Повеќедецениската негрижа за македонското малцинство резултираше со асимилаторско цунами
Крајно време е матичната држава да почне засилено да работи на грижата за сопственото малцинство насекаде и во иднина да не се повлекува пред ниту една закана од која било држава. Има судови за човекови права, а секое нарушување на македонските малцински права, каде било, веднаш да се регистрира и да се известат за тоа надлежните меѓународни тела за заштита на малцинските права. Тогаш и асимилаторските политики на соседите нема да се одвиваат непречено, туку навреме ќе бидат осуетени и спречени
Експлицитни елементи на негрижа беа демонстрирани од поединци, носители на високи државни функции, од поединечни институции, но и од државата, кон Македонците надвор од границите. Тоа се покажа како погубно за заштитата на националните интереси, а во моментот кога Македонија се откажа од грижа за нашинците во соседството и секаде во светот, празното место го пополнија други држави.
Имено, последните фрапантни резултати од пописот во Албанија се најдобрата потврда што се случува кога Македонија како држава со години не води сметка за македонското малцинство во соседните земји, но и генерално за дијаспората низ светот. Последиците од ваквиот инфериорен однос излегоа на површина неодамна, кога во соседна Албанија на пописот од ниту еден Бугарин, прекуноќ се создадоа над седум илјади Бугари на сметка на Македонците, кои мистериозно исчезнаа.
Тоа дава многу појасна слика за последиците од непромисленото откажување од малцинствата, само колку да се задоволат нерационалните барања и условувања од соседните земји во име на некакво наводно добрососедство, кое очигледно се практикува само од македонска страна.
Негрижата за нашинците отвора простор за туѓи влијанија
Инфериорната и понизна политика изминатите седум години уште повеќе ги ослабна врските меѓу државата Македонија и нашинците надвор, што дополнително влијаеше врз подредените и попустливи македонски позиции во секој поглед.
Од една страна, процесот на асимилација на македонското малцинство во соседните земји продолжува со несмален интензитет, а од друга страна, во тек е обид да се разбие македонската дијаспора и во прекуокеанските земји, со единствена цел, земја што нема свое малцинство и своја дијаспора, практично нема ниту домороден народ и на тој начин станува полесен плен за асимилаторите.
Практичната негрижа на македонската држава за дијаспората може најдобро да се отслика за време на пописот во Македонија, кога по диктат на една од тогашните владејачки партии државата овозможи вонстандардни процедури за попис на албанското нерезидентно население во траење од неколку месеци, практика целосно непозната во статистиката, но од друга страна, постојано имаше проблем со системите за попишување на Македонците во Австралија, Америка и во Канада, што доведе до ситуација нашинците едноставно да кренат раце од пописот и воопшто да не се попишуваат. Тоа беше капката што ја прелеа чашата, по што македонската дијаспора целосно ги замрзна односите со тогашната власт, практично и со сопствената држава.
Паралелно, тој вакуум-простор се обидуваат да го искористат одредени соседни држави, кои се трудат да ја присвојат македонската дијаспора по разни други основи, ветувајќи им подобри услови и поголема грижа, слично на она што Бугарија го прави во соседна Албанија и во Косово.
Радикално свртување
Сепак, новите македонски власти добро знаат дека кога ќе се откажат од сопственото малцинство во соседството и пошироко, тогаш во опасност се доведува и самиот македонски идентитет. Тие се свесни за фактот колкава улога може да одигра дијаспората и затоа деновиве се во мисија повторно да ги возобноват врските со македонските малцинства насекаде, од соседството, до прекуокеанските земји. За тоа говори и неодамнешната средба на владина делегација со Обединетата македонска дијаспора во Вашингтон.
ОМД истакна дека единствената цел на дијаспората е да ја види Македонија како просперитетна и развиена нација. Организацијата е посветена на градење посилни мостови и зајакнување на односите помеѓу Македонија, нејзините институции и дијаспората.
– ОМД останува непоколеблива во својата мисија да ги застапува интересите на Македонија и нејзиниот народ насекаде во светот. Оваа средба означува значаен чекор напред во зајакнувањето на врската помеѓу Македонија и нејзината дијаспора, отворајќи пат за посветла иднина за земјата – се наведува во соопштението на Обединетата македонска дијаспора.
Уставни измени со кои ќе се врати грижата за малцинствата во соседните земји
Познавачите на состојбите коментираат дека Македонија како држава првата грешка што ја направи е што се откажа од грижата за македонското малцинство во соседните земји.
