ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (305)
Бранко Давидовски-Мајка (2)
Давидовски многу придонесе за афирмацијата на ФК Вардар, на кој му остана верен до крајот на животот. Во новинарската фела беше познат како успешен уредник на спортската редакција на Радио Скопје, а и како долгогодишен дописник на белградска „Политика“. Добитник е на наградата „Крсте Мисирков“
Ако некој човек бил толку приврзан за својот клуб, тогаш без конкуренција тоа беше популарниот спортски новинар Бранко Давидовски-Мајка. Со оглед на тоа што тој потекнуваше од старо скопско семејство некако природно беше сета своја спортска љубов да му ја посвети на ФК Вардар, клуб што беше вистински спортски репрезент на Скопје и на Македонија, на просторите на поранешна Југославија, а и пошироко. Вардар беше име што најчесто се споменуваше во спортските кругови, а за тоа зошто е ова така голем придонес даде токму популарниот Мајка, кој како новинар ја користеше секоја можност да го доближи клубот до народот и да ги потенцира неговите национални вредности. Тој никогаш не се оддели од него, иако некогаш имаше ситуации кога во своите коментари беше многу остар кон Вардар. Но сите знаеја оти тој го прави тоа за доброто на клубот, за да се елиминираат сите недостатоци што го сопираа неговиот развој. Затоа, беше почитуван од сите, а често за неговите критики упатени кон саканиот клуб, навивачите знаеја да кажат – Бранко е во право.
Бранко Давидовски-Мајка, кого имав можност да го претставам во емисијата посветена на македонските спортски легенди, иако е починат, пишувајќи за него мора да се вратам и да интерпретирам некои делови од разговорот, за да се потсетиме на неговиот новинарски живот.
Први стапки во радиото
Новинарската кариера на Давидовски почна во првиот македонски спортски весник, „Спортист“, кој излегуваше во 50-тите години од минатиот век. Но овде не се задржа долго, а и судбината на весникот беше таква што брзо згасна. Сепак, тоа не го разочара Мајка, зашто набрзо се најде пред нов предизвик. Неговиот другар, познат атлетичар и новинар Лазо Милошевски, кој веќе беше афирмиран спортски новинар и репортер, му понуди да дојде во Радио Скопје.
– Нормално не можев да ја одбијам оваа понуда, зашто откако го напуштив фудбалот, единствена шанса да останам со него и воопшто со спортот гледав во спортското новинарство. Така, благодарејќи на Лазо Милошевски веќе беше определен и мојот професионален живот – рече тој.
Од тие моменти во 1955 година Бранко Давидовски, откако ги направи првите стапки во Радио Скопје, енергично зачекори по новинарскиот пат. Спортското новинарство не само што стана негова голема љубов туку подоцна со своите активности многу придонесе за развојот и за кревањето на квалитетот на спортското новинарство во Македонија.
– Стигнував насекаде, сѐ што беше поврзано со спортот ме интересираше и не можеше да ми „побегне“. Сакав да знам сѐ што се случува во Вардар, Работнички и во другите клубови. Потоа, што се случува во кошарката, ракометот (кој беше во голем подем), атлетиката. Ме интересираше сѐ, а слушателите на Радио Скопје и моите претпоставени го ценеа тоа. На некој начин, ако не бев секогаш прв, меѓутоа, бев меѓу првите новинари што ја информираа јавноста за сите новости во спортот. Од таа причина многумина ми го доделија епитетот – прв информатор. Од друга страна, на работното место претпоставените ги ценеа мојата посветеност и максимално ангажирање во работата, па откако Милошевски поради нарушено здравје веќе не можеше максимално да биде посветен на уредничката работа, јас ја презедов неговата улога и потоа цели 23 години бев уредник на спортската редакција на тогашното Радио Скопје. Во тој период создадовме една квалитетна програма, од која со посебно внимание се следеше неделната попладневна емисија „Спорт, музика, спорт“ – ми велеше Бранко.
По цел ден на работа
Бранко Давидовски сакајќи да се докаже, а и од преголема љубов кон професијата, воопшто не мируваше. Тој беше познат како човек што и кога не беше на работа, работеше. Ова можеби ќе биде малку чудно, но навистина беше така. Бранко кога ќе шеташе по скопското корзо собираше интересни информации и ги пласираше во јавноста. Едноставно тој беше еден од оние најинформирани новинари, кои буквално знаеја сѐ што се случува во спортот во Скопје и во Македонија.
