Автор на фељтонот е д-р Петре Наковски, родум од селото Крчишта, Костурско, егејскиот дел на Македонија, роден на 17.7.1937 – романсиер и преведувач од полски јазик, публицист и дипломат. Тој бил прв македонски амбасадор во Полска. Десет години бил новинар во весникот „Нова Македонија“. Докторирал на Институтот за политички науки на Вроцлавскиот универзитет во Полска. Автор е на голем број прилози од прозната белетристика и публицистиката во периодиката. Автор е и на мемоарско-социолошкиот труд „Македонските деца во Полска“. Прозата му се одликува со сурова фактографија за трагедијата на Македонците во текот на Граѓанската војна од 1946 до 1949 г. во Грција и со смисла за градба на впечатливи ликови, носители на возбудливи животни приказни. Библиографија: „Постела за чемерните“ (1985), „И каменот е земја“ (1988), „Големата удолница“ (2003), „Големата измама“ (2007), „На пат со времето“ (2010). Добитник е на наградите: „Златно перо“, Награда на полските автори и полските одликувања: „Златен медал за заслуги за полската култура“ и „Златен орден на командоријата“
Таа голема лага на генералниот секретар на КПГ не ја прифатија ниту неговите најблиски соработници, а голем број Грци и Македонци, затвореници и логораши, кои поради партиската дисциплина доколку ја прифаќаа таа луда идеја, без судска пресуда беа стрелани како велепредавници.
Со верба во водачот, македонскиот народ го жртвуваше својот живот, ги жртвуваше своите најблиски, го жртвуваше својот имот. Се жртвуваше себеси. За жал, наследниците на тој омилен водач, по години за целокупната грчка јавност, само за да бидат рехабилитирани, ќе изјават: За нашата партија во Грција не постои македонско малцинство. Истото тоа, како рефрен, го повторуваат и други.
Тоа гласно искажано – национално возобновување – не беше ништо друго, туку ветување дека Македонците во Грција ќе се стекнат со своја автономија. Во говорите на челниците на НОФ, тоа ветување беспоговорно беше прифатено, пофалено и потоа ширено меѓу борците на ДАГ и настраданото македонско селанство, кое уште повеќе се мобилизира и со возвишените пароли извикувани од активистите и пропагандистите на НОВ уште повеќе ги жртвуваше својата крв и живот. Ниту еден Македонец и Македонка да не останат без пушка и целосно да тргнат во бој за победата на ДАГ и на народната револуција, кои станаа најомилена парола во активностите на НОФ. Во текот на последните пет месеци од поразот на ДАГ, во духот на таа измама Македонците веќе претставуваа половина од борбениот состав на ДАГ. Тоа возобновување на нешто што не постоеше, а допрва требаше да се оствари, не значеше ништо друго туку мобилизација на целокупното македонско население и внесување делба, омраза, раздор и караница меѓу Македонците во Грција и во Народна Република Македонија. Творецот не беше наивен. Знаеше каде може да води тој пат. Воспитаникот на Берија и миленик на Сталин ги следеше трагите што водеа кон уништување. Македонците учесници во Граѓанската војна доцна го сфатија тоа. Речиси целокупното население од Костурско и од Леринско, комунистите го преселија во шумите во близината на грчко-албанската граница. На непријателот, рекоа, на тој начин ќе му оставиме пуста изгорена земја, каде што нема да има можност да се храни. Токму тоа му требаше на непријателот, за кого храната непрекинато и во изобилство со бродови пристигнуваше од Америка. Не е чудно што Аргир Ковачи, мајор на ДАГ, во писмото упатено до Захаријадис меѓу другото напиша: „Барам да го заштитиме, другар Захаријадис, остатокот од славомакедонскиот народ, кој ние го откорнавме и го пративме во емиграција…“
Времето со помош на оригинални документи полека ќе ги открие сите што ги предизвикаа војната и трагедијата на Македонците.
Преспа за целото време на Граѓанската војна беше нејзин центар. Од другата страна на границата, во селото Асамати, во вилата на рускиот белогардеец, полковникот Гриценко, на 23 декември 1947 беше формирана привремената влада и до 28 јуни 1948, кога беше прогласено Информбирото, беше ноќно седиште на генералниот секретар на КПГ, на дел од неговите најблиски соработници придружувани од високи личности на тогаш Комунистичката партија на Македонија. Тука целата таа дружина, во светлината на газиените ламби (во Преспа струја се воведе во 1957 година), се гостеа со највкусни јадења од преспански крап и пиеја најдобри македонски вина. Во мугрите џипот се враќаше во Винени или во Нивици или во Орово или во Граждено.
