Илустрација: „Нова Македонија“

Вистината се остварува во процесот на осознавање. Јазикот и зборовите се вообичаени средства со кои се искажува вистината. А, како таа да се прошири и оснажи? Тоа е нашата мисија. Објективната вистина не е само наша (верзија) и апсолутно може да се примени во општествено практично дејствување, во согласност со наведените бесценети и безвременски принципи

За жал, за Македонија се покажува дека објективноста на вистината не значи целосно совпаѓање со перцепцијата на посилните, односно креаторите на субјективните вистини. Меѓутоа, токму нашата мисија ќе биде показ кон објективната вистина, осветлување на фактите и стварноста – она што треба да го прошириме низ светот, незапирливо борејќи се за своето национално битие, јазик, историја и зачувувањето на својата држава, истакнувајќи го сопствениот придонес за светот и човештвото, кој секогаш бил – на вистинската страна на историјата

Македонската мисија што допрва почнува за светот

Секоја меѓународна средба, редовна или проактивно иницирана од наша страна, секој билатерален или мултилатерален состанок, мора да се искористи од македонска страна за да се претстават вистината и аргументите во однос на позициите и потезите на официјална Софија или Атина со кои ги прекршуваат меѓународните договори потпишани со нашата земја. Тој процес треба да биде една сеопфатна лавина на ангажмани, синхронизирани на повеќе полиња: дипломатско, академско, експертско, невладино/граѓанско, културно, спортско… Интегралниот приод кон овој македонски предизвик подразбира активирање на т.н. меки вештини и нашата умешност објективната вистина да биде прифатена од креаторите на светските политики.

Офанзивна дипломатија

– Еве, сега самитот на НАТО во САД е соодветна можност да се каже пред меѓународната јавност, пред партнерите во Алијансата, кој ги спровел обврските од Преспанскиот договор, а кој го користи за уцени и блокирање на евроинтеграциите на Македонија. Тоа е веројатно првата таква најавена пригода, но, во принцип, постојано треба да се укажува и да се пишува што сѐ сме исполниле од договорите, дури и предвреме, односно пред роковите и исполнување на условите од другата страна. Аргументите се на наша страна и кога тоа ќе го кажеме јасно, гласно и без повлекување од нашата вистина, „квазиаргументите“ на вторите страни брзо ќе се истрошат. Затоа мора да имаме офанзивна дипломатија, која упорно ќе ја кажува нашата вистина, во Брисел – во институциите на ЕУ, во Вашингтон, во Њујорк – во Обединетите нации… секаде и во секоја пригода. Треба да се експлоатира и изјавата на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас дека ако Преспанскиот договор не беше потпишан во 2018 година, Македонија секако ќе беше примена во НАТО, а Грција ќе ја изгубеше можноста за уцена за менување на името на државата. На внатрешен план треба целосно да се дискредитираат тие што доведоа до потпишување на Преспанскиот договор. Во таа дипломатска офанзива, Македонија треба да гази како „по јајца“ – да покаже дека знае каде се движи, дека има енергија да го менаџира процесот, но да не нагази пресилно на таа кршлива патека (да не скрши некое „јајце“). Во практика тоа би значело – убедлив настап и аргументираност пред меѓународните институции и меѓународните партнери вклучени во процесот, но и непотклекнување пред уцените на Грција и на Бугарија. Иако се обидуваат да нѐ испровоцираат со притисок, да нѐ исплашат со повеќе уцени – сѐ е на наша страна: аргументите дека сме спровеле обврски од договорите и повеќе од што требало, дека вторите страни не спровеле ништо, а и оние од меѓународната заедница не си ги исполнија ветувањата спрема Македонија. Тоа е од аспект на меѓународното право и почитувањето на договорите. Но, дури и внимателното читање на геополитичкиот контекст укажува дека Македонија не смее уште еднаш да потклекне на непринципиелни и неправедни уцени – вели поранешната амбасадорка Мелпомени Корнети.