– Сепак, со најголемо интересирање ги следев случувањата во ФК Вардар, зашто тој беше нашата гордост, нашата спортска љубов. Немаше ден, а јас да не навратам во клубот, да видам како се одвиваат работите. Се интересирав за сѐ, за фудбалерите, за тоа пред некој решавачки натпревар дали има некој повреден играч, за тоа со каков состав ќе допатува противникот. Буквално ме интересираше сѐ – знаеше често да каже Мајка.
Животот на Бранко течеше во едно брзо темпо. Но тој стана уште подинамичен откако ја презеде обврската да биде спортски дописник на белградска „Политика“, а истовремено беше и претседател на Комисијата за младински фудбал во тогашниот ФСМ.
– Ова ми ја усложнуваше работата, беше многу понапорно, но не се жалев. Одвај чекав да дојдат мечевите на Вардар на домашен терен, за да испратам извештај не само со опишување на случувањата на теренот туку и со мој коментар. Токму тоа беше она што ги интересираше читателите, па често од „Политика“ ми се јавуваа да продолжам во ист стил, зашто тоа е интересно за читателите – велеше Бранко.
Така Бранко Давидовски, кој веќе на домашен терен преку Радио Скопје ѝ беше познат на јавноста, се афирмираше како исклучително квалитетен спортски новинар и на просторите на поранешната држава.
Наградата „Крсте Мисирков“ во в истински раце
Сега ќе се обидам од брзиот и динамичен живот на Мајка да одделам нешто што навистина и мене ми остана во сеќавање. Бранко Мајка, со комплетната екипа на МРТВ беше известувач од зимската Олимпијада во Сараево во 1984 година. За овој настан долго време зборуваше и ги истакнуваше организаторските способности на сараевчани, а и на сите оние што беа вклучени во неговата реализација. Потоа, се сеќавам на моментите на терористичкиот напад врз израелскиот тим на Олимпијадата во Минхен во 1972 година, кога ние двајца со илјадници новинари од светот речиси 24 часа стоевме покрај оградата од Олимпиското село, за да го видиме конечниот расплет на овој немил настан. Нема да го заборавам и моментот кога на Медитеранските игри во Сплит во 1979 година, неколкумина члена на новинарскиот тим на МРТВ, не по своја вина, беа суспендирани од раководството, за нешто за што немаа никаква вина. Но, ете, и тоа се случи, па во текот на емитувањето на ТВ-дневникот се слушнаа некои несоодветни зборови, кои стигнаа до ушите на гледачите по вина на еден технички пропуст. Бранко, како уредник, иако немаше никаква вина, сепак, беше потиштен од овој настан.
Кога веќе ги набројувам оние работи врзани со кариерата на Мајка, да кажам оти тој во 1975 година, иако беше акредитиран за Медитеранските игри во Алжир, сепак, не отпатува на големиот спортски собир. Стигна само до белградскиот аеродром, оттука од самата лента на која се движеше чекираниот багаж, без некој да го забележи го зеде својот куфер и го снема. Авионот полета за Алжир, Бранко со првиот автобус се врати во Скопје.
– Едноставно не знам што се случи во тие моменти, дали беше некој страв или фобија, не знам. Претходно летав, но ништо вакво не ми се имаше случено – велеше тој.
Да го споменам и неговото одушевување кога заедно со автомобил одевме на големите боречки приредби. Од сите тие патувања во Варна, Штутгарт, Познањ, Велико Трново, Будимпешта се враќавме задоволни, со медали освоени од нашите репрезентативци. Бранко многу години потоа знаеше да каже дека со борачите му биле најубавите патувања.
И за крај да споменам, иако ова можеше да оди и во почетокот, дека Бранко Давидовски, по предлог на тогашниот генерален директор на НИП „Нова Македонија“, Панде Колемишевски, во 1995 година беше добитник на престижната награда „Крсте Мисирков“, што беше уште една потврда за неговиот придонес во афирмацијата на спортското новинарство во Македонија.
Нема сомнение оти Бранко Давидовски-Мајка остави силен печат во македонското новинарство и е една од личностите што често се споменува меѓу неговите колеги.