- Како да се популаризира и актуализира македонскиот стандарден јазик? Како да навлезе во секоја пора од општеството? „Нова Македонија“ со повеќе написи ќе ги објавува одговорите, идеите на нашите интелектуалци – докажани и истакнати македонисти, професори, уметници, писатели…
- Јазикот е знамето на секој народ, а народ без мајчин јазик не е народ. Јазикот не е само средство за комуникација, тој е одраз на нашиот идентитет и култура, така и книжевноста и научната литература пишувана на тој јазик
- Постои научна дисциплина – просопографија, која ги проучува имињата. Македонскиот јазик има правопис. Не може во матичната служба да се запишуваат имиња и презимиња што не се според правописот. Родовите се одлика на нашиот јазик. Не може женско презиме да завршува на -ски или на -ов. Не може во Извод на матичната книга на родени да се запишуваат имиња како Миа, Теа и многу други слични, а правилно е Мија, Теја… Разбирлива е модата. Употребата на странски имиња е во ред, но тие треба да бидат транскрибирани кирилично според правописот на македонскиот јазик
Проф. д-р Ратко Дуев од Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје
Црноризец Храбар во својот апологетски спис „О писменех“ пишува: „Ако ги прашаш грчките учени луѓе кој и кога ви го создал писмото, или превел книгите? Малкумина од нив знаат. Но ако ги прашаш словенските учени луѓе: кој ви го создал буквите и кој ви ги превел книгите? Тоа сите го знаат и одговарајќи велат: ’Свети Константин Философ, наречен Кирил, тој ни ги создаде буквите и ни ги преведе книгите, и Методиј, неговиот брат‘. И ако ги прашаш во кое време… и тоа добро го знаат“. Во 9 век, генијалноста на Константин Философ ја создава глаголицата. Под притисок на Византиската црква, подоцна бугарскиот цар Симеон ќе нареди замена на глаголичките знаци со грчки и ќе биде создадена кирилицата, а замената се одвивала врз база на глаголицата бидејќи немало грчки букви со кои можеле да се заменат специфичните словенски гласови. Глаголицата опстоила во Охридскиот книжевен центар, каде што учениците на светите браќа, Св. Климент и Наум, го продолжиле нивното делото, на Плаошник описменувале ученици од разни краишта на словенската икумена. Многу светски научници заклучиле дека јазикот на најстарите текстови напишани со глаголицата ги имаат истите фонетски особености како дијалектот на Македонците од селата Сухо и Висока во Солунско. Македонскиот јазик има милениумска традиција на развој, но поради историските околности кодификацијата и неговото признавање доаѓаат многу подоцна со завршување на Втората светска војна и создавањето на македонската држава во состав на тогашната ФНРЈ.
Мојот професор акад. Петар Хр. Илиевски ме учеше дека: „Јазикот е знамето на секој народ, а народ без мајчин јазик не е народ. Јазикот не е само средство за комуникација, тој е одраз на нашиот идентитет и култура, така и книжевноста и научната литература пишувана на тој јазик“.
Во време на глобализација во секоја сфера, развојот на информатичката технологија, телекомуникациите и економијата придонесоа за доминација на англискиот јазик како глобален јазик бидејќи главно иновациите во овие сфери доаѓаат од САД. Социјалните медиуми и мобилните телефони донесоа повторно враќање на пишувањето со логограми и пиктограми како во антиката поради универзалната комуникација меѓу луѓето во целиот свет. Најголемата револуција во развојот на писмото, а со тоа и на цивилизацијата, е создавањето на хеленскиот алфабет во 8 век пр. н.е., адаптирано од феникиското консонантско писмо, секој глас да има една буква, прифатено и од Св. Кирил во глаголицата, а подоцна и во кириличното писмо. За жал, со доминацијата на англискиот јазик тоа е напуштено, неортографски јазик што мора да се учи напамет поради разликата во пишувањето и изговорот. Тој не е само јазик на глобалната комуникација туку и јазик на науката и книжевноста. Ако сака секој автор неговото дело да биде достапно во глобалниот свет, тој мора да пишува на англиски јазик. Сето тоа влијаеше врз другите јазици, а особено и врз македонскиот јазик и кириличното писмо. Но од друга страна, развојот на вештачката интелигенција и универзалните преведувачи даваат надеж за обратен процес во иднина, која е многу важна за зачувување на другите јазици.