– Таква отстапка не прави ниту една земја. Кога ќе се откажеш од сопственото малцинство, практично се откажуваш од себе. Каде постои држава во светот чии малцинства ги нема во соседните земји? Видете ја Унгарија, на пример, има Унгарци во Војводина, во Хрватска, во Романија, во Украина. Унгарија не се откажува од нив, туку работи заеднички со соседните земји да ги подобри нивните услови за живот. Тоа е вистинска грижа за сопствените малцинства. Истото го прави и Бугарија, го прави Романија, но го прават и Италија, Словенија, Франција… Не може поради линија на помал отпор да кажеш дека нема македонско малцинство во Грција и во Бугарија така што ќе се откажеш од грижата за нив. Ништо немаше да ја чини Македонија да им подели книги на нашите деца, да донира некое возило за локалната самоуправа, да работи со албанската влада на прекугранични инфраструктурни проекти што ќе им го подобрат животот на нашинците од таа страна на границата. Исто е и со Грција, која е членка на ЕУ. Зошто Грците не отворат повеќе локални гранични премини, конкретно во Преспа, каде што живеат многу Македонци и да овозможат прекугранична соработка? Конкретно, ако веќе се инсистира на уставни измени, тогаш прво што треба да се направи, тоа е да се исфрлат оние срамни одредби за откажување од сопствените малцинства во соседството. Малцинствата треба да зближуваат и Македонија мора да се води од таа премиса, да инсистира на грижа за сопственото малцинство во соседството, а не да го игнорира – велат соговорниците, кои долги години водејќи се од личен ентузијазам се вклучени во развивање прекугранична соработка меѓу македонското население во соседните земји и нивната матична држава.
Според нив, порано добивале некаква помош од државата за оваа нивна мисија, но последните десетина години воопшто не.
– Порано имавме Министерство за иселеништво што водеше грижа за нашинците надвор, но сега сѐ е сведено на нашата добра волја и на некои донатори, кои не сакаат јавно да се промовираат. На своја рака одиме и во Мала Преспа, во Грција, во Бугарија, каде што на Македонците им делиме книги, музички содржини од македонскиот фолклор, разговараме со нив за нивните потреби, но сето тоа е под некаков илегален превез. Потребно е Македонија како држава за сите овие работи отворено да разговара со соседните земји. Како што Бугарија бара права за Бугарите во Македонија, така и Македонија треба реципрочно да побара права за македонското малцинство таму. Исто и во Грција. Па нели грчката држава е колепка на демократијата, тогаш може барем малку да покаже од тој демократски капацитет и да им овозможи на Македонците да учат на мајчин јазик, да ги негуваат сопствената култура и идентитет, наместо да говорат дека тоа биле грчки Македонци поразлични од оние одвоени со административна граница. Во Албанија треба да се прави исто, со тоа што Албанија како држава не го негира македонското малцинство, но ниту го заштитува од асимилаторски процеси, што е целосна негрижа. Затоа Македонија треба да се обрати до Албанија и да предложи проекти и мерки како двете земји заеднички да ја подобрат положбата на Македонците во оваа земја – истакнуваат соговорниците.
Државата мора да се грижи за секој Македонец надвор
Соговорниците потенцираат дека грижата за нашинците не смее да се сведе на локално ниво, туку мора да зафати планетарен обем, поточно секаде каде што има Македонец, тој да не биде заборавен.
– Особено е важна македонската дијаспора во прекуокеанските земји. Македонци од дијаспората се на видни раководни места во големи компании, така што овие луѓе со задоволство ќе донесат многу странски компании во земјава, ако државата за тоа им овозможи услови. Истовремено, македонската дијаспора има влијание и кај политичарите во САД, во Канада, во Австралија, кои утре може да влијаат врз политиките што се важни за македонските национални интереси. Работите функционираат на тој начин, така што наместо да ја оставаме дијаспората и да забораваме на неа, треба да воспоставиме максимално тесни врски на соработка и на постојана комуникација. Гледаме сега дека има притисоци нашата црква да се откаже од дијаспората така што ќе се откаже од прекуграничните епархии, што е прв чекор кон разбивање на македонската дијаспора. Грција и Бугарија само тоа го чекаат, за да ги приберат овие луѓе кај себе. Македонија како држава мора да го спречи тоа, а еден од начините е постојаната комуникација и заедничко дејствување – наведуваат соговорниците.
Нивното мислење е дека ова е последен момент кога Македонија како држава може да покаже дека ѝ се важни Македонците надвор од границите, во спротивно, се остава простор за целосно разбивање на македонското ткиво.
– Можеби некому му се чини дека дијаспората и малцинствата во соседните земји не треба да се предмет на некаква посебна државна грижа, но за народ што се соочува со идентитетски негирања и предизвици, тоа е круцијално. Ако нема македонско малцинство и македонска дијаспора, нема ниту македонски народ. Затоа, крајно време е државата да почне засилено да работи на грижата за сопственото малцинство насекаде и во иднина да не се повлекува пред ниту една закана од која било држава.
Има судови за човекови права, а секое нарушување на македонските малцински права, каде било, веднаш да се регистрира и да се известат за тоа надлежните меѓународни тела за заштита на малцинските права. Тогаш и асимилаторските политики на соседите нема да се одвиваат непречено, туку навреме ќе бидат осуетени и спречени – заклучуваат соговорниците.