Посебно внимание се посвети на активности и нови проекти поврзани со современата македонска книжевност и култура што ќе можат да ги вклучат македонските и српските колеги филолози, заедно со другите образовни институции, граѓанскиот сектор и институциите од областа на културата. Беше искажана заедничка решеност со иновативен пристап, особено од следната календарска година, да се придонесе за надградување на постојаните проекти на „Вардар“ од Ниш, меѓу кои и на „Деновите на македонската култура“ и на проектите поврзани со значајни историски датуми. Во однос на активностите што го вклучуваат подмладокот, разговорот беше насочен кон поттикнување и зачувување на интересот за македонските културни вредности, при што ќе се придонесе за поголем интерес и на пошироката јавност во Србија
Продолжува афирмацијата на македонската култура и книжевност во Република Србија
Заеднички заложби за уште поголема афирмација на вредностите на македонската книжевност и култура во Србија. Идеи за заедничко осмислување и остварување на дел од натамошните програмски активности – оние што ќе бидат поврзани со современата македонска книжевност и култура, а кои ќе бидат поттик и за унапредување на соработката меѓу академските заедници од двете земји во областа на книжевната македонистика и јужнославистика. Надградување на досега традиционалните активности со нови преку кои дополнително ќе се поттикнува интересот и за македонската историја, со посебен акцент на помладите генерации.
Ова е резултатот од работната средба на раководството на едно од најактивните здруженија на Македонците во Србија, „Вардар“ од Ниш со проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и ас. м-р Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На средбата учествуваа претседателот на здружението, Благе Петрушевски, и Благоје Илијевски, еден од иницијаторите за формирањето и член на Националниот совет на Македонците во Србија.
Покрај тоа што се разговараше за остварувањата и целите на здружението, на средбата подетално се разгледаа можностите за натамошна поголема вклученост на книжевната македонистика во програмските содржини, со проактивна вклученост на релевантниот академски кадар, при што од здружението беше искажан интерес за поинтензивна соработка со Мојсова-Чепишевска и Антоновски. Притоа, посебно внимание се посвети на активности и нови проекти поврзани со современата македонска книжевност и култура што ќе можат да ги вклучат македонските и српските колеги филолози, заедно со другите образовни институции, граѓанскиот сектор и институциите од областа на културата. Беше искажана заедничка решеност со иновативен пристап, особено од следната календарска година, да се придонесе за надградување на постојаните проекти на „Вардар“ од Ниш, меѓу кои и на „Деновите на македонската култура“ и на проектите поврзани со значајни историски датуми. Во однос на активностите што го вклучуваат подмладокот, разговорот беше насочен кон поттикнување и зачувување на интересот за македонските културни вредности, при што ќе се придонесе за поголем интерес и на пошироката јавност во Србија.
Претходно, Мојсова-Чепишевска и Антоновски веќе остваруваа интензивна соработка и со македонското друштво „Илинден“ од Тирана и неодамна им беше доделена и благодарница „Илинден“ за особен придонес за македонското национално малцинство во Албанија. Сега, пак, со интензивирање на соработката и со здружението на Македонците „Вардар“ од Ниш се отвораат перспективи и за поголема регионална соработка, особено во афирмацијата на македонската книжевност и култура.
Инаку, македонското здружение „Вардар“ од Ниш е формирано во 2002 година и од Националниот совет трипати е прогласено за најдобро здружение на Македонците во Србија. Д.Ст.