Најпозната по своите мисловни (текстуални) инсталации и креативното користење на технологијата, Холцер и со оваа поставка нè предизвикува да ги земеме предвид зборовите и пораките што нѐ опкружуваат во ерата на информации. Таа својата работа ја опишува со зборовите: „Го користам јазикот затоа што сакам да понудам содржина што луѓето – не нужно луѓето од уметноста – ќе можат да ја разберат“

АМЕРИКАНСКАТА УМЕТНИЦА ЏЕНИ ХОЛЦЕР ПО 35 ГОДИНИ ОДНОВО ВО „ГУГЕНХАЈМ“

Последниве дваесетина години се евидентни голем број изложби на жени автори што незаслужено го носат предзнакот „женски“, затоа што повеќето немаат посебна нагласка на „женственоста“ или на „женскоста“, или само делумно се занимаваат со родовите прашања, а сѐ повеќе се одраз на социополитичкото опкружување и заканите што ги носи тоа со себе. Женската општествена партиципација како облик на таканаречена еманципација (политичка, економска, образовна), но и онаа интимната, лична, приватна сфера на жената, е во голем дел променета, иако последиците од патријархатот се чувствуваат и сега, откако тој со векови го оневозможуваше пристапот на жената до симболичкото или ѝ го одземаше правото да се самодефинира.
Фактот што сѐ уште пред изложбите на авторките секогаш се појавува и придавката „женски“, како укажување на некаква исклучивост, кажува дека свеста и натаму треба да се менува кон прифаќање на овие изложби, како на творештво што има намера да покаже дека станува збор за нешто доста покомплексно од „ставање тампон“, на пример, како што сакаа своевремено да покажат девојките од уметничката група „Герила гирлс“, кога обесија лустер направен од тампони во Арсеналето за време на Венециското биенале во 2005 година.
Причината поради која има толку малку жени низ историјата на уметноста не е затоа што жените имаат помал талент за уметност, повеќе е затоа што намерно се запоставени во историјата на уметноста, а најмногу зашто низ историјата им се давани поинакви улоги, и не е поттикнувано нивното образование ниту занимавање со уметност. Сепак, постојат многу жени автори што успеале да се изборат за местото на активни учесници во сите поважни настани од човековата историја и култура и да покажат дека добрата уметност е безродова.
Токму таков е опусот на познатата американска уметница Џени Холцер (р.1950 година), која во моментов се претставува со изложбата „Светлосна линија“ во музејот „Соломон Р. Гугенхајм“ во Њујорк, која ќе биде достапна за јавноста до 29 септември. Поставката, отворена на 17 мај со обраќање на новоназначената директорка на музејот „Гугенхајм“, Мариет Вестерман, и со присуство на самата уметница, претставува реимагинација на историската инсталација на Џени Холцер од 1989 година во истиот музеј. Искачувајќи ги сите шест рампи на ротондата дизајнирана од Френк Лојд Рајт до врвот на зградата, инсталацијата специфична за локацијата ја трансформира зградата со приказ на текстови што се движат спирално, со избор од нејзините иконични серии, како што се „Труизми“ и „Запаливи есеи“. Првата серија се состои од кратки текстови напишани помеѓу 1977 и 1979 година, а втората ја создава меѓу 1979 и 1982 година. Оттогаш нејзината работа заснована на текст еволуира во голем број медиуми.

