Во рамките на првото издание на новиот фестивал за литература и општа култура „Видик“ беше промовирана новата хибридна инклузивна сликовница на кирилско писмо и на Брајова азбука во издание на „Арс ламина“, „Шарени ириси“. Книгата е со текст на Јована Матевска Атанасова и акварелните илустрации на Симонида Филипова Китановска, кои длабоко и лирски навлегуваат во една деликатна семејна состојба во која таткото е слеп и метафорично кажано: живее во очите на својата ќерка.

Ова издание, кое вклучува страници со Брајова азбука, е наменето за слепите лица и за лицата со оштетен вид, на кои им е достапно преку државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, Скопје, и преку ресурсните центри за лицата со оштетен вид во нашата земја.
– Текстот го пишував слика по слика, фрагментирано, со уметничка градација што би сакала да ја постигнам. Кога ги видов акварелите на Симонида Филипова Китановска сѐ што можев да направам, по првпат, во отсуство на зборови, беше да заплачам… Текстот е составен од слики, од бои и мириси, од допири и вкусови, ги спојува сензациите, но и една комплексна психолошка состојба, во која ќерката го води својот слеп татко низ животот. На крајот од сликовницата останува прашањето: чија инспирација е секој, што настанало прво – храброста да се остане или желбата за промена? Оваа сликовницата се раслојува на повеќе теми и егзистенцијални загатки: видливото наспроти невидливото, животните стадиуми, сивилото и шаренилото, меѓусебната зависност, кои сме и кои би сакале да бидеме, дали емпатијата преовладува над сѐ што постои и има моќ да го измени постојното. Главно тоа што и во сликовницата има само два лика е скицата на ирисите: дуализмот и изборите што секојдневно ги правиме, стегањето и опуштањето. Дури и во медицината ирисот и зеницата сe синхронизираат, што донекаде ја оцртува и целокупната приказна во сликовницата: колку светлина е потребна за да го видоизмениме нашиот хоризонт – рече Матевска Атанасова.

Познатата сликарка Симонида Филипова Китановска, која зад себе има богато и раскошно уметничко портфолио, вели дека создавањето илустрации за книги е дел од нејзиното фамилијарно наследство.
– Татко ми цел живот илустрираше книги… Поканата за соработка од издавачката куќа „Арс ламина“ е само резултат на мојот минат труд како сликарка. Но првпат илустрирам книга за деца и возрасни. Јована, авторката на книгата, сакаше да знае дали ми се допаѓаат текстовите. Одговорив ДА, а на крајот јас ја прашав како ѝ се допаѓаат илустрациите и тоа беше сѐ… Многу е важен спојот помеѓу двата автора, што секогаш треба да биде со уникатен и инспиративен набој, да ја поттикнува имагинацијата на читателот. Тоа е единствено важно во вакви потфати – да им се помогне на младите читатели нивната креативност да добие крилја и да се почувствуваат помалку осамени на овој свет… Но креативноста не постои без емпатија, без човечната варијанта. Доволно е едно дете, кое можеби никогаш не видело и не знаело дека постојат луѓе со оштетен вид, да почне да размислува… Главната порака на книгата е преку поетски обликувани сказни да се поттикнат креативноста и чувството за другите околу себе. Додадена вредност е инклузивноста од аспект на тоа што текстот е релевантен за сите возрасти – истакнува Филипова Китановска.