Бугарската анахрона и противправна позиција за македонскиот народ, историја и јазик тргна на буниште

Почнуваат ли Бугарија и официјална Софија да уважуваат македонски народ во Македонија?
Несомнено бугарскиот премиер испраќа порака од место каде што и Македонија седи на истата маса со Бугарија, на рамноправна основа, така што малку е веројатно дека Главчев направил лапсус кога споменал два народа во двете држави. Уште повеќе, она на што цели техничкиот премиер на Бугарија е да се намалат политичките тензии, за да не се случи рефлексија на актуелните лоши политички релации и меѓу граѓаните од двете држави, кои без оглед на политичките недоразбирања, сепак одлично се разбираат и функционираат

Откако стана јасно дека македонско-бугарските односи од потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство до денес го достигнаа најниското можно ниво, нови тонови почнуваат да се слушаат од официјална Софија, која се чини дека го менува пристапот кон македонската страна, свесна дека ако продолжи тензичната атмосфера, политичките несогласувања ќе се трансформираат и во несогласувања меѓу обичните луѓе, што е најнепосакуваното сценарио меѓу две соседни земји.
Очигледно бугарската страна ја увиде ваквата опасност, а и опасноста да биде меѓународно осудена за кршење на меѓународното право и поредок на примерот со Македонците и македонското прашање, плус притисната од домашната политичка криза и притисоците да ги испегла односите со соседите, полека како да ретерира од тврдите позиции и како да испраќа сигнали за помирување во насока на создавање атмосфера на доверба и пријателство, што е главен услов сите процеси важни за иднината на обете земји да течат континуирано и без отпор.

Во таа насока е и инсистирањето на Софија за уставни измени во Македонија и внесување на Бугарите во македонскиот устав, процес што во новосоздадениот амбиент на недоверба и постојани тензии беше невозможно да се реализира. Сега бугарската страна сфаќа дека работата отиде предалеку при кршење на сите можни европски принципи, фундаментални правила и меѓународно право и односи, па бара начин како да ја спушти топката испраќајќи помирливи тонови.

Најхрабриот демократски исчекор на еден носител на висока државна функција во Бугарија

Она што дополнително ги зголемуваше фрустрациите кај македонските граѓани, тоа е фактот дека Бугарија од една страна не признава постоење на македонски народ, а од друга страна бара впишување бугарско малцинство во македонскиот устав. Генерално гледано, целото македонско општество нема никаков проблем во Уставот да биде додадено и бугарското малцинство, но сака тоа да биде направено на начин со меѓусебно уважување, а не со негирање на македонскиот идентитет, јазик и на правото на сопствено градење на историските наративи.

Првиот позитивен сигнал дека официјална Софија има намера да почне да разговара со Македонија на начин на меѓусебно почитување го испрати бугарскиот премиер на техничката влада Димитар Главчев од самитот на НАТО во Вашингтон.
– Најмногу разговарав со Мицкоски. Бевме на исто мислење дека треба да се намали тензијата во говорот. Меѓу граѓаните, меѓу народите на двете соседни земји нема тензии и политичарите, ако не помагаат да се развиваат подобро односите, барем да не пречат – истакна Главчев.

Илустрација: „Нова Македонија“

Несомнено бугарскиот премиер испраќа порака од место каде што и Македонија седи на истата маса со Бугарија, на рамноправна основа, така што малку е веројатно дека Главчев направил лапсус кога споменал два народа во двете држави. Уште повеќе, она на што цели техничкиот премиер на Бугарија е да се намалат политичките тензии, за да не се случи рефлексија на актуелните лоши политички релации и меѓу граѓаните од двете држави, кои без оглед на политичките недоразбирања, сепак одлично се разбираат и функционираат.

Особено паѓа во очи тоа што ова е досега најхрабриот и исправен демократски исчекор на еден носител на висока државна функција на Република Бугарија во која се искажува и уважува посебноста на два засебни народа, односно постоењето на македонскиот национален супстрат – народ, што е нешто сосема различно од досегашните ставови на официјална Софија.

Досегашниот бугарски став кон земјава беше дека тие признаваат држава, но не и народ, јазик, ниту, пак, посебна историја.

Ако зад изјавата на Главчев стојат искрени намери, тогаш сме на добар пат

Од истото место, од самитот на НАТО во Вашингтон, реакција стигна и од македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
– Беше констатирано дека треба да се релаксираат односите и истакнав дека треба да гледаме кон иднината и да ги искористиме можностите за соработка. Темите од минатото и отворањето нови пречки нема да ги зближат двата народа и дека мора да се преземат напори и чекори што ќе влеат доверба меѓу државите како во периодот пред ветото и отпочнувањето на политиката на опструкции – рече Мицкоски.

Познавачите на состојбите препознаваат благо ретерирање од цврстата бугарска позиција бидејќи се соочува со нова единствена цел, Бугарија да почне да работи заедно со Македонија на создавање амбиент на меѓусебна доверба.
– Изјавата на Главчев е добра и ако зад тоа стојат искрени намери, дека македонскиот народ и бугарскиот народ се блиски, но различни народи, дека тие се народи што ги спојува географијата, меѓутоа ги разделуваат културата и историјата, кои се формирале и кои секогаш биле на спротивните страни на историјата, тогаш имаме за што да разговараме. Географијата е немилосрдна, а политиката е проклетство. Географијата е судбина, но политиката направила еве 130 години да го имаме тој проблем со Бугарија – вели поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев.