Со „меки вештини“ да допреме до светската и европската совест

Други соговорници, искусни дипломати, сметаат дека не само новата македонска влада туку и дипломатијата треба да се ангажира во врска со докажувањето и праведноста на македонската позиција во однос на меѓународното право.
Повеќе наши соговорници универзитетски професори и високи интелектуалци издвојуваат дека треба да се дејствува аргументирано, перманентно и упорно и да ја шириме својата вистина според принципот на концентрични кругови, да допре до сите меѓународно релевантни светски и европски институции.
– Вистината се остварува во процесот на осознавање. Јазикот и зборовите се вообичаените средства со кои се искажува вистината. Но не е само тој начин. Тука се тркалезните маси, форумите, семинарите во европските и светските центри, каде што треба да се чуе нашиот глас. Тука се и невладините организации што истражуваат за меѓународното право, индивидуалните и колективните права, како и недозволивите негирања на перемпторното право (јус когенс), што веќе добива загрижувачки размери, и тоа, среде Европа, на примерот на Македонија. Меките вештини се исклучително битни – издвојува еден наш соговорник, познат режисер.
Тој вели дека, на пример, продукција на високобуџетни филмови е еден од вистинските начини да допреме до светската и европската совест.
– Нашиот став е вистинит! И затоа е неопходно да ги известуваме светот и светските центри, да бидеме упорни во докажувањето на некои објективно постојни факти, кои се во целосна согласност со стварноста, со универзалните вредности и со меѓународното право! Токму затоа, таа објективна вистина не е само наша (верзија)! Таа е онаа што апсолутно може да се примени во едно општествено практично и праведно дејствување, во согласност со универзалните безвременски морални и етички принципи – истакнуваат професорите, наши соговорници.


Метју Нимиц констатира значајна историска грешка кон Македонија,
недостига констатацијата и за прекршување на меѓународното право

Поранешниот пoсредник на ОН во наметнатиот спор од Грција за името на Македонија, Метју Нимиц, ја критикува ЕУ за историските грешки при одложувањата во пристапниот процес на Македонија по Договорот од Преспа.
Метју Нимиц, поранешен специјален пратеник на ОН, во интервју за грчки медиум изрази разочарување во врска со значителното одложување на Европската Унија во процесот на пристапување на Македонија. И покрај ветувањата и очекувањата по решавањето на спорот за името со Грција преку Договорот од Преспа, Нимиц изрази жалење поради неуспехот на ЕУ да ја забрза интеграцијата на Македонија.
– Одложувањето на пристапувањето на С. Македонија од страна на Европската Унија, и покрај претходните ветувања, верувам дека претставува значајна историска грешка. Во С. Македонија имаше очекувања дека решавањето на спорот со Грција преку Договорот од Преспа и навигацијата на уставните измени, кои претставуваат значителни предизвици, ќе го забрзаат пристапниот процес. Сепак, тоа не се оствари. Доцнењето, од различни причини, придонесе за губење на довербата во С. Македонија. Овие очекувања не се усогласија со реалноста – кажал отворено Нимиц за неверодостојноста на Европската Унија.
По сите неправди и контроверзии од меѓународната заедница што ѝ се случија на Македонија по потпишувањето на Преспанскиот договор, се чини дека изјавата на Нимиц за „историската грешка на Европската Унија“ е она што недостигаше како признание од еден од главните играчи во преговарачкиот процес, во кој беа вклучени и ОН и кој траеше речиси три децении, дека всушност сите биле свесни дека со него се врши стравотен притисок над Македонија, се бараат страшни жртви, при што се пренебрегнува, игнорира и прекршува меѓународното право. И сето тоа на штета на Македонија! И на меѓународното право, се разбира! По оваа изјава на Нимиц, останува само „дилемата“ дали таа констатација за „историска грешка“ произлегува од преиспитување на неговата совест или, пак, е резултат на нестивнатите реакции на Македонците за неприфатливост на Преспанскиот договор и сите други уцени спрема Македонија што произлегоа од него. Револтот на Македонците спрема т.н. билатерални договори, кои наедно го дерогираат и меѓународното право и ги деградираат македонскиот национален идентитет и постоење, беше најсилно и најмасовно искажан како резултат на последните претседателски и парламентарни избори. Ако признанието на Нимиц е резултат на отпорот на македонскиот народ спрема наметнатиот асиметричен и штетен Преспански договор, тогаш – тоа е вистинскиот пат по кој Македонија и Македонците треба да ја манифестираат својата мека моќ за да му ја кажат на светот вистината за неправдата што им е нанесена од меѓународната заедница, со која е погазено и меѓународното право.


