Премногу ограничувачки фактори што попречуваат ефикасно да се работи прекугранично / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Главниот проблем на кој се повикуваат компаниите се ограничувачките фактори што ги попречуваа да работат прекугранично: долги колони на граничните премини, со кои дневно се губат стотици часови на чекање во место, непризнавање на сертификатите и другата извозна документација, неусогласени работни часови на граничните инспекциски служби или практични проблеми при испраќање работници во некоја од другите држави од регионот (регулирање на престојот, дозволи за работа или признавање на квалификациите)

РЕАЛИЗИРАНИ САМО 14 ОТСТО ОД ВКУПНИОТ МОЖЕН КАПАЦИТЕТ НА ТРГОВСКА РАЗМЕНА МЕЃУ ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН

Според истражувањето и анализите на Стопанската комора на Македонија (СКСМ), реализирани се само 14 отсто од трговската размена меѓу шесте земји од Западен Балкан, додека деловната интеракција во рамките на иницијативата Отворен Балкан е уште пониска. Како главни трговски бариери во надворешната размена се посочуваат административните и царинскиге процедури, безбедносните барања и сертификати.
„Нова Македонија“ разговараше со претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, а клучните две прашања што се анализираа во текот на разговорот беа: кои се причините за толку мал реализиран процент од трговската размена и на кој начин да се зголеми обемот на трговската размена.

Неколку фактори што е потребно да се земат предвид во процесот на креирање политики за интензивирање на соработката

Според претседателот на СКСМ, во регионот постојат неколку фактори што е потребно да се земат предвид во процесот на креирање политики за интензивирање на регионалната, но и соработката со единствениот пазар на Европската Унија.
– Главниот проблем на кој се повикуваат компаниите се ограничувачките фактори што ги попречуваа да работат прекугранично: долги колони на граничните премини, со кои дневно се губат стотици часови на чекање во место, непризнавање на сертификатите и другата извозна документација, неусогласени работни часови на граничните инспекциски служби или практични проблеми при испраќање работници во некоја од другите држави од регионот (регулирање на престојот, дозволи за работа или признавање на квалификациите). Сите овие проблеми доведуваат до тоа компаниите полесно да се одлучат да соработуваат со партнери оддалечени повеќе од 3.000 километри отколку со компании од соседната држава, од која се оддалечени помалку од 500 километри, за што говори и фактот што учеството на интрарегионалниот извоз во регионот изнесува само 14 отсто – објаснува Азески.
Како што вели тој, ЕУ останува доминантен извозен пазар за Западен Балкан, при што за повеќето економии од регионот извозот во ЕУ е пет пати поголем од тој во земјите од ЦЕФТА.
– Главни трговски бариери се административните и царинските процедури, безбедносните барања и сертификати, вклучувајќи ги санитарните и фитосанитарните мерки и техничките трговски бариери. Дополнително, застоите и зголемените трошоци што ги носат дополнителните процедури го прават работење на компаниите неефикасно, нивните производи неконкурентни на глобалните пазари, а многу често и целосно ги обесхрабруваат да се одлучат за извоз воопшто – укажува Азески.

И извештајот на Светската банка детектира проблеми што не се потрудивме да ги надминеме

