Македонија како „светски проблем“ во документот на Бајден и Макрон \ Фото: ЕПА

Америка како најмоќна и Франција како една од најмоќните држави деновиве од Нормандија до светот испратија многу пораки. Една од тие пораки, во вид на предупредување, беше и до Македонија.

Но зошто олку набилдани дипломатски мускули за една слаба балканска земја, инаку осведочен партнер на НАТО, а пред сѐ на САД? Дали Атина преку своите дипломатски канали го вклучила, повторно, алармот и побарала поддршка од Париз и од Вашингтон?

БАЈДЕН И МАКРОН ОД ФРАНЦИЈА ЈА ОБЈАВИЈА ЗАЕДНИЧКАТА СТРАТЕГИЈА ЗА СВЕТСКИТЕ ПРОБЛЕМИ, И МАКЕДОНИЈА Е ВО ОСМАТА ТОЧКА

 

Во дипломатијата ништо не е случајно, ниту пак здраво за готово.
Во дипломатијата ништо не е како што изгледа на прва – има многу скриени пораки во толку едноставно изразени мисли и јавни обраќања. Особено големите дипломатии како Франција и Америка, кои однапред планираат многу потези, предвидуваат и креираат настани на и за светската сцена. Таков е и т.н. патоказ објавен за време на прославата на 80-годишнината од истоварањето во Нормандија, еден од клучните воени настани пред крајот на Втората светска војна.

„АМЕРИКАНСКО-ФРАНЦУСКИОТ ПАТОКАЗ“ СЕ ОДНЕСУВА НА ГОРЛИВИТЕ СВЕТСКИ ПРОБЛЕМИ, А ЈА ВКЛУЧУВА И ТОЧКАТА 8

На прославата на 80-годишнината од истоварањето во Нормандија, претседателот на САД и претседателот на Франција, Бајден и Макрон, посочија „патоказ што се однесува за горливите светски проблеми“. Во него се потенцира намерата на француско-американското партнерство, кое трае 250 години, да се најде место и за малата, за многумина неважна, Македонија. Од вкупно 66 точки на тој патоказ, за Македонија се најде место во точката 8. Дали со ова се демантираат тврдењата дека Македонија е неважна?
Но бидејќи не е сѐ толку едноставно во дипломатијата не би било лошо пред да кажеме нешто за таа точка број 8, да ставиме во контекст и малку историски настани и факти, бидејќи без нив се губи континуитетот на историските вистини, на сегашноста и на иднината. Оти без историографија и знаење за неа, нема расна, полнокрвна дипломатија.

ИСТОРИЈАТА НЕ Е ТЕКСТ, ТАА Е КОНТЕКСТ

Тие што претпочитаат во време на опуштање да запалат едно луле, ова особено добро го знаат постарите дипломати, без многу размислување би ја одбрале мешавината од повеќе видови тутун позната под марката „балкан собрание“. Има и цигари со тоа име. За да се направи таа совршена тутунска мешавина што ве освојува, потребни се повеќе вида тутун, но „балкан собрание“ можеби би бил само просечен бренд ако во него го нема тутунот од Македонија. Ситнолисниот тутун што го дава шмекот, ПОСЕБНОСТА.
И еден друг пример раскажан од македонски извозници. Тие договарале зделка (и тоа добра) за германски увозник на печурки. Германските домаќини на нашиве извозници им ги покажале своите складишта, а на крајот им го приредиле изненадувањето. Сега видовте многу видови печурки од многу страни на светот, а во оваа комора го чуваме највредното богатство. Тоа се сушени вргањи од Македонија. Тие се нашиот таен зачин, вкусот што ретко каде може да се најде. Како скриените шишиња коњак тајно произведени во македонска винарница, кои, според многумина дегустатори, биле подобри и од француските оригинали.
Пораката од овие приказни што се раскажувале низ дипломатските кулоари е дека и малите нешта можат на големите да им дадат нијанса, вкус и вредност, кои инаку не би ги постигнале. Значи, сите се „тепаат“ за ситните нешта и затоа и најмалите нации и народи треба да се борат за својата вредност.
Ако се вратиме малку подалеку во историјата, еден податок е фасцинантен – во таа 250-годишна американско-француска соработка има еден објект во Вашингтон каде што за време на Втората светска војна и потоа се наоѓало француското дипломатско претставништво. Таму, секако дека се одвивале многу важни преговори, но нешто сакало токму тој објект сега да го има Македонија и во него да биде сместена македонската амбасада во САД. Станува збор за куќата на Моузес во предградието Калорама. И една интересна пикантерија, токму во тој објект е сместено дејството на еден од романите на Даниела Стил („Премини“), каде што живее францускиот амбасадор со неговата сопруга Американка…
Контекстот на само овие два гореспоменати помалку познати настана ѝ дава сосема друга, специфична тежина на Македонија.