Во 1980-тите, Холцер користи електронски знаци за да ја претстави својата работа на истакнати јавни простори, како што се Тајмс сквер во Њујорк и циркусот Пикадили во Лондон, како и на спортски стадиони. За нејзината ретроспектива од 1989 до 1990 година во музејот „Соломон Р. Гугенхајм“ во Њујорк, Холцер прикажа афоризми и декларации од целата своја работа, а истата оваа инсталација сега одново ја рекреира во њујоршкиот музеј.
Покрај светлосните лед политичко-општествени фрази, изложбата содржи и избор на делата на Холцер од 1970-тите години до денес, вклучувајќи слики, дела на хартија и инсталации. Меѓу овие дела се и камени саркофази и масла на платно преку кои го осудува чинот на бруталност и воените практики спроведени за време на војната во Ирак. Во периодот од 16 до 20 мај, светлосната проекција на уметницата, пак, насловена „За Гугенхајм“ ја осветли фасадата на зградата со избор на песни и изјави на очевидци што зборуваат за неопходноста од воспоставување мир во светот.
Низ импресивната поставка Холцер се осврнува на специфичните политички околности и на различни форми на економска, политичка, а во одредена смисла и емоционална тиранија, на која сме изложени секојдневно, предупредувајќи на ваквите закани преку своите афоризми, ставови, поетски записи и реинтерпретации на туѓи мисли. Најпозната по своите мисловни (текстуални) инсталации и креативното користење на технологијата, Холцер и со оваа поставка нè предизвикува да ги земеме предвид зборовите и пораките што нѐ опкружуваат во ерата на информации. Таа својата работа ја опишува со зборовите: „Го користам јазикот затоа што сакам да понудам содржина што луѓето – не нужно луѓето од уметноста – ќе можат да ја разберат“.
Зборовите се клучни во опусот на Холцер, без разлика дали се проектирани на ѕид, трепкаат испуштајќи светлина или се врежани во некаков вид материјал како камен или гранит. Тие го рефлектираат или го реинтерпретираат јазикот на вестите, рекламите и другите масмедиумски пораки. Таа создава уметност што постои надвор од традиционалните галериски простори и нејзината намера е да ја забележите нејзината работа додека поминувате низ вашиот секојдневен живот, затоа што смета дека кога уметноста е на улица, потешко е да се игнорира. Границите меѓу активизмот и уметноста се замаглени и на изложбата „Светлосна линија“ во „Гугенхајм“, која се состои главно од провокативни фрази и цитати. И како што речиси целата нејзина уметност има политички тон, таа и овде поставува прашања за нашата улога во општеството и за разликите помеѓу јавниот и приватниот живот.


Џени Холцер е родена во 1950 година во Галиполис, Охајо. Добива диплома за графика и сликарство од Универзитетот во Охајо, Атина, Охајо, во 1972 година, и мастер студии по сликарство на Факултетот за дизајн на Род Ајленд, Провиденс, во 1977 година. Холцер потоа се сели во Њујорк и се запишува на независната студиска програма во музејот на американската уметност „Витни“. Истата година ги создава своите први дела засновани на текст, иницирајќи тековно уметничко истражување на јазикот, во кое таа презентира и оригинални и присвоени текстови за да деконструира како се создаваат личното и политичкото значење во патријархалното општество на западната култура, ориентирано кон потрошувачите. Изложувала во „Кунстхале“ во Базел (1984); музејот „Бруклин“ во Њујорк (1988); фондацијата за уметност „Диа“ во Њујорк и Музејот на Соломон Р. Гугенхајм (и двете 1989–1990); „Хаус де кунст“ во Минхен (1993); „Уметничка кула Мито“ во Јапонија (1994); Музејот на современи уметности во Хјустон (1997); „Ноје националгалерие“ во Берлин (2001, 2011); „Кунстхаус Брегенц“ во Австрија (2004); МАК во Виена (2006); Музејот на современата уметност во Чикаго (2008–2009): „Тејт модерн“ во Лондон (2018–2019); музејот „Гугенхајм“ во Билбао (2019). Добитничка е на неколку значајни награди, а во 2016 година од француската влада е прогласена за Офицерка на редот на уметностите и книжевноста. Ги претставува Соединетите Американски Држави на Биеналето во Венеција во 1990 година, каде што е наградена со „златен лав“ за нејзината инсталација во Венеција („Мајка и дете“ (1990), приказна за мајчинството). Живее и работи во Њујорк.

Весна Дамчевска, специјално за „Нова Македонија“ од Њујорк