Во Атина беа научени постојано, во текот на изминативе седум години, да слушаат гласна и честа употреба (и кај што треба и кај што не треба) на географската одредница „Северна“. Но сега таа говорна тортура за јавноста во Македонија исчезна. Поради тоа, Мицотакис и Ципрас почнаа недипломатски да реагираат и отворено да се закануваат…
ПО СЕДУМГОДИШНИОТ КОНФОРМИЗАМ ОД ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР, ГРЦИЈА НЕРВОЗНО РЕАГИРА НА МАКЕДОНСКИОТ ОДГОВОР
И власта (Нова демократија на Мицотакис) и опозициската СИРИЗА (Ципрас, не е лидер, но се однесува како да е) заедно со медиумите во Грција оркестрирано тргнаа кон сѐ што во Македонија јавно ќе употребува – Македонија. Еуфоријата, поттикната од премиерот Киријакос Мицотакис, стигна дотаму што грчката агенција АНА броела колкупати мандатарот Христијан Мицкоски во своето експозе употребил – Македонија?!
Македонскиот брод почна да плови по нов курс и кормилото треба да се држи многу умешно
Во Грција, по седумте години комфорно живеење, кога на власт во Македонија беше СДСМ, заедно со ДУИ и уште неколку помали партии, и кога со уживање слушаа како политичарите од оваа македонска коалиција се тркаат кој повеќе ќе употреби „северна“, сега нема вакви говорни вежби и тоа е една од причините зошто тргнаа во фронтален напад. Па, сега дури се бара и интернационализација на „прашањето со неупотребата на новото уставно име“.
Но македонскиот брод почна да плови по нов курс и кормилото треба да се држи многу умешно, интелигентно, дипломатски, а наедно и цврсто и непоколебливо. Засега Атина игра на картата на отворена закана кон Мицкоски, но се цели и на поединци за кои во Македонија се молчи. Атина уште има тефтер наречен „црн список“, кој се зголемува за Македонци на кои без некои посебни образложенија им се забранува влез во таа земја затоа што се „опасност за националната безбедност“.
Жестоката вербална комуникација што ја наметна Мицотакис се очекува да продолжи на „директен двобој“ наскоро, барем како што најави грчкиот премиер, на самитот на НАТО од 9 до 11 јули во Вашингтон, на кој ќе се одбележуваат 75 години од основањето на Алијансата (Вашингтонската спогодба).
Навистина, се наметнува прашањето како Грците ја најдоа новата шанса токму сега да го отвораат прашањето со Македонија.
Експертите за меѓународна политика препознаваат дека всушност „тоа е нивниот стил да викаат гори и кога нема чад, а не пак пожар“. Од друга страна, нашиот премиер Мицкоски, пак, ја прифати фрлената ракавица и кажа дека оди подготвен со свои (наши) аргументи во САД. Значи, може да биде интересно, оти не се само трите непотпишани протоколи, кои Грција и нема намера да ги потпишува…
МИЦКОСКИ: БЕВМЕ ИЗЛАЖАНИ ЗА ИМЕТО СО ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ
„Тоа се анахрони изјави спротивни на копенхашките критериуми, но јас се подготвувам за самитот на НАТО со аргументи. И ќе ги погледнам в очи оние европски политичари што мене ми ветуваа дека само уште името на државата да го смениме и за пет-шест години ќе станеме членка на ЕУ, а тоа излезе лага“. Ова го изјави, сега веќе премиерот Христијан Мицкоски, како коментар на изјавата на Мицотакис дека ако Мицкоски и како премиер продолжи со игрите со името, ќе се најде во непријатна позиција на самитот на НАТО и дека ќе има големи проблеми со Грција.
– Ги сакам предизвиците. Мојата позиција е јасна. Доколку во Европа постојат европски политичари што се претставуваат како современи и модерни, како политичари од 21 век, а сепак во себе имаат талибански мотиви и сакаат да го загрозат човековото право загарантирано со меѓународни конвенции, јас сум подготвен да дебатирам. Јас сакам да градиме мостови, а не да ги уриваме. Да разговараме врз основа на факти и аргументи каде било, и на самитот на НАТО и во Атина и во Брисел и во Скопје. Ако ги слушавме тие нивни пораки, веќе требаше да почне ратификацијата на протоколот на нашиот влез во ЕУ, бидејќи се сеќавам дека политичари што денес се гласни за почитување на Преспанскиот договор, пред шест години ме гледаа в очи и ми велеа: „Христијан, само уште ова да го прифатите и вие сте за пет-шест години дело од ЕУ“. Би сакал нив да ги погледнам в очи и јас да им кажам дека се нечесни и дека даваат лажни изјави, со кои го манипулираат овој мал, драг и скапоцен народ во срцето на Балканот. Додека има манипулации и двојни стандарди, додека не се држиме до копенхашките критериуми и европските вредности дефинирани од Де Гаспери, Шуман и Аденауер, ќе ни се случуваат вакви анахрони изјави и талибански методи и враќања во стариот век – изјави Мицкоски.
Мицотакис продолжува да се заканува!?
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис претходно му упати предупредувачка порака, на крајно недипломатски начин, дека од моментот кога ќе ја преземе премиерската функција ако продолжи „со игрите со името“, ќе има проблеми во односите со Грција, но и со НАТО и со ЕУ.