Грција и Бугарија во Брисел: Европските институции ги ставија во своја хегемона функција

Грција и Бугарија почнаа заеднички максимално да ги користат европските институции и отсуството на македонски претставници (поради процесот на формирање на Владата и институциите во Македонија, по парламентарните избори на 8 мај) за манипулација и извртување на вистината во однос на спроведувањето на спорните меѓународни (всушност, билатерални) договори. А нивното денунцирање на Македонија во Брисел, најчесто се сведува на филозофијата „слушајте нѐ што зборуваме, не гледајте што правиме“. И покрај тоа што Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија ги дерогираат принципите на меѓународното право и универзалните човекови права на самоопределување и самоименување, тие сепак во Македонија се спроведуваат и на контроверзен начин станаа дел од уставното уредување на државата. За разлика од (пре)исполнителноста на Македонија на обврските наведени за неа во Преспанскиот договор, Грција нема спроведено ништо од малкуте обврски за неа во договорот, а грчкиот премиер Мицотакис дури јавно кажува и дека нема намера ништо да спроведе (да ратификува во грчкиот парламент три меморандуми) и дека договорот всушност го смета како инструмент за уцена спрема Македонија.
Во сличен, речиси идентичен манир се изјавите и на бугарските политичари, кои бараат во Брисел притисок врз Македонија за прифаќање на преговарачката рамка, т.н. француски предлог, и внесување на Бугарите во македонскиот устав, а никако не помислуваат на спроведување на пресудите од Европскиот суд за човекови права за обезбедување услови за здружување на оние што се изјаснуваат како Македонци во Бугарија.
Сепак, на „фронталниот напад“ во Брисел од соседите врз Македонија реагираше новоформираната македонска влада.
– Истакнуваме дека државата продолжува да ги почитува преземените обврски од Договорот од Преспа во сите негови аспекти, вклучувајќи ја тука и употребата на името „Македонија“, како и името „С. Македонија“ во соодветни формати и пригоди утврдени со Договорот и Уставот на државата. Нагласуваме дека преземените обврски се двонасочна улица и наедно треба да се земат предвид и обврските што ги има соседна Грција, а кои не се исполнети – наведоа од Владата за македонските медиуми, нагласувајќи дека евроинтеграциите остануваат важен приоритет за државата, а од ЕУ очекуваат да бидат правилно оценети за посветеноста на реформите. Ј.П.


Македонскиот пат: Зајакнување на меката моќ – способност за кооптирање наместо принуда

Во принцип, владите имаат на располагање многу алатки за да ги шират своите ставови и мислења и, секако, да извршат влијание. На пример, оние посилните можат да користат т.н. тврда моќ, која вклучува воена сила и економски санкции. Но земјите како нашата можат да користат нешто друго. На прв поглед можеби чудно, но очигледно низ годиниве се покажува како ефикасно.
Имено, музиката, храната (македонската кујна и гостопримство), спортот, филмот и друг т.н. извоз на национална култура се извонредно ефикасни алатки за да се зајакне својата меѓународна репутација.
Овие алатки, познати како мека моќ, можат да ја подобрат способноста на нацијата да привлече потенцијални партнери!
Во политиката, а особено во меѓународната политика, т.н. мека моќ е способност за кооптирање наместо принуда (за разлика од тврдата моќ). Тоа вклучува обликување на преференците (убедување на другите) преку умешноста на пропагирање и создавање привлечност за тоа – што е предмет на убедувањето. Меката моќ не настапува агресивно, со принуда, нервозно или со присилба. Не! Меката моќ ги користи културата, политичките вредности и надворешните политики за да донесе промени. Во нашиот случај ние ги користиме вистината, фактите, правото и правдината за да стигнеме до целта. Така што нема посилно оружје на долги патеки од тоа со практикување мека моќ треба да се постигнат целите кон кои тежнееме.