Вилата на рускиот белогардиски полковник Гриценко и денес постои во Асамати. По прогласувањето на Информбирото, Захаријадис застана на страната на Сталин. Патот до Асамати веќе му беше затворен и место на престој најде во планинската пештера над селото Винени. Тогаш до пештерата водеше стрмна козја патека, а денес бетонски скали до самиот рид, каде што се распостила голема рамнина покриена со сенките на ниската и густа дабова шума. Таму имаше работилници за шиење униформи и кошули, за поправка на цокули и чизми, млекарница за преработка на овчо, козјо и кравјо млеко, кое задолжително „за борбата и победата, мораа да го даваат Преспанци“. На почетокот од шумата, лево води тесна патека на чиј крај се извишува дебел стар даб и до него голем камен, под кој зее мрачна пештера. На дабовото стебло е закована штица со натпис ,,Σπιλια Ζαχαριαδης“ – ,,Пештера Захаријадис“. Во неа, по удобните и топли соби во вилата на Гриценко во Асамати, Захаријадис одмораше, спиеше, донесуваше партиски одлуки, кои подоцна се покажаа мрачни како и дувлото, ретко одржуваше советувања со своите најблиски соработници. Денес тоа мечкино дувло стана туристичка атракција и место на спомен и почит. Пред влезот во пештерата, децата или внуците на неговите сегашни истомисленици, приврзаници и почитувачи поставија негов голем портрет изрежан на мермерна плоча. Портретот, од левата и десната страна, го китат две маслинови гранки. Во очите и лицето на водачот е потскриена насмевка, под која, како и некогаш, се криеше лажно ветување. И сега, гледајќи го неговиот лик поставен пред влезот на тоа мечкино дувло, ти се чини како да ти вели: – Повелете, влезете во рајот…
На еден километар од пештерата беше селото Оровник. Беше. Партизанска база уништена од бомбардирања. Сега е запустено. Останаа само старата црква, искршените ќерамиди и раскопаните темели. Дамнешен белег дека тука некогаш имаше луѓе, кои војната ги растури по светот. Оттаму, шумски калдрмисан пат води до селото Граждено. Рамнина, ниви, ливади и околу шуми. За време на Граѓанската целото село беше партизанска болница. По силното бомбардирање, болницата ја преместија во големата пештера, каде што на трокатни дрвени кревети послани со сено и папрат раните ги лекуваа борците од боиштата на Вичо и Мали-Мади.
На крајниот брег на Мало Преспанско Езеро, недалеку од границата со Албанија, беше селото Дреново – сега го нема. Беше злогласен комунистички логор. Тука беа затворани и измачувани тие чии синови и ќерки не ја споделија принудната мобилизација или пребегнаа на другата страна. По цели денови, до крајна истоштеност, во подножјата на блиските ридови и планини копаа тунели за сместување на оружјето. Со тешка ропска работа сакаа да ги превоспитаат. Пред години некаде, далеку на север, милиони преку такво превоспитување доаѓаа до слобода во гасните комори. Тука беше стрелан и партизанскиот генерал, кого високото раководство го обвини за неуспехот на борбите за заземање на Воден. Тој, Георгијадис се викаше, со својот живот ја плати туѓата вина. Погоре се селата Л’к, Оровник, П`пли, па натаму на север – Штрково, Медово, и на североисток Р’би и погоре Герман. Од другата страна на Мало Преспанско Езеро – Нивици. Овој круг од селата, заедно со куќите, дворовите, подрумите, стоката, ливадите, бавчите, планините и пештерите, во целото време на Граѓанската војна, сите заедно беа една голема воено-политичка база на Демократската армија на Грција.
До крајот на војната Преспа беше седиште на военото и политичкото раководство на ДАГ и КПГ и седиште на НОФ. Во Преспа се носеше оружјето од Југославија и од другите комунистички земји и од Преспа ноќе, товаренo на коњи и мазги, Преспанци го пренесуваа во Грамос. Во Преспа беше печатницата што печатеше македонски весници; во Преспа беа отворени првите курсеви за македонски учители и првите македонски училишта. Преспа беше слободна територија и трн во окото на Атина.
Седумдесет години подоцна од Превалот, во кривулестиот асфалтен пат, прудолу и кратко потоа накај селото Р`би и веднаш лево возеа десетици црни „мерцедеси“. Не брзаа. Го поминаа мостот и свртеа десно, пругоре, краток застој на свиокот – нешто како паркинг од каде што се гледа целиот источен брег на Големо Преспанско Езеро, и над селото Долно Дупени, нашата вила со сонцето од Кутлеш. Не сум сигурен дека ме гледаат, ама јас од балконот ги гледам со двогледот. Гледам како некој замавна со црвено знаменце и колоната од црните „мерцедеси“ се изгуби зад свиокот близу црквата „Свети Ѓорѓи“. Сега не ги гледам, но знам дека веќе се спуштаат прудолу.
Автор: Петре Наковски
(продолжува)