Според извештајот на Светската банка, посочува тој, бизнис-заедниците од регионот се соочуваат и со значителни предизвици во деловната интернационализација и имаат помалку развиени системи за поддршка на компаниите. Иако тргуваат претежно со пазари со кои земјите имаат потпишано договори за слободна трговија, Азески ни укажа дека пазарите од регионот се оптоварени со значителни нетарифни бариери, што претставува дополнителен проблем. Извозниците од Западен Балкан обично се соочуваат со поголеми пречки за водење бизнис отколку оние во Централна и Источна Европа.
– Акцискиот план за заеднички регионален пазар, усвоен од лидерите на Западен Балкан во 2021 година, ги поставува основите за да почне да се работи на отстранување на овие интрарегионални проблеми. Акцискиот план се фокусира на потребата за компаниите од шесте држави на Западен Балкан да се обезбеди заеднички пазар, заснован на правилата и стандардите на ЕУ, за зголемување на атрактивноста и конкурентноста на регионот и за приближување на регионот до пазарите на ЕУ. Тој треба да придонесе за слободно движење на лица, стоки, услуги и капитал, но и за засилена соработка во областите на дигитализацијата, инвестициите, иновациите и индустријата. Според податоците од Светската банка, воспоставувањето заеднички регионален пазар на Западен Балкан може да придонесе за раст од 10 отсто на економиите од сите шест земји од регионот – потенцира претседателот на Комората.
Азески го посочи и клучниот интерес на стопанските комори од регионот, претставувани од страна на Коморскиот инвестициски форум во овој процес, а тоа е активностите да резултираат со конкретни подобрувања во работењето на компаниите, што за нив ќе значат намалување на трошоците, поедноставување на прекуграничното работење во сите аспекти, но и заедничко освојување на пазарите во трети земји. Намалените бариери ќе значат зголемена доверба, отворени врати за поголема соработка, повеќе заеднички потфати и проекти.
Стопанската комора на Македонија и другите пет комори од регионот, соосновачи на Коморскиот инвестициски форум, се главни носители на активностите што се спроведуваат преку КИФ, а се директно поддржани од Европската Унија.
– Досега се реализирани низа алатки и програми за подобрување на бизнис-климата во регионот. Преку регионалната програма за развој на доставувачи, спроведена во соработка со Европската комисија, повеќе од 6.500 компании од регионот на Западен Балкан добија директна поддршка во процесот на подготовка и заеднички настап на меѓународни саемски манифестации и настани за деловно вмрежување. Покрај тоа, во рамките на програмата компаниите имаа можност да добијат и индивидуализирана поддршка за интернационализација и за пристап до финансии, сѐ со цел да им се овозможи полесно приклучување кон регионалните и глобалните синџири на снабдување – објаснува претседателот.

Активности за создавање унифициран регионален пазар и заедничка
регионална трговска марка

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во разговорот ни издвојува дека тековно се спроведуваат дополнителни активности чија цел е создавање „поунифициран регионален пазар“, преку намалување на економските разлики и поттикнување поблиски трговски врски меѓу бизнис-заедниците пред сѐ во регионот, но и со Европската Унија.
– До крајот на годината ќе биде надградена базата на податоци на пазарите од регионот и ЕУ (Market Access Database), која е една од клучните дигитални алатки во рамките на КИФ, со над 2.200 регистрирани компании и над 2.400 корисници, составена од неколку значајни модули што содржат информации и нудат можности за вклучување на компаниите во синџирите на снабдување, билатерални – B2B вмрежувања на компаниите, информации за учество на настани и модул за понуда и побарувачка. Во рамките на оваа база дополнително ќе биде креирана и алатка водич за компаниите низ процесот на утврдување дали нивните производи ги исполнуваат регулативите на ЕУ, заштедувајќи им време и ресурси за обезбедување на потребната документација за добивање меѓународно признаени сертификати, како што е ознаката CE (CE Mark), која е од клучно значење и служи како доказ за усогласеноста со европските директиви за квалитет и безбедност на производите. Ќе бидат обезбедени и обука и поддршка, овозможувајќи им на компаниите ефективно да се движат низ целокупниот процес на сертификација, со што дополнително ќе се зајакне извозниот потенцијал на малите и средните претпријатија и ќе се подобри нивната конкурентност на глобалната сцена – споменува Азески.
Како што вели тој, се работи и на развој на заедничка регионална трговска марка (Regional Trade Mark), која ќе биде регистрирана во ЕУ и шесте земји од Западен Балкан. Заедничката регионална трговска марка би придонела за полесен пласман на регионалните производи на единствениот пазар на Европската Унија, кој го сочинуваат речиси 500 милиони потрошувачи, но и ќе го промовира Западен Балкан како регион што нуди препознатливи производи што ги следат стандардите на ЕУ. Дополнително ќе биде овозможен пристап и до алатки што ќе нудат информации во врска со достапните фондови и можности за финансирање од Европската Унија, но и приспособени индивидуализирани обуки за дигитализација и промоција на извозот.
– Во насока на овозможување полесен пристап кон регионалните и европските пазари, во рамките на Коморскиот инвестициски форум е отворен повик до малите и средните претпријатија од шесте економии на Западен Балкан за учество во програмата за техничка помош. Избраните компании, регистрирани во секторот инфраструктура, мобилност, земјоделство, градежништво ќе добијат специјализирана обука во однос на стекнување компетенции што ќе ги направат попривлечни за влегување во европските и во светските вредносни синџири и за наоѓање партнери од ЕУ, како и можност за учество на Инвестициската конференција/Деновите на снабдувачи во Берлин, Германија, на 24 септември 2024 г. или на саемот за градежништво САИЕ во Болоња, Италија, од 9 до 12 октомври 2024 г. – соопштува Азески.