ГОДИШНИНА ОД МАСАКРОТ (16.6.1943-16.6.2024)
Македонскиот драмски писател, емотивниот бележник на клучните македонски постојбини, Зоран Пејковски, продолжувајќи со својот творечки дух за да ги оживее раните од македонската жртва на патот кон истрајноста за македонската државност, во својот најнов креативен изблик, драмскиот ораториум „Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!“, своето внимание го задржува на крвната жртва на 12-те ваташки младинци. Најновото драматуршко дело на Пејковски се заснова на публикацијата „Мемоари – сеќавања“, која по повод 80 години од стрелањето на 12-ваташки младинци во 2023 година ја издадоа Општина Кавадарци и Локалниот вински музеј за регионот Тиквеш од Кавадарци. Во неа доминираат сведоштвата од Ташка Чекорова-Манева, Ката Ицева-Мешкова, Невенка Хаџи Јорданова и Сава Ѓондева-Пауновска, сестри на убиените младинци Диме Чекоров, Блажо Ицев, Васил Хаџи Јорданов и Ристе Ѓондев. Македонската јавност должи благодарност кон историчарите Петре Камев и Ристо Трајков од Локалниот музеј галерија – Кавадарци што овие скапоцени, но, за жал, трагични сведоштва се на виделина пред нас и како публикација, а сега и драматуршки оживеани.
Два клучни момента се впечатливо поврзани со убиството на 12-те ваташки младинци и тие се самата суштина во целиот настан. Прво, тоа е чинот на убиство заради кршење на духот на македонскиот народ, заплашување, влевање страв кај Македонецот, а мотивот е поттикнат од неуспехот на бугарскиот окупатор да го неутрализира партизанскиот одред „Добри Даскалов“ и, второ, тоа е чинот на предавството. Ова поетско драмско дело започнува со мачнината на клетвата од „Тажачките“ поради направеното злосторство кон 12-те ваташки младинци. Клетвата се јавува како единствен облик за артикулирање на неподносливата болка и раскин на душите на ним блиските во немоќ на друг возвратен удар за ѕверското злонамерно убиство. Стиховите започнуваат со болната констатација на ни на сон замислениот страв:
Еј деца, наши деца, ве зедоа, нè изгореа,
пород веќе да немаме, радост в куќи да не чуеме,
еј, клетници, еј фашисти, што ни направивте, што нè изгоревте,
ни ги зедовте нашите деца, нашите јунаци од убави поубави, од изгор поизгор,
еј вие проклети клетници, вие убијци, вие фашисти, аир од Бога да не видите
сон никогаш да немате,
гробови ни отворивте, млада челад ни ставивте гробови да наполниме…,
По ова следува вистински молскавичен откин на зборови со кој се искажува бесот од крвничкото згаснување на животите на оние што беа само малку повеќе од деца:
Да даде Господ кучиња касапски да ве черечат, море клетници, фашисти,
што деца наши, челад наша, фиданки расни, убави од сонце ни зедовте
во темнина ги ставивте…
Еј деца, млади убави од мајкини раце, од мајкини гради ве откинаа,
убава невеста да не досегнете, во бела постела да не легнете…
Сцените 1, 2 и 3 се повеќе наративни и се всушност вовед во целиот грозоморен настан што ќе следува понатаму, како и создавањето ситуација каде што започнува предавството, пресвртниот момент во оваа трагедија. Јадрото на сите идни настани што следуваат е разговорот, ако може така да се нарече, односно присилбата од страна на Димитар Раев, директор на Скопската обласна полициска управа, кон Грозда Ташева, секретарка на скоевската организација во Ваташа, која по првата полициска шлаканица ги изустува имињата на ваташките младинци, кои штотуку беа излезени од детската идилична наивност и беа ги направиле првите созревачки животни чекори. Во вториот дел од драмскиот текст се траурната слика од сторениот ваташки масакр и извишувањето на чистината на душите од младинците над новата трагична реалност во Моклишката Гора. Иако штотуку излачени од детството, во нивните емотивни обраќања до нивните родители, меѓу нив, а и до сите, доминираат зрелоста на жртвата и сознајноста на крвниот влог за Татковината, за цената што како генерација ги затекнала да ја дадат.
Ванчо Гурев интуитивно предупредува на ваташката трагедија, истовремено искажува и бестрашна саможртва, но и го нагласува кукавичкото убиство кон голораките деца, убиени без можност за борба:
Ние жртвите предупредуваме молкум, оти гордо е да гинеш под своето знаме
и да бидеш буден кога татковината ти страда, за слобода,
и кога деца жртва своја даваат, деца борци е гордост и кога се гине.
Но болно, многу крваво болно е, и срамно на голораки деца со гнев, страв и злоба,
злостор крвав да се стори.
Ферчо Поп Ѓорѓиев, пак, како повозрасен, ја искажува универзалноста на жртвата при одбраната на колективната чест и слобода:
О сончево око светлина што гледаш, и мера и мерка за сите што имаш,
и во старо гробје светлина чуваш, духовен ковчег на мошти на светци,
мироточна река родот што го чува за век и веков да остане буден.
О, светлино божја, нашите мајки никогаш не излегоа од мракот,
а светлината веќе не го мина прагот.
Смртта е моќен крик на тежок говор, Ваташа нема да залекува лути рани,
тие ѝ беа жив штит и космичка брана,
та никогаш мртви не можат да бидат вечните почивалишта што пламено горат,
запомнете, историјата памти и не простува!
