Отворена изложбата „Модерна традиција“ на Филип Фидановски
Изложбата „Модерна традиција“ на Филип Фидановски отворена во Музејот на град Скопје, во рамките на „Скопско лето“, претставува спој на традиционалната грнчарија, која е автентична за македонската традиција, и нејзиното трансформирање во модерен визуелен стил со авторски пристап на уметникот. Гостинка на изложбата е Марјана Костојчиноска Узунчева.
– Со оваа изложба се насочува вниманието кон зачувувањето на традиционалниот грнчарски занает, кој е во ризик од исчезнување, и ја илустрира умешноста на авторот преку неговото сликарство во керамиката, кое се смета за една посебна и уникатна дисциплина во керамичката уметност. Со тоа што се враќа во употреба заборавениот начин на приготвување на храна и се унапредува стариот занает, се цели да се замисли начинот на живеење на модерниот човек и како може да се вклучи традицијата во тој начин на живеење – вели авторот на делата.
На изложбата се претставени повеќе традиционални садови, кои сè уште се произведуваат, со задржан облик и функција. Изложбата е конципирана на начин што керамиките се поставени на маса прекриена со чаршаф со стилизирани фолклорни елементи, изработен од Марјана Костојчиноска Узунчева. Масата е поставена така што го прикажува традиционалното послужување на храна, а со ова, гледачот има можност да кружи околу масата и да се запознае со културата на сервирање на садовите и нивната основна функција. Оваа изложба на керамика има цел да го поттикне интересот за традицијата и уметноста на керамиката кај пошироката јавност. Со прикажувањето на традиционалните садови на начин што го сретнуваме во секојдневниот живот, оваа изложба ги обединува минатото и современоста и ја остварува целта за оживување и промовирање на традицијата во модерниот свет.
– Едицијата уметнички керамики, не случајно, Филип Фидановски ја насловува „Модерна традиција“, бидејќи во ова уметничко патешествие базичната идеја е извлечена од културолошкиот багаж што уметникот го апсорбирал низ долгогодишните истражувања на генезата на формите, колоритот, декорациите и занаетчиските техники на македонската керамичарска традиција. Од богатиот дијапазон на отпечатоци содржани во оваа мемориска капсула, Фидановски со умешност на вешт алхемичар, ги изнедрува од историската темнина и „барбутина“ декорациите од втиснатите прсти врз неолитските керамики на говрлевските садови и префинетата структура на глината од скупските садови тера сигилата, садовите можеби подготвени за трпезата на властелините на Скопското кале, грнците и бардаците за вода што занаетчиите од скопската чаршија ги продавале во пазарните денови на ледината во подградието на тврдината во Скопје и карактеристичното „сплескано“ глинено мало тавче во кое се подготвувало надалеку познатото тавче гравче во чаршиските ашчилници – вели Јасминка Намичева, авторка на текстот за изложбата.
Според неа, Фидановски ги трансформира сите овие колористички и декоративни обрасци во сопствен уметнички јазик, задржувајќи го линеарното моделирање при ликовниот отпечаток со кој ја исцртува замислената креација.
Филип Фидановски има реализирано 24 самостојни изложби, над 50 групни и жирирани изложби, има учествувано на многу уметнички колонии и симпозиуми. Добитник е на повеќе награди. Професор е по предметот Дизајн на керамика и Технологија на керамика во уметничкото училиште во Скопје. В.Д.