ЗОШТО ТОЛКУ НАБИЛДАНИ ДИПЛОМАТСКИ ПРЕДУПРЕДУВАЊА ДО ЕДЕН НАТО-ПАРТНЕР?!

Америка како најмоќна и Франција како една од најмоќните од Нормандија испратија многу пораки, но едната во вид на предупредување е и до Македонија. Зошто олку набилдани дипломатски мускули за една слаба балканска земја, инаку осведочен партнер на НАТО, а пред сѐ на САД? Дали Грците преку своите дипломатски канали го вклучиле, повторно, алармот и побарале поддршка од Париз и од Вашингтон? Дали едно неупотребено географско име од Силјановска-Давкова или на некој неважен настан од страна на Мицкоски е повод за толку силна порака?
Што било детонаторот за во време кога францускиот претседател Емануел Макрон е тешко поразен на европските избори, а американскиот претседател Џо Бајден нема сериозен рејтинг за да биде реизбран (плус пресудата на неговиот син не дојде во добро време), да најдат место во тие 66 точки и за Македонија?
– Ја повикуваме новата влада во С. Македонија да остане фокусирана на патот кон ЕУ и да се придржува кон меѓународните обврски – се вели во точката 8 од патоказот, кој се однесува за земјите од Западен Балкан.
Ако се гледа изолирано делот за Македонија нема да се добие јасна претстава каква била намерата со оваа точка, но кога ќе го погледнеме поширокиот регионален контекст, како што се Босна и Република Српска, па Косово, станува појасно, а целата работа се разбиструва ако ја имаме предвид голема слика на американско-францускиот патоказ при што главна тема се Украина (Русија) и Газа (Палестина и Израел). Во тие две точки се кршат светските копја, кои можат да доведат до трета светска војна, а секако и настаните со Тајван (Кина). Сепак, Америка и Франција велат – сакаме мир во Европа!
Ако Американците по повеќе од една година на Французите им забија нож во грбот со тоа што речиси прекуноќ им го раскинаа договорот со Австралија за класични подморници, за што Франција требаше да заработи милијарди долари и го формираа пактот АУКУС (заедно со Велика Британија), тогаш е многу веројатно дека Бајден сакал да му даде ветар во едра на Макрон. А токму на Макрон е рамката за преговори што им ја скрои на Македонците и за тоа треба да добие поддршка. Плус Америка ја смета Франција за светски играч, нешто што беше главна цел на поранешниот претседател Франсоа Оланд, а и тоа требаше да се потврди.
Значи, пораката е дека и двете држави будно следат сѐ што се случува во нивните сфери на интерес и не сакаат да дозволат некакво изненадување! А секако, за Македонија тоа значи строго почитување на меѓународните договори, особено на Преспанскиот. (Каков и да е!?)

ЗА НАС, ЗА МАКЕДОНИЈА, Е ПОГУБНА ПОЗИЦИЈАТА – „ДРУГИ ДА НИ ЈА КРОЈАТ СУДБИНАТА“

Значи, рака на срце, конечната порака, низ диоптријата на некои странски аналитичари за нас е дека „властите треба сериозно да ги разберат тие неколку збора, односно да размислат што би ги очекувало, ако сега кога не ја кршеле Преспанската спогодба добиле таква порака, кога би тргнале во процес на поништување на тој договор“. (!?)
Но и во животот како и во дипломатијата ништо не е конечно и секогаш треба да се настојува да се бараат пријатели и да се игра на картата на својот суверенитет и на заштитата на сопствените интереси. Оти последните европски избори покажаа дека ако не денес, тогаш утре континентот ќе го водат различни политички опции со друга визија за иднината на Европа. Никој не може да претпостави какви турбуленции ни носи новото време и како ќе се позиционира Македонија во новите односи. Останување на позиција „други да ни ја кројат судбината“ е губитничка карта, а тоа се покажа во поновата наша историја.
Политичарите си заминуваат од власта, а некои едноставно ќе бидат сместени во некој историски архив и толку. Како што е случајот со поранешните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, до пред неколку години главни политички ѕвезди, а денес ликови во партии што се маргинализирани. Но ни тоа не беше причина да се јаваат и да долеат масло на огнот и да си дадат на значење (кога веќе не добија Нобелова награда за мир?!) со заедничка колумна во „Еурактив“. Нивната, пак, главна порака беше дека „ги повикуваат Европската Унија и меѓународната заедница јасно да стават до знаење оти почитувањето на Преспанскиот договор е единствениот пат на земјава до пристапниот процес во ЕУ, претпристапната поддршка и економската мобилизација“.
А од Македонија Европа не може да се види ниту со моќен телескоп. Затоа, пак, таа Европа наскоро ќе го отежне слободно движење низ Унијата како мерка на заштита на нејзината безбедност.

Христо Ивановски