Данко Дафков крикнува за пресечената младост спомнувајќи ја и локалната средина, толку важна при градењето спомени кога детето преминува во човек, обликувајќи ги спомените на растењето:
Оф, пресекнале солзи поројници, живожар во матица згаснат
луничави суводолици се ронат,
а нескротена Луда Мара нè оплакува, та со клокот ќе раскажува
таа и во летни жештила крваво пени за црни црнила во утроба збрани,
о, време никогаш од минато што не може да биде.
Ристо Ѓондев ги искажува универзалните зборови што ги следат многу генерации Македонци, актуелни и ден-денеска, а тоа е речиси и да е грев гласното искажување дека си Македонец и безмалку кривично дело да е посветеноста кон Македонија.
Кажете! Речете! Грев ли е, Татковината да се љуби?!
Запри ги о Господе жедните црни мршојади од изутрини што кружат,
што кобат за млада крв, за човечка стрв, гневни, безумно стрвни.
Ѕверовите сакаа молчењето да го чујат, самогласките в грло да ги скршат
предавството да прифати пораз, опожарена душата да клапне
во измаглиците на вчерашнините низ кои столетија минале сон.
Герасим Матков, искажувајќи го пркосот на младоста кон каква било стега, маестрално ја искажува чистината на мислата во борбата за слободата и смелоста на младоста таа да се достигне:
Неисплашените очи гледаа небо,
нашата младост бујна не сведна глава без премор од исчекување кобно,
девствено чисти молскавици вишни, со слободарска мисла и откинат сончев зрак.
Не вкрстивме куршум со врагот, ни со слободата, ни со смртта,
вербата ни била и борба и сила, и слободарска веда со крик во сонот,
светлина во отворените зеници, да не се открие доверената тајна,
да не биде изговорена во слабост на кревката и ранлива младост.
Не смогна врагот со истрелот на стравот да подигне нишан до целта,
од немоќ се вкрви ѕверот во него рикна на детска крв настрви алчност и бес.
Истиот тој Герасим можеби и најдобро го искажува мотивот за свирепото убиство предизвикан од немоќта на непријателот да се справи со фашистичкиот отпорот, а при имање империјалната моќ, односно иницијалната каписла заради што се случи ваташкиот колеж на младоста. Но иако таа младост е бессилна пред моќта на оружјето, сепак е будна во историскиот момент и покажува нескршливост на македонскиот дух, прифаќајќи ја сопствената жртва како влог за иднината:
Стрвниците гневни од немоќ пред кревка ранлива младост
останаа бессилни пред силната верба на висока будност,
не смогнаа злобни стравот од нас во себе да го скршат без победа.
О, вие бедни, немоќни и срамни не кренавте знаме на војничка чест во строј,
во бој поразени од сопствените чекори на тврдиот кремен на земјата туѓа
истуривте гнев на невини чеда најкревката слабост,
во протекот на крвната врска посегнавте злобно по наша, детска крв
со демонска стрвност да го пробиете мракот во себе, стегнат во пакт со Рајхот
Македонија што ви ја ветил, како стрв мршојади што делат.
О, злобни, прескап ви е дарот за евтината совест, о, алчни крвожедни злотвори.
На овие зборови од Герасим Матков се надоврзува Пане Џунов, потсетувајќи дека ваквото подло и гневно однесување на агресорот кон кревката младост не е ниту прво, веројатно нема да биде ни последно, а нивната генерација само стоички го покажала духот на нескршливоста, понесувајќи го товарот на својата генерација, свет долг на секој народ:
Многу војски и џелати стрвни со истурен гнев не скршија вера и сон
во кревкоста младост во мачилиштето пред мајчин писокот и сестрин крик.
О вие, откинавте живо месо од ваташкото тело,
село вџашено од пеколниот план на фашистичкиот полковник Апостолов
и фашистичкиот крвник, поручник Костов и подмолниот слуга од участокот Опреков
со дивата фашистичка орда ја зацрни ја питомата Тиквешија
што знае само за леб, медовина и вино.
На крајот би ги истакнал зборовите на Ристо Ѓондев со кои ја искажува универзалноста од бесмислата на војната, бидејќи само во неа најкус е патот од раѓањето до смртта. Во војната имаме пресечена младост, кусовечни животи, жртвување заради одбрана на колективната чест на народот, но имаме загуба на цели светови, кои можеле да создаваат убавини и содржински да го исполнуваат и својот живот и животот на Татковината. Колку би било полезно наместо пресечена младост да имаме богата животоплодна старост. Тогаш наместо 12 отсечени фиданки би имале 12 стебла со длабоки корени, а тие корени би биле подлога, пак, за идни фиданки, но овој пат како подлога за надградба на Татковината:
Меѓу животот и смртта сѐ покус е патот. Дланките горат, чекорите тежат.
Солена пот бразди засирена крв, зад грб бајонетите отвораат нови рани
омарнина и тешка реа, во пеколно пладне, живожарица на претсмртна агонија
очајнички копнеж по ситниот клокот на водата
на животечната Луда Мара да измие смртни рани.
Бликни водо сите заедно да нѐ снема,
оти само ти можеш од нигде никаде порои да кренеш!
М-р Александар Јорданоски, лингвист и експерт за заштита на културното наследство