Собранието му го одзеде пратеничкиот имунитет на поранешниот премиер Никола Груевски, кој избега и доби азил во Унгарија, а негова екстрадиција, по Македонија, бараат и европратеници.
На вчерашната пленарна седница, без расправа, со 62 гласа „за“, во отсуство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, беше прифатена препораката на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања за одземање на имунитетот на Груевски, на барање на судот поради одредување мерка притвор за предмети што ги води Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не присуствува и на седницата на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, која претходно со пет гласа „за” ги усвои шесте барања од судот за одземање на имунитетот на Груевски.
Претседателот Комисијата Павле Богоевски, кој беше единствениот што се произнесе за случајот на седницата, побара одговорност и завршување на истрагата за бегството на Груевски.
Богоевски изрази разочарување што, како што кажа, нашиот систем не го обезбеди Груевски за издржување на двегодишната казна за набавката на луксузниот мерцедес во предметот „Тенк“ на СЈО.
Одземањето на имунитетот следи по барањето на судот за мерка притвор за предметите на СЈО „Титаник“, „ТНТ“, „Траекторија“, „Насилство во Општина Центар“… во кои е обвинет Груевски и за кои ќе му се суди во отсуство.
Иако му е одземен имунитетот, поранешниот премиер и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, и натаму го задржа пратеничкиот мандат. На пленарната седница на 9 ноември, Собранието не донесе одлука да му го одземе мандатот, за што, за разлика од имунитетот, се одлучува со двотретинско мнозинство.
Според одлуката од неодамнешната средба на координаторите на пратеничките групи и потпретседателите на Собранието, платата на Груевски ќе се намалува за пет отсто со секои три отсуства од пленарните седници. Тогаш е дговорено и по изминување на шест месеци неоправдано отсуство на Груевски, повторно да биде ставено на дневен ред одземањето на неговиот пратенички мандат.
Паралелно со одлуката за одземање на имунитетот, а во пресрет на дебатата и гласањето за резолуцијата на Европскиот Парламент за Македонија, македонски политичари и европратеници изјавија дека се очекува амандманот на социјалдемократите во којшто се бара екстрадиција на Груевски од Унгарија, да биде поддржан од мнозинството европратеници.
– Остварив средби со сите политички групи, и имам впечаток дека ќе биде поддржан амандманот на Социјалдемократите, а зошто не и оној на Зелените. Она што е важно е што чувствуваат потреба да влезе делот околу бегањето на поранешниот премиер во извештајот, изјави заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски по вчерашните средби со европратеници.
Поддршка за амандманот на социјалдемократите очекува и европратеникот од оваа група Кнут Флекенштајн, кој вели дека ќе добие поддршка вклучително и од „големи делови од Европската Народна Партија, секако без унгарските европратеници“.
– Станува збор за градење на владеење на правото, ова не е мала грешка. Тој исчезна во земја членка на ЕУ. Тоа е спротивно на владеењето на правото, не го толерираме тоа во земји кандидати и сигурно нема да толерираме земји членки да го саботираат владеењето на правото, изјави Флекенштајн, кој е уверен дека прашањето за азилот на Груевски во Унгарија нема да остане само на извештајот на Европскиот Парламент и порача оваа институција наскоро да отвори поширока дебата на темата.
Во однос на бегството на Груевски, како што информираше првиот човек на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска веќе се собрани дел од доказите. Со 100 процентна сигурност, посочи, немаат утврдено дали тој легално ја поминал македонската граница.
Русковска смета дека е неблагодарно во предистражна постапка да се лоцира одговорност за бегството на Груевски и додаде дека е потребно време да се утврди кога и на кој начин избегал од државата.