Според него, проблем е тоа што долг период Бугарија не може да создаде политичка влада и тоа создава голем политички немир во земјата, која е исправена пред многубројни предизвици, а меѓу тие предизвици се и односите со соседите.
– Очигледно удирањето со глава во ѕид на Бугарија не ѝ носи многу поени, особено што поради војната во Украина и онака како што е Бугарија поставена на Црно Море, со логистичка база во Варна, со расчекорени ставови меѓу претседателот и политичкото раководство на службената влада, станува јасно дека Бугарија мора да изгради односи со соседите. Не дека нешто ќе се смени, меѓутоа се свесни дека од аспект на меѓународното право, од аспект на Европската конвенција за човекови и малцински права, од аспект на Меѓународниот суд на правдата, Македонија си има свои позиции од кои не може едноставно да отстапи, како што тие очекуваа по потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка, кој беше целосно асиметричен и во полза на Бугарија поради кратковидоста на тогашната македонска политичка елита. Тој праг на очекувања по седум години очигледно спласна, видоа дека на сила не може ништо да се направи, дека македонскиот народ изразува цврста сплотеност околу националните карактеристики на државата, тоа што значи во делот на внатрешната кохезија. Се покажа и на изборите дека македонскиот народ сака да оди во Европа, но не по пат на уцени, односно не по секоја цена, а Бугарите го гледаат тоа и увидуваат дека тој пат прекутрупа што сакаа да го изодат со поранешното раководство едноставно веќе не функционира – појаснува Ѓорчев.

Тој уште додава дека бугарската политичка елита се соочува и со извесен притисок од страна на САД, кои исто притискаат и врз Македонија, но и врз сите земји во регионот, што поскоро да се затворат отворените прашања и на Балканот да не се остава простор за други влијанија.
– Очигледно тој притисок на САД, барем Балканот да биде мирен и меѓусоседските односи да бидат добри, морало да има влијание и кај бугарските челници. Во неколку наврати на средбите со високи американски претставници во Бугарија имаше многу јасни пораки за изолација на високи бугарски чинители што имаат малку поцврст став кон Македонија, кои воопшто и не беа повикувани на тие средби. Така што, влијанието на САД е големо за постигање некаков компромис со Македонија, но не по пат на асиметричност. Не може некој сосед да бара отстапки од нас, а да не е подготвен самиот да отстапи ниту милиметар. Тоа веројатно го сфатиле и Главчев, и Борисов, Американците добро го знаат, имаме многу аргументи на наша страна, ако не нѐ почитуваат како народ, тогаш за што ќе разговараме – истакнува Ѓорчев.

Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија уште еднаш повторува дека изјавата на Главчев за постоење два народа е добра, но дека двете земји треба да почнат да работат на проекти што ќе ги зближуваат двата народа, како изградба на повеќе гранични премини, патишта, железница, културна и научна соработка, а идентитетските и историските прашања да ги остават настрана.
– Храбро е ова, но не очекувам некој во Бугарија да истапи од нивната стара позиција, да го смени тој социјален инженеринг што е присутен 130 години ако нема некој меѓународен притисок – заклучува Ѓорчев.


Гласниот молк на бугарските опскурни центри за македонски нихилизам

Без никаква реакција и со молк беше дочекана веста објавена во „Нова Македонија“ во која беше пренесена изјавата на бугарскиот премиер на техничката влада, Димитар Главчев, кој говори дека „меѓу народите во двете земји нема тензии“, што е прво директно признание од некој висок бугарски функционер на посебноста на македонскиот народ.

Досегашна востановена практика од некои центри водени од официјалната бугарска политика беше жестоко, дрско, безобразно, без правни аргументи и со употреба на говор на омраза да се напаѓа секоја објава на нашиот весник во која се споменуваат и анализираат бугарско-македонските односи или каков било текст во тој контекст, особено ако се споменува негаторскиот однос на бугарската официјална политика кон Македонија.

Ова е првпат, по изјавата на Главчев, да нема никаква реакција, што од друга страна ја наметнува дилемата дали истите тие центри од каде што се диктираа овие напади сега и самите се збунети од последната изјава на Главчев, па затоа молчат или, пак, дали тоа значи дека се неинформирани за новиот курс што го зафаќа актуелната бугарска политика, дали можеби не се согласуваат со изнесените ставови на Главчев, па сега се во недоумица кон кого да ги насочат отровните стрели, дали кон „Нова Македонија“ или кон официјалната бугарска политика или едноставно не знаат што се случува.

Несомнено изјавата на Главчев е нова фактичка ситуација и има некаква содржина што е вистинска, а во наредниот период ќе бидат многу појасни вистинските бугарски позиции, особено откако и од Софија се свесни дека досега направиле ’ршум во меѓународното право и меѓународните односи и дека ова е последен момент кога треба да ретерираат и да се покажат кооперативни. Како и да е, изјавата на Главчев е јасно истапување од досегашните бугарски политики и е позитивен исчекор во насока на подобрување на односите меѓу двете земји. С.Т.