу двата скопски клуба, кој придонесе кошарката да котира високо во целопкупното наше спортско живеење. Дуелите меѓу нив се очекуваа со големо интересирање, зашто не само што носеа многу возбуда туку беа и максимално неизвесни. Често се случуваше завршниците на мечевите да имаат драматичен крај и до последните секунди да не се знае кој ќе победи. За конкуренцијата да биде посилна, тогаш заживеаја и други екипи, како Никол Ферт од Гостивар Деликатес од Кочани и Жито Вардар од Велес, кои беа конкурентни и знаеја да им го загорчат животот на фаворитите. Тогаш, се појави и Орка, тоа беше предизвик за многу квалитетни играчи да му пристапат на овој клуб, меѓу нив бев и јас, но мојата епизода беше од краток век, бидејќи поради потешка повреда бев принуден да паузирам една година. Тоа за еден спортист е долг период, кој нормално подоцна се одразува и на квалитетот на игрите. Но стегнав заби, па и по повредата продолжив со ист интензитет и ентузијазам – додава Јовановски

Сведок на последните игри пред распадот

Дејан Јовановски, кој на 18-годишна возраст заигра за првиот тим на Работнички, беше еден од најмладите кошаркари во новоформираната Прва македонска лига.
– Интересно е оти бев учесник во последните натпревари за шампион на поранешна Југославија. Поради бурните настани во државата, лигата беше речиси преполовена, но Кошаркарската федерација на Југославија некако успеа, иако во некомплетен состав на лигата, да го заврши првенството. Се сеќавам на мечот со Босна во „Скендерија“, кој одеше и како директен ТВ-пренос, кога на враќање кон Скопје наидовме на барикадите кај Рогатица и мораше со автобусот да се пренасочиме кон планинскиот пат низ Романија, за да стигнеме во Вишеград, а потоа преку Ужице и Чачак да се вратиме во Скопје. Тогаш на сите ни стана јасно оти од поранешната држава нема ништо да остане и оти распадот е неминовен. Тоа навистина и се случи и Првата лига заврши без екипите од Словенија и Хрватска. Сепак, за дотогашните натпревари да не бидат залудни се одржа фајналфор во Белград, на кој и ние учествувавме. Тоа беше и последниот натпревар во една од дотогаш најсилните европски кошаркарски лиги – вели Дејан.

За тоа како течеше понатаму кариерата на Дејан Јовановски, како и за првите квалификации на Македонија во Вроцлав во 1993 година и за првото учество на Европското првенство во Франција во 1999 година, ќе читате идната недела.


Дејан Јовановски

Роден: во 1973 година во Скопје
Кариера: Работнички, МЗТ, Никол Ферт, Ојак Рено (Турција), Лугано (Швајцарија), Перистери (Грција), Роан и Етан Шалон (Франција), репрезентација на Македонија
Успеси: Пет титули првак на Македонија со Работнички и три освоени Купа, два со Работнички и еден со Никол Ферт, една екипна титула и освоен куп во Швајцарија со Лугано, учесник на ЕП за сениори во Франција во 1999 година