Бугарија не пропушта шанса во ЕУ за клевети против Македонија

На самитот во Брисел, кој заврши во петокот, на 28 јуни, бугарскиот премиер Димитар Главче, се „придружил“ на грчките поплаки, најавувајќи дека ќе го отвори прашањето за евроинтеграциите на Македонија. Бугарскиот премиер побарал од Европскиот совет да ги реафирмира заклучоците за Македонија во кои е нагласено да се почитуваат договорите со соседите и да се повика Македонија да ги спроведе уставните измени, како услов за отворање на преговарачките поглавја. Ваквиот потег на Главчев во европските институции, според бугарските медиуми, наводно е одговор на најавите на македонскиот премиер Мицкоски дека доколку има желба од страна на идната политичка влада во Софија, може да се најде решение за промени во преговарачката рамка.
И досега беше забележливо синхронизирано опструктивно дејствување на грчката и бугарската политика во однос на македонските евроинтеграции, но се чини дека на последниот самит на ЕУ во Брисел грчкиот и бугарскиот премиер првпат заеднички ги отворија картите со закани за иднината на Македонија на патот кон ЕУ, притоа посегнувајќи по неаргументирани обвинувања за непочитување на меѓународните договори од македонска страна.


Се наѕира дипломатска офанзива: Македонскиот министер за надворешни работи во Дубровник

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, по покана од министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, учествуваше на форумот во Дубровник што се одржа на 28 и 29 јуни.
Тој се обрати на посебната сесија „Отворање на реформскиот потенцијал на Западен Балкан“, каде што се осврна на перспективите за членство на земјава во Европската Унија. Притоа истакна дека иако земјава е сведок на „билатерализација“ на евроинтегративниот процес, а претходно и на членството во НАТО, како и повеќекратна апликација на двојни стандарди од страна на институциите на ЕУ, сепак нашата нација е проевропска нација, а мнозинството од нашиот народ ја поддржува европската агенда, бидејќи нема подобар пат од полноправното членство на земјава во ЕУ.
Во делот на реформите и интеграцијата на земјата во Европската Унија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија нагласи дека новата влада е цврсто фокусирана на процесот на европска интеграција, преку обезбедување на европските стандарди дома, односно борба со криминалот и корупцијата, владеење на правото и економски развој.
Запрашан за концептот за членство во единствениот пазар пред целосна интеграција во ЕУ, Муцунски истакна дека независно како ЕУ го предвидува овој процес, вклучувајќи го и концептот за постепена интеграција, нема да има двоумење од наша страна доколку крајниот резултат е полноправно членство во ЕУ.


Азески во Париз на министерски панел

На министерскиот панел во рамките на конференцијата на високо ниво на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за Југоисточна Европа, насловена „Поттикнување на конкурентноста, постигнување конвергенција“, учествуваше и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески. Тој во своето обраќање на министерскиот панел истакна дека сега пред нас се отвораат сериозни обврски, пред почетокот на пристапните преговори да направиме дополнителни напори за интензивирање на нашите активности на повеќе полиња. Азески го оцени министерскиот панел како плодна дискусија за напредните алатки во интерес на компаниите, но и за зголемување на имплементациската моќ во земјоделството, енергетската ефикасност, ИКТ, кои мора да претставуваат моторна сила на новиот развој.Конференцијата на ОЕЦД за Југоисточна Европа во Париз, во чиј фокус беше градењето перспектива за поттикнување на конкурентноста на Западен Балкан во 2024 година, ги собра високите претставници од ОЕЦД, Европската комисија, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), како и голем број министри, заменици на премиери и државни секретари од земјите на ЕУ и ЈИЕ, кои ги истражуваа стратегиите за олеснување на социоекономската конвергенција на регионот на Југоисточна Европа кон стандардите на ЕУ и ОЕЦД.