Викендов се одржува „Галичка свадба“
Годинашното издание на најавтентичната културно-сценска манифестација кај нас ќе се одржи викендов, од 12 до 14 јули, во живописниот Галичник. Неколку илјади домашни посетители и странски туристи повторно ќе уживаат во атрактивното доживување што го нуди овој единствен настан од ваков вид.
– Сликовитите падини на планината Бистра и импресивниот Галичник повторно се сцена на која ќе бидеме сведоци на уникатните свадбарски обичаи и ритуали, богатиот колорит на народните носии, изворните песни и автентичните ора карактеристични за овој дел од нашата земја. Посебното внимание на љубопитните посетители ќе биде свртено кон галичката невеста Стефана Димитрова, која по потекло е од Галичник, и кон младоженецот Даријан Кочоски, кои судбоносното „да“ ќе го кажат в недела, на 14 јули. Годинашната невеста Стефана, преку своите родители, потекнува од познати галички семејства, а и двајцата млади и досега биле учесници на „Галичка свадба“ – велат организаторите.
Најпозитивно при опсежните подготовки на манифестацијата, во текот на целата година, е што и по толку децении не спласнува интересот на младите да бидат дел од свеченостите, туку напротив, тој секоја година расте.
– Тоа е посебен знак дека успеваме во нашата мисија да ги одржиме витални нашите обичаи и вредностите на традицијата што сме ја наследиле и им ја пренесуваме на следните генерации – вели организаторот Александар Костиќ.
Институционален покровител на „Галичка свадба“ е претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова. Тоа дополнително го истакнува значењето на оваа манифестација, која игра огромна улога во зачувувањето и афирмацијата на оригиналниот фолклор, традиционалните вредности, архитектурата и народното творештво, како темели на нашиот културен и национален идентитет. Еден од традиционалните поддржувачи на манифестацијата и годинава е Министерството за култура и туризам.
Традиционално, почетокот на свадбениот обред, вечерта в сабота, на 13 јули, ќе го означи побратимот со „фрлање“ три пушки и со виорење и поставување на свадбениот бајрак. Вечерта продолжува со другите обичаи – пречек на тапаните, кои два дена ќе ечат низ Галичник, свекрвиното оро, а членовите на НУ „Танец“ ќе го одиграат симболичното оро „тешкото“. Секогаш импресивна е и глетката кога сватовите со борина в рака ќе ја носат девојката да наполни вода на три чешми кај опеаната „Упија“. Денот на венчавката, недела, 14 јули, ќе го обележат атрактивните свадбени обреди и обичаи, меѓу кои таканареченото канење на мртвите, канењето на кумот, бричењето на зетот, бодинењето, гледањето низ прстен, пречекот на сватовите, земањето на невестата, дарувањето и други обичаи. И годинава пејачка група ќе ги изведува подзаборавените обредни песни. Венчавањето на младенците ќе се изврши во храмот „Св. апостоли Петар и Павле“, а свеченоста ќе заврши со испраќањето на тапанџиите и зурлаџиите.