Ангеловски (десно) со маратонецот Трпе Мартиновски

Ангеловски беше најзаслужен за организирање на скопскиот маратон, кој стана традиционален и препознатлив и надвор од Македонија. – Тој со своето искуство и теоретско знаење создаде многу асови, кои станаа репрезентативци и рекордери. – Ангеловски беше и професионален стручен референт во АФМ

Душан Ангеловски (2)

Кога се споменува името на Душан Ангеловски веднаш љубителите на кралицата на спортовите ќе се потсетат на минатите времиња, кога тој беше директно вклучен во работата со македонските атлетичари. Ќе се потсетат и на периодот кога, како стручен соработник во тогашниот Атлетски сојуз на Македонија (сега АФМ), даде максимален придонес во консолидацијата на атлетската организација. Неговите активности и резултати не останаа незабележани, па тој во подоцнежниот период честопати добиваше признанија од врвните спортски институции, СОФК-а на Македонија и Атлетскиот сојуз на поранешна Југославија. Со еден збор, луѓето што беа вклучени во кралицата на спортовите ја вреднуваа неговата работа и едноставно ниту една поголема манифестација не можеше да мине без тој да има клучна улога во нејзината организација. Ангеловски беше тренер и на многу познати атлетски шампиони и рекордери.

МАРАТОНОТ ВО СКОПЈЕ – НЕГОВО ДЕЛО

Бидејќи работите во 90-тите години од минатиот век, поради политичките превирања многу се измешаа, наместо тој, други си ја припишаа заслугата за првата организација на скопскиот маратон. Неговата идеја да се организира еден меѓународен маратон беше прифатена од СОФК-а на Скопје, каде што Ангеловски во тоа време беше вработен, иако во АСМ немаше којзнае какво расположение за организирање на еден маратон. Но и тој скептицизам помина, најмногу поради настојчивоста на Душко, кој успеа да ги убеди сите, оти тоа ќе биде не само атлетски туку грандиозен спортски настан. Ова го поткрепуваше и со фактот оти маратонските трки земаат сѐ поголем замав во светот и стануваат сѐ попопуларни, за што сведочи и учеството на илјадници тркачи во нив.
Како неразделни другари, уште од дамнешно време и од времето на организирањето на РТВ-кросовите во текот на 70-тите години, мене и на Миле Пеповски ни ја презентираше својата идеја да се организира меѓународна маратонска трка во Скопје. Ние бевме изненадени од идејата на Душко, па малку се подзамисливме, за на крајот да констатираме оти предлогот и не лош. Напротив сметавме дека тоа е добра идеја, но прокоментиравме во стилот „ќе треба многу време за една таква организација, ќе требаат пари, ќе треба расположение за организирање такво нешто кај спортските фактори итн“. На крајот сепак го поддржавме предлогот верувајќи дека со Ангеловски како носител на проектот, а ние како негови поддржувачи, кои директно би се вклучиле во организацијата на маратонот, ќе помогнеме колку што е можно повеќе за сѐ да не падне на товар на Душко. А тој не мируваше, постојано ќе пласираше некоја идеја, па така, во зимскиот период на големиот празник Божиќ предложи на плоштадот во Скопје да организираме „Божиќна трка“. И го направивме тоа. И што е интересно, имаше многу заинтересирани, што учествуваа во трката, а додека таа се одвиваше, од еден казан полн со топла ракија гледачите можеа да се загреат и да не го чувствуваат студот. За тоа какво беше расположението меѓу нив не треба да се трошат многу зборови. Тоа беше токму онакво како што доликуваше на големиот празник.

ПРВИОТ МАРАТОН ВО 1997 ГОДИНА

Откако беше разработена стратегијата, со помош на СОФК-а на Скопје, а пред сѐ на нејзиниот долгогодишен генерален секретар, а потоа и претседател Ѓорѓи Кузмановски, тргнавме во офанзива. Така, полека почнаа да се решаваат работите, остана само да се најде начинот како да се афирмира сето тоа во светската јавност. Овде голема беше помошта на атлетските работници од Белград, кои веќе го имаа тоа искуство, зашто тие веќе беа афирмирани во атлетскиот свет по одличната организација на Белградскиот маратон. Така, откако се наредија сите коцки, се одржа и првиот скопски маратон во 1997 година, во чија организација моторна сила беше Душан Ангеловски. Следната година се одржа и вториот маратон низ улиците на Скопје, а потоа поради финансиски причини доаѓа до прекин на маратонот, за во 2007 година да се возобнови и да се одржува секоја година. Но следните маратони беа организирани од други луѓе зашто Душко и Миле, за жал, во овој временски интервал починаа. Ангеловски во 2001, а Пеповски во 2005 година.
Мене, искрено ми е жал што во ова ново време кога се одржува маратонот, нивните имиња воопшто не се споменуваат. Тоа е уште еден доказ оти брзо ги забораваме работите или, пак, некој го прави тоа намерно, за главни на оваа манифестација во очите на јавноста да бидат овие денешниве. Да биде уште поинтересно, меѓу нив има и некои луѓе што уште во времето кога Ангеловски даде предлог за организација на маратонска трка во Скопје сомнително вртеа со главите и не веруваа оти маратонот ќе стекне толку голема популарност, дури по десетина години од неговото организирање ќе биде вклучен во Светската асоцијација на маратонските трки.

