Фото: Принтскрин/Јутуб

Хамас не може да се согласи на никаков договор, освен ако Израел јасно не се обврзе на траен прекин на огнот и целосно повлекување од Појасот Газа, изјави влијателниот функционер на палестинската милитантна група Осама Хамдан.

Катар, кој заедно со САД и Египет посредува во преговорите меѓу Хамас и Израел, го повика Израел да соопшти јасен став, кој има поддршка од целата влада, за да се постигне договор.

– Не можеме да се согласиме на договор што не обезбедува и не гарантира траен прекин на огнот, целосно повлекување од Појасот Газа и, соодветно на тоа, довршување на навистина сериозен договор за размена на затвореници, рече Хамдан на прес-конференција – пренесува Радио Слободна Европа.

Предложениот договор од три фази, што го претстави американскиот претседател Џо Бајден во петокот, вклучува шестнеделен прекин на огнот, повлекување на израелските сили од „сите населени области“ на Газа и ослободување на некои заложници, вклучително и постари и жени, во размена за ослободување на стотици палестински затвореници.

Според тој план, Хамас и Израел ќе преговараат за траен прекин на огнот, за кој Бајден рече дека ќе трае „додека Хамас ги исполнува своите обврски“.

– Израел сака само фаза кога ќе ги земе сите нивни заложници, а потоа ќе ја продолжи својата агресија и војна против нашиот народ – рече Хамдан.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, изјави дека САД сè уште чекаат одговор од милитантната група Хамас на израелскиот предлог за прекин на огнот, што во петокот го претстави американскиот претседател Џо Бајден, јавуваат британските медиуми.

– Очекуваме одговор од Хамас преку катарските посредници – рече Саливан и најави дека директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Брнс ќе разговара во Катар со посредниците за предлогот за прекин на огнот.

И портпаролот на Хамас вчера истакна дека групата не може да се согласи на каков било договор доколку Израел не се обврзе на траен прекин на огнот и целосно повлекување од Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неколку наврати повтори дека нема да има траен мир додека Хамас не биде уништен.

Планот претставен од Бајден во петокот беше поддржан од Велика Британија, Франција, Германија, Јапонија, Канада и Италија, додека Јордан, Саудиска Арабија, Катар, Египет и Обединетите Арапски Емирати ги повикаа Израел и Хамас да го разгледаат планот „сериозно и позитивно“.


Словенечкиот парламент го одобри признавањето на Палестина

Словенечкиот парламент синоќа го одобри признавањето на независна палестинска држава, отфрлајќи го барањето на главната опозициска партија за референдум за ова прашање, јави Хина.

Гласањето дојде откако словенечката Влада минатата недела одлучи да ги следи Шпанија, Ирска и Норвешка во признавањето на Палестина како независна, суверена држава, како дел од напорите да се запре израелската офанзива во Појасот Газа.

Претставувајќи ја одлуката на Љубљана како „порака за мир“, премиерот Роберт Голоб кажа дека тоа е важен чекор и предуслов за преговори за решение со две држави.

Владејачката коалиција има мнозинство во парламентот од 90 места. Документот за признавање на палестинската држава го одобрија 52 пратеници, со еден воздржан и без глас против, а претставниците на опозицијата ја напуштија седницата.

Словенечката демократска партија на поранешниот премиер Јанез Јанша во понеделникот поднесе барање за одржување на консултативен референдум за признавање на Палестина. Како што пишуваат словенечките медиуми, Јанша кажа дека владината одлука за признавање на Палестина веќе и нанела долгорочна штета на Словенија „бидејќи ја поддржува терористичката организација Хамас“.

Израелското Министерство за надворешни работи минатата недела ја осуди одлуката на Словенија да ја признае независната палестинска држава.

Министерот за надворешни работи Израел Кац рече дека одлуката, за која ќе гласа парламентот, е награда за Хамас за убиствата и силувањата. Во соопштението Кац кажа дека овој потег го зајакнува и Иран, непријателот на Израел и му штети на „блиското пријателство на словенскиот и израелскиот народ“.

Република Ирска, Норвешка и Шпанија официјално ја признаа независна Палестина минатата недела. Шведска го направи тој потег пред десет години.

Сите овие потези го зајакнаа палестинското прашање во светот, но го налутија Израел.

Повеќе од 140 од 193 земји-членки на Обединетите нации ја признаваат Палестина како суверена држава. Западноевропските земји и САД долго време беа исклучок.