Клучни за развојот на човекот и цивилизацијата се читањето и книжевноста. Децата сѐ помалку читаат и многупати опоменував дека треба многу да се работи за да се надмине овој проблем. Лектирите на македонски јазик се важен сегмент. Читањето не треба да им се претставува на децата како должност, тоа треба да им се нуди како подарок. Заради финансиски интереси во минатото ретко се правеше ревизија на изборот на лектири за основно и за средно образование. Голем дел од преводите на светските автори беа стари и повеќе од три децении.
Современиот македонски јазик се менува, за денешните млади јазикот од пред три децении е помалку разбирлив, што го намалува интересот за читање. Затоа на одреден период треба да се прават нови преводи на лектирите. Потребно е да бидат вклучени и современи македонски автори бидејќи и книжевноста е актуелна во времето во кое се пишува, а така и поприфатлива за денешните генерации ученици. Денес преку веб-страници, социјални медиуми и филмови на младите им се прикажува визуелна приказна обмислена од режисер, а додека читаме ние сами во својот ум го создаваме светот преку зборовите на авторот и ги исцртуваме ликовите во делата, со што се развива креативната интелигенција, од која сме лишени доколку гледаме во екрани и монитори. Најважно, преку читањето на македонски јазик читателот го гради светот на делото на македонски, а го зголемува и фондот на зборови на мајчиниот јазик. Додека ја читате книгата збор по збор и страница по страница, вие учествувате во нејзиното создавање, исто како што музичарот свири нота по нота, во создавањето, настанувањето, постоењето на музиката. Додека читате и препрочитувате, книгата учествува во создавањето на вашата личност, вашите мисли и чувства, големината и темпераментот на вашата душа.
Имав можност да учествувам во мегапроектите „Ѕвезди на светската книжевност“, „Aнтологија на светската поезија“, „Светско книжевно наследство“ на Министерството за култура, „Словенска писменост“ на МАНУ, најнови преводи на сите најзначајни дела во светот од антиката до денес на македонски јазик. Создадена е и дигитална база на овие преводи, а значајно е што сите светски јазици може да се прочитаат на македонски јазик. Многупати напоменував дека главниот проблем е лексикографијата во нашата држава. Долго време немавме добар еднојазичен речник на македонскиот јазик, како и правописен речник, а да не зборуваме за двојазични речници, кои во најголем дел се изработени како превод од други јазици без да се води грижа за македонската фразеологија. Изговорот дека сме млада држава не држи. Многу држави во светот се создадени по нашата и имаат развиена лексикографија. Немањето терминолошки речници за секоја научна област директно влијаеше во уривање на нашиот јазик. Англиските термини само се транскрибираат на кирилица, што е најлошо решение, збунувачко за читателот за да го препознае оригиналниот збор. Затоа приоритет на државата треба да биде финансирање на лексикографијата и нејзина дигитализација достапна во секој облик до секого и до нашата дијаспора, за да знае како правилно да напише одреден збор и да го одреди неговото значење.
Потребно е достојно применување на Законот за јазик во секојдневниот живот. Зборуваме за двојазичност, тријазични натписи, но никој не ги контролира написите на дуќаните, маркетите, во големите молови, медиумите. Сведоци сме дека медиумите немаат лектори, да не зборувам за порталите и брзите информации, кои се споделуваат низ социјалните медиуми. Сето тоа влијае на јазичната култура и на уривање на чувството и познавањето на мајчиниот јазик. Задолжително мора и дигиталните медиуми да влезат во Законот за медиуми, а инспекциски служби да бидат задолжени за правилна примена на Законот за јазик.
Имињата се мода. Постои и научна дисциплина – просопографија, која ги проучува имињата. Македонскиот јазик има правопис. Не може во матичната служба да се запишуваат имиња и презимиња што не се според правописот. Родовите се одлика на нашиот јазик. Не може женско презиме да завршува на -ски или на -ов. Не може во Извод на матичната книга на родени да се запишуваат имиња како Миа, Теа и многу други слични, а правилно Мија, Теја… Разбирлива е модата, употребата на странски имиња е во ред, но тие треба да бидат транскрибирани кирилично според правописот на македонскиот јазик. На пример: лат. Paulus, ст.грч. Pauelos, во нашата традиција станува Павел или Павле, Konstantinos e транскрибиран како Koстадин или Константин, но не е Константинос, бидејќи во нашиот јазик нема сигматски номинатив итн. Традицијата на нашиот народ нормално е составен дел и од традицијата на македонскиот јазик.
Како што напоменав: „Јазикот е знамето на секој народ, а народ без мајчин јазик не е народ“. Доколку ние не се грижиме за македонскиот јазик и неговата популаризација, ќе останеме без нашиот идентитет и култура. Јазикот е примарен во градењето на општествената одговорност во нашата држава кај секој граѓанин.