– Ме прашувате што се случува, ви велам не може да продолжиме вака. Премиерот на С. Македонија, од моментот кога ќе ја презеде должноста, ако инсистира на оваа реторика, ќе се најде во многу непријатна позиција кога ќе се сретнеме на самитот на НАТО – рече грчкиот премиер Мицотакис во интервју за радиото Реал ФМ, прашан за коментар за ставот на Мицкоски дека свечената заклетва ќе ја даде со уставното име на државата, но дека во домашна употреба ќе го изговара само името Македонија.
Мицотакис, како што пренесе МИА од Атина, нагласи дека Договорот од Преспа обезбеди едно име за севкупна употреба, а не двојна формула и уште еднаш го повтори ставот дека оспорувањето може да создаде проблеми во односите со Грција, со НАТО и ЕУ, но и дека прашањето ќе го отвори на самитот на НАТО.
– Секако ќе го отворам и мислам дека ќе имам многу сојузници во овој обид. Скопје мора да сфати дека не може да си игра со Атина за такво прашање, бидејќи ако земјата се стремеше кон двојно име, прашањето ќе беше затворено пред многу години. Скопје влезе во НАТО токму преку Договорот – рече Мицотакис.
СИРИЗА, пак, побара од премиерот да преземе конкретни мерки, па дури и да се побара од САД да активираат санкции како гарантор на Преспанскиот договор.
Од друга страна, Грција избегнува каква било дебата за нејзините обврски од Спогодбата, а едно од прашањата што постојано ги игнорира се – правата и положбата на Македонците! Ниту ги спровела пресудите на Европскиот суд за човекови права, ниту пак има намера да ја отвори Куќата на македонската култура. А денес на сите им е јасно дека „да се фалиш, како што тоа го прави Грција, со курсеви на кој македонски (или кој било друг јазик) на интернет е не само смешно туку е на ниво на државна пародија“.
Се огласи и Стејт департментот
– Во согласност со Преспанскиот договор е изјавата на Христијан Мицкоски во својство на мандатар за состав на влада, дека „ќе го користи уставното име на државата во официјален контекст – велат од Стејт департментот на САД.
Мицкоски претходно најави дека заклетвата со која ќе ја преземе премиерската функција идната недела ќе ја даде со уставното име на државата, кое има намера да го користи и за надворешна употреба. Во одговор на прашање на Гласот на Америка на македонски јазик, од прес-службата на Стејт департментот, освен дека изјавата на Мицкоски е во согласност со Договорот од Преспа, посочуваат и на поддршката за договорот.
Нимиц: Новата власт да посвети 80 отсто енергија на внатрешни реформи, а 20 отсто кон решавање на отворените прашања со Грција и со Бугарија
Посредникот во тридеценискиот спор за името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц деновиве престојуваше во Атина, Грција, каде што се одржа меѓународна конференција насловена „Мир и одржлив развој“, во организација на институтот „Алексис Ципрас“ и фондацијата „Зоран Заев“,по повод шест години од потпишувањето на Преспанскиот договор. На конференцијата организаторите му го врачија на Нимиц признанието „Награда од Преспа“.
На дводневната конференција посветена на Преспанската спогодба се актуализираа повеќе прашања во врска со последиците од договорот потпишан во Нивици пред шест години, но и за новите моменти во односите меѓу Скопје и Атина. За сите овие прашања и наметнати дилеми беше прашан и Нимиц, кој излезе со свои ставови, видувања, мислења и препораки поврзани со спогодбата.
– Веќе немам никаква формална или неформална улога. Целосно се повлеков од јавниот живот. Но, ако треба да дадам препораки до Скопје, би ги повикал 80 отсто од својата енергија да ја фокусираат на спроведување внатрешни реформи во области како што се борбата против корупцијата, силно јавно управување, владеењето на правото, образованието, економскиот развој и конструктивни меѓународни односи. Исто така, да се опстои во напорите за влез во ЕУ и покрај разочарувањата – порача Нимиц.
Според него, новата македонска власт треба да биде внимателна околу давањето изјави што би можеле да се рефлектираат врз односите со соседите, но и пошироко.
– Новата власт треба да посвети малку време да размисли мирно, без да дава многу изјави, која ќе треба да биде нејзината политика, во однос на Грција, на другите соседи, на ЕУ, а особено во внатрешноста на земјата – посочи Нимиц, притоа додавајќи дека „извојуваа импресивна политичка победа, но таа поддршка лесно може да се изгуби“.
Поранешниот посредник во преговорите за името сугерира дека 20 отсто од енергијата новата влада треба да насочи кон решавање на отворените прашања со Бугарија, но и на „нормализирање на ненадејното нарушување на односите со Грција“, како и на другите регионални и пошироки надворешнополитички приоритети.
– Новата власт во Македонија се доведе во тешка позиција и треба да излезе од неа. Употребата на уставното име во писмена форма, но не и во усна, ќе предизвика континуирани проблеми и конфузија. Што ќе се случи ако треба да напишат една изјава употребувајќи „С. Македонија“ и во продолжение да треба да ја прочитаат наглас? Оваа политика не е одржлива долгорочно и нема да им дозволи да ја играат соодветната улога во светската заедница – изјави Нимиц.
Христо Ивановски