Дијаспората мора повторно да се поврзе со матицата - Фото: Влада

Дијаспората е неопходна за остварување на амбициозните државни цели

Премиерот Христијан Мицкоски ја предводеше владината делегација што минатата недела оствари средби со претставниците на дијаспората во САД. Мицкоски во Њујорк порача дека е неопходно да се зголеми меѓусебната соработка со дијаспората во насока на надминување на актуелните и идните тешкотии и остварување на амбициозно поставените државни цели, за Македонија да биде модерна држава во која ќе градиме заедничка и просперитетна иднина

Новата влада ги зајакнува соработката и врските со дијаспората, со цел за заедничко дејствување, а во таа насока поминаа и состаноците на делегацијата предводена од премиерот Христијан Мицкоски со претставниците на дијаспората во САД. Мицкоски во Њујорк, изминатиов викенд, нагласи дека е неопходно е да се зголеми меѓусебната соработка со дијаспората во насока на надминување на актуелните и идните тешкотии и остварување на амбициозно поставените државни цели, за Македонија да биде модерна држава во која ќе градиме заедничка и просперитетна иднина. Тој истовремено ги повикал членовите на дијаспората заеднички и посилно да работат на унапредување на комуникацијата, дијалогот и заедничките активности.

Претстојат низа средби со ОМД во Македонија

Владината делегација разговараше за можностите за соработка и идни активности со претставниците на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), за време на средбата одржана во Вашингтон, во пресрет на тридневниот самит на НАТО, на кој учествуваа премиерот Мицкоски, заедно со министрите Тимчо Муцунски, Владо Мисајловски и Панче Тошковски. Од ОМД беше оценето оти средбата во Вашингтон означува значаен чекор напред во зајакнувањето на врската помеѓу Македонија и нејзината дијаспора, отворајќи пат за посветла иднина за земјата.
– На средбата во САД се информиравме за активностите и разговаравме за координативни насоки. ОМД останува посветен на својата мисија секогаш да ги застапува интересите на македонскиот народ и да отвора врати за Македонија низ светот. Потребно е да се кажат потенцијалите на македонската дијаспора, да помогнеме при застапување на интересите во американскиот Конгрес, да бидеме од корист за креирање на јавното мислење. Во однос на дијаспората, треба да се работи на организација и навигација на дејствувањето, како и на национален пристап со унифициран став – истакна Гордан Јорданов, извршен директор на ОМД за Македонија.

Тој посочи дека претставниците на ОМД неделава ќе имаат низа средби во Македонија, на кои ќе се сретнат со новоизбраната власт.
– Неделава ќе има низа средби во Македонија каде што ќе бидат присутни и претставници на ОМД. Ќе разговараме и за националната стратегија, сакаме ОМД да биде присутен на масата и да придонесе во креирањето политики – наведе Јорданов.

Упатен повик за сплотено дејствување со иселениците

Благодарност за достојно претставување на македонската историја, култура, јазик и обичаи надвор од границите на Македонија, но и повик за сплотено дејствување упати Мицкоски при посетата на Њујорк, каде што оствари средби со македонската дијаспора, присуствуваше на вечерната богослужба во чест на светите Петар и Павле во црквата „Св. Кирил и Методиј“, како и на собирот организиран од Македонците во САД.
– Би сакал да ви се заблагодарам на сите вас, тука присутни, но и на оние припадници на дијаспората низ светските меридијани, за сѐ што сторивте досега, постојано и достојно претставувајќи ги македонската историја, култура, јазик и обичаи. Немаме каков било сомнеж во вашата подготвеност дека и во иднина ќе продолжите да ни помагате нам, на вашите најблиски и на вашите роднини и пријатели дома – истакна Мицкоски.

Премиерот додал дека ќе биде неопходно да се зголеми меѓусебната соработка со дијаспората, при што ги повикал Македонците во странство заеднички и посилно да работат на унапредување на комуникацијата, дијалогот и меѓусебните активности.
– Помагајќи си едни на други и дејствувајќи сплотено ќе можеме многу побрзо и поефикасно да ја оствариме заедничката визија и да ја направиме Македонија посакувано и многу подобро место за живеење. Вие сте нашата жива и постојана врска со светот, вие сте нашите најдобри амбасадори, кои силно ни помагаат во промоцијата на нацијата, јазикот, културата, уметноста, образованието и сите други области што не ги спомнавме, но сепак се дел од вашата секојдневна помисла и агенда на дејствување – нагласи Мицкоски. П.Р.


Премиерот Мицкоски: Дали има гаранција дека уставните измени би биле последен услов, ред е Европа да направи нешто за возврат

Ставот на Владата за уставните измени е јасен и непроменет и во таа насока треба да се даде одговор на прашањата која е причината за внесување на Бугарите во Уставот и што добиваме ние како држава од тоа. Решението што го нуди Владата е одложна примена на уставните измени, но треба да се запрашаме и дали има гаранција дека ова ќе биде последниот услов за Македонија, ако се решиме на ваков чекор. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Ал џезира“.
– Бидејќи гаранции дека ова е последно слушаме уште од раните 90-ти години, кога променивме име, знаме, банкноти, територијални распределби… имавме воен конфликт, неколкупати менувавме Устав и секогаш пораката од Брисел беше „само уште ова, и вие сте најдобрите и тие што ќе бидат први“. Но, за жал, сите поминаа, а ние сѐ уште останавме во ходник да чекаме вратата да ни ја отворат, да седнеме и да преговараме. Ние го понудивме решението и тоа е одложна примена на она што претставува услов, односно на уставните измени. Ние можеме тој процес да го почнеме, да го завршиме, но да важи тогаш кога ќе почне ратификацијата на пристапниот протокол во рамките на парламентите на 27-те земји членки – категоричен е Мицкоски.

Тој потсети и на 14-те пресуди против Бугарија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
– Дали нечии човекови права се забранети или се ограничени затоа што не се дел од преамбулата на нашиот македонски устав. Тогаш се поставува дилемата, во ред може да е тоа така, но која европска институција е задолжена да суди. Тоа е Судот за човекови права во Стразбур. Ако ги видиме одлуките на овој суд поврзани со човековите права во регионот, ќе дојдеме до заклучок дека 14 пресуди доаѓаат од оваа европска релевантна институција за македонската заедница во Бугарија, дека нивните човекови права се ограничени или нарушени и нула за бугарската заедница во Македонија. Четиринаесет со нула, значи не е тоа причината. Ајде тогаш да видиме што е причината и што добиваме ние – кажа Мицкоски.

Во однос на Грција, премиерот рече дека добрососедските односи се двонасочна улица, но посочи и оти вистинското прашање е зошто другата страна не го почитува Договорот од Преспа. Мицкоски смета дека македонскиот народ направил сѐ, како ниту еден друг народ, и сега е ред на Европа да направи нешто за возврат, ако постои желба од Брисел да ја види Македонија како дел од европското семејство.
– Ние како народ направивме сѐ. Сега треба Европа да направи нешто за нас. Ако навистина постои желба во Брисел да ја види нашата држава, да ги види граѓаните да бидат дел од европското семејство, тогаш има начин како да се реши тоа. Простете, но ние доволно направивме. Сега треба вие да покажете малку ангажман – заклучува Мицкоски во интервјуто за „Ал џезира“. П.Р.