Ксаоји, истакнат центар за јаглен во северна Кина, еволуира во пионер за водородна енергија додека градот со исцрпени ресурси бара нови мотори за раст. Кон крајот на мај три камиони на водороден погон тргнаа од Ксаоји во провинцијата Шанкси богата со јаглен, патувајќи над 700 километри пред успешно да го испорачаат својот товар на јаглен до пристаништето Тијанџин.
– Ова означува пресвртница – рече Џенг Пенг, претседател на „Пенгфеи груп“, производител на овие тешки камиони на водород.
Тие повторно го отворија патниот транспортен пат до пристаништето Тијанџин, кое престана да прима јаглен транспортиран по пат пред седум години поради еколошки грижи.
„Пенгфеи груп“ неодамна обезбеди нарачка за 500 тешки камиони на водород, по цена од 1,07 милион јуани (околу 150.400 американски долари). Од 2025 до 2028 година, компанијата планира да распоредува најмалку 1.000 камиони годишно.
Претходно Ксаоји воведе 200 тешки камиони со погон на водород во своите клучни индустриски претпријатија, при што секој камион во просек помина над 100.000 километри.
Иако производството, складирањето и транспортот на водород остануваат скапи, тешките камиони со погон на водород стануваат сѐ почести во комерцијална употреба поради нивните фиксни маршрути, кои го олеснуваат воспоставувањето станици за полнење гориво, и на тој начин економски поисплатливи.
Локалните власти се оптимисти дека технолошкиот напредок и подобрениот индустриски синџир ќе ги намалат трошоците за производство на тешките камиони со погон на водород, со што потенцијално ќе се достигне еднаквост со дизел-камионите во рок од две до три години.
Дом на помалку од 500.000 жители, Ксаоји е традиционален индустриски град со капацитет за производство на јаглен од 31,3 милион тони во 2022 година. Приближно 70 отсто од неговиот БДП беше изведен од индустријата.
– Водородната енергија, како претставник на нови квалитетни производствени сили во енергетскиот сектор, има силен замав и ветувачки изгледи – рече Гуо Кингџи, градоначалник на Ксаоји.
Ксаоји не е сам во промовирањето на водородната енергија. Најголемата кинеска станица за производство и полнење гориво за зелен водород е основана во Чангша, провинцијата Хунан, а првиот урбан воз на водород во светот, развиен од „ЦРРЦ Чангчун Релвеи вехиклс“, го заврши своето инаугуративно возење со брзина од 160 километри на час во провинцијата Џилин.