Издавачката куќа „Бата прес“ го објави романот за деца и млади „Момчето од ложата“ од грчката авторка Ангелики Дарласи. Делото од грчки на македонски јазик го преведе Емилија Мајсторова-Стојановска. Објавувањето на ова дело е поддржано од Европската Унија и од Министерството за култура, во рамките на проектот „За нивната иднина“, со кој „Бата прес“ оваа и минатата година во програмата „Креативна Европа“ објавува 15 книги за деца и млади од познати европски автори.

Дејството во романот се случува во 1920-тите години и е инспирирано од вистински настани, од животот на група бегалци што живеат во Народниот театар на Атина во 1922 година, кога многу Грци од Мала Азија се доселени во Грција. Иако оваа книга опфаќа тешки теми, како што се загубата, болката и миграцијата, сепак е наменета за деца и млади, бидејќи таа е совршена почетна точка на младите и децата да се соочат со овие теми. Но оваа книга може да биде и поучна, бидејќи опфаќа и теми како што се сочувството и хуманоста. Книгата ги доби исклучително значајната и популарна светска награда „Бели гаврани“ и националната награда „Кругот на грчки детски книги“.

Ангелики Дарласи дипломирала на Универзитетот за драмски студии во Атина, а магистрирала на студиите за изведба на Кралската централна школа за ораторство и драмски уметности во Лондон. Во текот на својата кариера работела во театар, филм и телевизија. Таа предава креативно пишување и драмски уметности.