Во годишниот извештај за состојбата на човековите права и демократијата во светот за 2023 година, високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, истакнува дека Унијата останала цврста во својата посветеност за поддршка и унапредување на човековите права и демократијата минатата година. Но, наспроти таквата самоувереност, целиот процес на пристапување на Македонија, уште пред да започне ефективното преговарање по поглавја, е голем тест за ЕУ во поглед на нејзината самоувереност дека цврсто и посветено ја поддржува Универзалната декларација за човекови права
Реакција по изјавата на Жозеп Борел дека „ЕУ останала цврста во својата посветеност за поддршка и унапредување на човековите права и демократијата“ во 2023 година
Десетина дена пред изборите во Европската Унија, кои ќе се одржуваат од 6 до 9 јуни, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, го објави годишниот извештај за состојбата на човековите права и демократијата во светот за 2023 година.
– Со свои очи видов премногу региони зафатени од војна од почетокот на мојот мандат – страдањето е едноставно премногу. Време е да престанете со стоење простум и да добивате поени. Индивидуална државна обврска и колективна меѓународна одговорност е да работиме заедно за да ги реализираме правата и стандардите што ги поставивме – емотивно настапува Борел, презентирајќи го извештајот.
Сепак, веднаш потоа истакнува дека ЕУ останала цврста во својата посветеност за поддршка и унапредување на човековите права и демократијата минатата година. Посветеноста на ЕУ за поддршка и унапредување на човековите права, високиот комесар на ЕУ, оваа година ја става во контекст на одбележувањето 75 години од Универзалната декларација за човекови права, која ја нарекува „фундаментален документ што го отвори патот за законот за човекови права што светот го знае денес“.
За самиот извештај, Борел вели дека „во покомплексен геополитички пејзаж обележан со невидени предизвици, служи како сеопфатен преглед на напорите и достигнувањата на ЕУ, како и на предизвиците со кои се соочува во поттикнувањето свет каде што човековите права се почитуваат и се поддржуваат демократските принципи“.
Македонија – тест на кој ЕУ падна, поврзан со Универзалната декларација за човековите права
Речиси дваесетгодишниот статус на Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ, постојано со опструкции во форма на вето за почеток на преговорите за членство од земји членки на Унијата, фрла сенка на резервираност во восприемањето на извештајот на Борел, особено во делот за „цврстината на посветеност на Унијата за поддршка и унапредување на човековите права и демократијата“. Покрај сета долготрајност на претпристапниот процес на Македонија поради причини што воопшто не се предвидени во Копенхашките критериуми за проширување на Унијата, актуелната состојба со своевидни уценувачки клаузули во предложената преговарачка рамка за земјава (колоквијално наречена „француски предлог“), претставува своевидна кулминација на премолчување од страна на ЕУ, дури и поддршка на прекршувањето на човековите права од нејзините земји членки, пред сѐ Бугарија и Грција. Прифатеното бугарско условување (уцена) од страна на ЕУ, Македонија да започне со отворање на поглавјата по спроведување уставни измени за нереципрочно внесување (вештачки креирано) бугарско малцинство во македонскиот устав, во голема мера ја поткопува самоувереноста во извештајот за човековите права во 2023 година за „посветеност и спроведување“ од страна на Унијата на Декларацијата за човекови права во 75-та година од нејзиното усвојување. Во прилог на неперцептивноста на ЕУ за прекршувањето на човековите права од нејзините земји членки врз Македонија и Македонците, како срамен доказ стојат пресудите (15-16 на број) на Европскиот суд за човекови права со кои се бара од Бугарија практично да ги признае како малцинство Македонците во таа држава. Бугарија повеќе од 20 години не ги спроведува овие пресуди, но ЕУ во преговарачката рамка за Македонија бара еднострано признавање на вештачки конструирано бугарско малцинство во земјава. Давајќи му простор во преговарачката рамка и на Преспанскиот договор, ЕУ уште еднаш ја потврдува својата позиција на поддржувач на прекршувањето на човековите права (овој пат од Грција), како правото на самоопределување и самоименување на Македонците, наведено токму во Декларацијата за човекови права. Целиот процес на пристапување на Македонија, уште пред да започне ефективното преговарање по поглавја, е голем тест за ЕУ во поглед на нејзината самоувереност дека цврсто и посветено ја поддржува Универзалната декларација за човекови права.
