Поимот конзистентност (а во случаите што ќе ги разгледуваме тој поим ќе оди со придавката „политичка“, односно – политичка конзистентност!) во основа значи дека политичарот се држи до одредени начела и принципи и врз таа основа го гради своето мислење во еден идеолошки континуитет, за кој смета дека е целисходен за нацијата и граѓаните што ги претставува. Се разбира, и за својата држава. Така, со својата политичка конзистентност, политичарот би требало да биде (политички) постојан, доследен и компактен и како таков да биде препознатлив кај народот што го претставува. Политички конзистентен асоцира и на политички дисциплиниран, логичен, отпорен и со тоа приврзан на (политичкиот) лајтмотив што граѓаните му го дале (делегирале) како стратегиска линија за силно чекорење кон остварување на стремежите и желбите на својата нација
Какво е влијанието на неконзистентноста на ставовите на политичарите врз граѓаните и државата
„Феноменот“ на неконзистентност на ставовите на политичарите, односно нивно опортунистичко приспособување според моменталниот политички контекст и интерес, секако не е непознат во политичката практика, а обработуван е и на теориско ниво. Сепак, фактот дека неконзистентноста во ставовите е позната појава, не ја менува нејзината карактеризација како несоодветна, негативна и неприфатлива во општествено-политичката култура и однесување.
Министерот за правда во заминување, Кренар Лога, со писмото што го испрати до Брисел, Вашингтон и до странските амбасадори во Македонија, околу најавите за можноста за распуштање на Судскиот совет и на Советот за јавни обвинители, се најде токму во една таква неконзистентна состојба. Иако пред една година самиот најавуваше закон за распуштање на советите за судии и обвинители, по низата скандали што се случија во овие тела на правосудниот систем, сега, откако истата идеја ја најави мандатарот за составување влада, Лога во своето писмо до „странскиот фактор“ ја квалификува како – упад во правосудството. Тој во писмото изразува загриженост и пишува дека „концентрацијата на законодавната, судската и извршната власт кај една политичка партија ќе значи пресликување на состојбите и проблемите пред 2017 година“.
– Иако како министер за правда минатата година кога се случија настаните во Судскиот совет јавно излегов со став за престанок на мандатот на членовите за кој не добив поддршка од коалициските партнери ниту од опозициските партии, а исто така и по одржани консултации со ваши претставници, ми беше сугерирано дека Оценската мисија ќе ја скенира состојбата во Судскиот совет и ќе даде препораки за надминување на состојбите, за што добивме и извештај. Препораките од извештајот со особено внимание беа разгледани од највисоките претставници на правосудната, академската и стручната фела, како и граѓанскиот сектор и преостанатите засегнати страни. Дотолку повеќе, што овие препораки се дел од најзначајните документи, како што се: Стратегијата за развој на правосудниот сектор, Патоказот за владеење на правото, како и Планот за раст. Дополнително, беше формирана работна група за законски реформи на Судскиот совет каде што во повеќе наврати беа поканети претставници на тогашната опозициска партија и сегашен носител на владејачкото мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ, на што не добивме повратен одговор.
Изразуваме сериозна загриженост што поставеноста на ваквата концентрација на моќ на трите власти кај една политичка партија ќе значи на пресликување на состојбите и проблемите пред 2017 година, коишто неспорно создадоа заробена држава, констатирано во повеќебројни извештаи од меѓународните организации – пишува Лога во писмото до амбасадите.
Согледувањата за неконзистентноста на Лога околу потребата за реформирање на Судскиот совет и на Советот за јавни обвинители се темелат на извесноста дека тој наскоро ќе ја напушти министерската фотелја, а обвинувањата што ги упатува имаат дневнополитичка основа. За жал, ова е само еден најсвеж пример на неконзистентноста во ставовите на политичарите, кои во своето политичко дејствување настапуваат без подалекосежна стратегиска визија за предизвиците со кои се соочува државата, се водат од дневни политики и исклучиво онака како што ним им одговара.
– Дописите што ги испраќа министерот за правда во заминување, практично „полемизирајќи“ со своите претходни ставови и намери, кои сега ги најавуваат дека ќе се преземат со формирање на новата влада… се на ниво на дневнополитички препукувања. Суштината на прашањето е дали имаме проблем на таа тема – Судски совет и Совет на јавни обвинители? По низа непријатни настани во овие правосудни органи, јасно е дека имаме проблем, што се одразува како најниска доверба во судството. За надминување на негативните состојби во тие органи имавме и Оценска мисија од ЕУ, со четириесетина препораки, кои речиси и да не се спроведени. Повеќе од јасно е дека треба да се реагира за поправање на таквата состојба, за враќање на довербата во судството. Но реформите не треба да се прават избрзано, за да не западнеме повторно во старите стапици. Тоа треба да бидат обмислени реформи, кои во случаите на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители потребни се уставни и законски измени. Според сегашната уставна и законска поставеност, практично нема правна основа за разрешување на овие совети.
Согледувањата за неконзистентноста на Лога околу потребата за реформирање на Судскиот совет и на Советот за јавни обвинители, веројатно се темелат на извесноста дека тој наскоро ќе ја напушти министерската фотелја, а обвинувањата што ги упатува имаат дневнополитичка основа. За жал, ова е само еден најсвеж пример на неконзистентноста во ставовите на политичарите, кои во своето политичко дејствување настапуваат без подалекосежна стратегиска визија за предизвиците со кои се соочува државата и се водат од дневни политики и исклучиво онака како што ним им одговара
Потребата за нивно реформирање е повеќепати констатирана, но тие реформи треба да бидат обмислени, коренити и издржани – вели универзитетскиот професор по управно право Борче Давитковски.
Според повеќе наши соговорници, професори на универзитети од различни области, ова е само еден негативен пример, во низата примери низ годиниве од кои треба да се учи, да се исправаат грешките на неконзистентност, бидејќи пораките и последиците од таквото неодговорно однесување се катастрофални, а тоа се чувствува. Сите соговорници истакнуваат дека политичката конзистентност во основа значи дека политичарот се држи до своите препознатливи начела и принципи и врз таа основа го изразува своето мислење во еден идеолошки континуитет. Тоа е едно одговорно политичко однесување и дејствување, целисходно за граѓаните и државата што ја претставува. Досега на политичарите, истакнуваат соговорниците, им фалеше одговорност, а одговорноста, меѓу другото, ја одбегнуваа токму со својата политичка неконзистентност. Тие, како што истакнуваат соговорниците, „ги менуваа своето мислење и своите политички искази во текот на едно деноноќие, а пак во текот на својот мандат, безброј пати“, велејќи дека се „неразбрани, извадени од контекст“ итн.
На крајот, сите соговорници професори имаа заеднички именител на своите ставови во врска со оваа тема. Тие се согласуваат дека со својата политичка конзистентност, политичарот би требало да биде (политички) постојан, доследен и компактен и како таков, да биде препознатлив кај народот што го претставува.
– Политички конзистентен асоцира на политички дисциплиниран, логичен, јак и отпорен, а со тоа приврзан на (политичкиот) лајтмотив што граѓаните му го дале (делегирале) како стратегиска линија за силно чекорење кон остварување на стремежите и желбите на својата нација – велат нашите соговорници, универзитетски професори.