ГЛАВЕН ОРГАНИЗАТОР И НА РТВ-КРОСОВИ

Колку Душко беше посветен на атлетиката и колку самиот се жртвуваше за нејзиниот просперитет и афирмација, ќе потврдам со следниов факт. Во тогашна ТВ Скопје, потоа МТВ, една од главните фигури не само тогаш туку уште од формирањето на Радио Скопје беше легендарниот Никола Солдатов. Тој беше исклучителен човек, способен за извршување на сите функции што ги бараше медиумот – од спикер, новинар, радиорепортер и спортски ТВ-коментатор. Иако популарниот „Солдат“ имаше пребогата кариера, овој пат ќе одделам еден момент од 70-тите години, кој не е врзан со неговото коментирање, туку со нешто што ја раздвижи цела Македонија. Тој, како голем вљубеник на природата и планинарењето, еден ден седејќи во спортската редакција, а знаејќи оти сум јас атлетичар, така одеднаш изусти – зошто ние како ТВ-куќа не се појавиме како покровители на една манифестација, како на пример на атлетските кросови во кои би учествувале граѓани од сите возрасти.
– За тоа не треба некои посебни услови, може насекаде да се трча, па не треба никого да молиме да ни даде стадион или сала. Па тука имаме и атлетичар што учествувал и победувал на атлетските кросови – рече Солдатов.
Алудирајќи на мене, очигледно бараше и одговор од мене. Но пред јас да кажам нешто, Атанас Клостовски, како уредник на спортската редакција, веднаш ја прифати идејата, а мене ми остана само да потврдам оти се согласувам, знаејќи оти главниот товар јас ќе го понесам. Но не се уплашив оти си имав другар, кој тогаш беше вработен во АСМ и знаев оти тој ќе го понесе на својот грб сиот товар околу организацијата. Тоа не беше никој друг туку Душко Ангеловски. Кога го информирав Дуле за ова, тој со воодушевување ми рече:
– Уште од утре почнувам да работам на овој проект зашто од него може многу да добие атлетиката. Браво за ТВ Скопје, за Солдатов и за целата спортска редакција. Ова е прекрасна идеја – беа зборовите на Ангеловски.

ШИРОК ОДЗИВ ВО ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА

Откако дефинитивно се договоривме оти како телевизија ќе бидеме покровители на кросовите, кои веднаш беа крстени во РТВ-кросови, ова го објавивме на нашите програми, а Душко веќе сам, без денар помош од некаде, со своето старо „фиќо“ почна да ги обиколува општините. Откако ќе ја образложеше идејата (тогаш немаше градоначалник, а ми се чини беа претседатели на општините), немаше кој не ја прифати идејата. Така, без потрошена пара и без никаква присила, туку онака со љубов и голем ентузијазам почна да се трча низ цела Македонија. Ние, пак, како покровители секогаш во нашите информативни емисии наоѓавме простор да го регистрираме секој крос. Се сеќавам на еден симпатичен крос во селото Лакавица, кој се одржа на самиот пат Штип – Радовиш. Кога учесниците на кросот во вечерните вести се виделе на телевизија, на радоста ѝ немало крај.
– Не знаете колкава беше таа радост – ми зборуваше тогаш Душко. И насекаде е така, сите сакаа да се видат на ТВ и одвај чекаа да дојде кросот и во нивната средина. Јас одев насекаде, некогаш и заедно со ТВ-екипа. Тоа беше нешто незаборавно, а кога во рацете на најдобрите тројца натпреварувачи или натпреварувачки ќе се најдеше дипломата со логото на РТВ-крос, сите ја бакнуваа како нешто највредно за нив.
Такво беше тоа време на одржувањето на РТВ-кросови, кои преку идејата на Солдатов, прифатена од сите новинари во спортската редакција, потоа од Атлетскиот сојуз на Македонија, чиј голем репрезент беше неуморниот Душко Ангеловски. Тоа беше време на вистински бум на атлетскиот спорт, време кога од тренерите беа откриени многу таленти.
И за крај, пишувајќи за РТВ-кросови, не можам, а да не се потсетам на првото финале на оваа приредба, кога во него учествуваа околу 8.000 тркачи од сите страни на Македонија, а се одржа на скопскиот Хиподром. И овде, Дуле, кој потекнуваше од Маџари, беше главниот организатор. Без скршена пара, со помош на своите другари почестени само со една кригла пиво, но исполнети со ентузијазам ја завршија целата работа. Оттогаш на патот кон Хиподром веќе не е видената таква слика, на него и на сите околни патишта беа паркирани стотина автобуси, кои ги донесоа учесниците на кросот, од сите страни на Македонија. Опишувањето на овие кросови и нивните финални трки нема крај, па затоа за крај ќе кажам за импресивната слика на Хиподром, кога се појавија повеќе од 2.000 припадници, не само војници туку и старешини на тогашната ЈНА.
Сликите од тој крос и денеска провејуваат во мојата меморија и секогаш ме потсетуваат на големиот атлетски работник Душан Ангеловски, кого сите го нарекувавме Бате Дуле. Ваквите личности никогаш не треба да ги заборавиме. Тие и кога веќе не се меѓу нас заслужуваат голема почит.