Игор Јанев: Со францускиот предлог ЕУ прави флагрантно кршење на колективните права на македонскиот народ
По сите нелегални преседани од културоциден и етноциден карактер направени во целиот процес на македонското евроинтегрирање, бесчувствителноста на ЕУ за флагрантно кршење на македонските основни колективни права (на народот и нацијата), професорот по меѓународно право Игор Јанев се сомнева во кредибилитетот, непристрасноста, па и стручноста инвестирана на најновиот извештај за човековите права на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел.
– Високиот претставник на ЕУ за надворешната и безбедносната политика во својот извештај за човековите права за 2023 г. прави очигледна дискриминација кога се работи за некои помали држави, вклучувајќи ја и Македонија. Едноставно извештајот не ја отсликува или одразува состојбата во која Македонија е брутално изложена на обидот за насилна или условена асимилација од страна на Бугарија во вид на бугаризација. Со промовирањето на францускиот предлог, како ЕУ-рамка за процесот на зачленувањето на Македонија во Унијата, дипломатската служба на ЕУ прави флагрантно кршење на колективните права на македонскиот народ и нацијата, кои се однесуваат на правото на национален идентитет (кое секоја нација има право да го поседува), правото овој идентитет самостојно да се одреди и самоопредели, како и правото на културен идентитет, како супстрат на националниот идентитет, самостојно и суверено да се развива. Кусо кажано колективното национално и културно право на идентитетот не е признаено, туку спротивно на принципот на самоопределување и поседување на суверени културни права, ова право од ЕУ е оспорено!
Праксата и политиката на оспорување на македонскиот идентитет се продолжуваат и во оваа 2024 година, во која ЕУ ги поддржува грчкиот став и грчките протести во врска со стриктното „почитување на Преспанската спогодба“ (по изјавите на претседателката Силјановска-Давкова за „Македонија“) со кој дискриминацијата на идентитетот преку нелегалниот идентитетски модификатор „северна“ се наметнува од ЕУ како тврда обврска само за нашата држава, имплицирајќи дека држава што е обврзана со додавка нема право да биде „Македонија“ (и консеквентно дека ние не сме „Македонци“)! Имено, доколку преку „ID-modifier“ (задолжителен деноминатор содржан во Преспанската спогодба) ние не сме „Македонија“, туку можеме да бидеме само нешто друго, тогаш ЕУ одвоено поддржува политиката на непризнавањето на идентитетот (како изворна и суверена културна категорија) и спроведува политика на дискриминација, односно политиката на културен геноцид и етноцид. Со политиката на ЕУ отворено се брани политичката грчка доктрина, според која, само и исклучиво Грците се Македонци! Со ваков став се негира нашето етничко малцинство во Грција и се поттикнува асимилацијата на нашето национално малцинство во Грција.
По ваквите нелегални преседани од културоциден и етноциден карактер и бесчувствителност за флагрантно кршење на македонските основни колективни права (на народот и нацијата) се сомневам во кредибилитетот, непристрасноста, па и стручноста инвестирана во споменатиот извештај за човековите права.
Имено, кога ЕУ не може да ги препознае културоцидните аспекти на Преспанската спогодба и бара од шефот на една држава папагалски да повторува „Северна Македонија“, дури и кога граматиката не прифаќа постојано повторување на префиксот („Северна“), тогаш јасно е дека надворешнополитичката (дипломатска) служба на ЕУ нема соодветна експертиза за јасна и соодветна процена на состојбата на човековите права. Папагалско повторување „Северна Македонија“ (правно како проста негација на „Македонија“ односно забрана оваа да се спомне одвоено) наликува на „новоговорот“ на Орвел во „1984“. И од правна и од политичка гледна точка идентитетскиот модификатор очигледно не е одржлив и спроводлив на подолг рок и претставува правна бесмислица. Настрана и фактот што модификаторот на идентитетот очигледно (за врвните експерти) претставува флагрантно кршење на императивната норма (самоопределување, самоидентификација, не-оспорување на идентитетот итн.), во смисла што се подразбира и во членот 53 од Виенската конвенција за правото на договорите. Во таа смисла Виенската конвенција за правото на договорите ваквото модифицирање на идентитетот го опфаќа во членот 64 од истата конвенција, во која се предвидуваат и јус когенс нормите во генезата, односно развојот – вели професорот по меѓународно право Игор Јанев.