,,..Така, во Виница учителот Елеков, додека бил жестоко мачен, бил обесчестен по содомски. Несреќниот винички кмет Иван Петров бил убиен на тој начин што главата му била стегана со мокри јажиња, се додека не му прснала. Чаушникот на Дервиш-ефенди и еден војник ги обесчестиле Катерина Митева, Марија Ѓурушева и Гина Иванова. Свештеникот Никола од Зрновце, Кочанско, го обесиле со главата надолу и така го држеле три часа. Потоа го ставиле во замрзната вода. И тоа им било малку; го гореле со вжештено железо по телото и анусот. Умрел од болки…“
,,..Така ранет, ’гол и бос‘, како што ќе забележи Ѓорче Петров во своите спомени, Лазар се довлечкал кај својот пријател Коте Христов од селото Рула. Поп Трајков (се мисли на Лазар Поп Трајков) знаел дека Коте шурува со грчките андарти, меѓутоа, кога пламнало востанието, му ги простил гревовите, прегрнувајќи се притоа со него. И наместо да му помогне, Коте, заедно со соселанецот Павле Киров, го заклал дваесет и петгодишниот револуционер. Окрвавената глава поп Ставре од Писодер им ја однел на Грците во Костур, каде што била фотографирана, а фотографиите, потоа, бесплатно биле делени меѓу населението – тоа да земе уплав! Коте за ова злосторство од костурскиот грчки владика Каравангелис, истакнат кртопиец на македонска крв, добил 59 турски лири…“
Овие се извадоци од книгата на писателот и пријател Јован Павловски, насловена „Ние на Татковината ѝ должиме сѐ, Таа нам-ништо“. Во книгата на Јован Павловски има многу други сведоштва, кажувања, описи на грозни измачувања врз македонското население од страна на разните поробувачи на просторот на етничка Македонија. И не само во ова книга, цела наша историја е преполна со трауматични насилства, кодошења, незамисливи измачувања што се вршеа врз македонското население во разни временски периоди.
Повеќе од ликовни побуди сакам да споредам една парадоксална работа. Коте (Костантин Христов-Саров) е роден во селото Руља (Егејска Македонија – Грција), тој е дволична и бизарна личност. За време на целата своја борбена активност шетал од една страна кон друга, всушност бил обичен арамија и немилосрден убиец. Коте, во разни периоди, бил близок со некои од челните личности од Македонската револуционерна организација, истовремено потајно соработувал со грчките андарти, а за таквата дејност Коте бил осудуван на смрт од самата револуционерна организација.
Во својата злосторничка активност има ликвидирано десетина важни македонски борци, негов специјалитет било сечењето глави. Да не должиме, во 1905 година бил заробен и обесен на Ат-пазар во Битола. Денес, за својата „специфична“ дејност, во Грција, Коте е прогласен за национален херој, неговата родна куќа е претворена во музеј, а селото Руља прекрстено во Котас. Во селата околу Воден, Лерин и Костур има неколку споменици на Коте од Руља.
Пред десетина години, пријател од Воден ме однесе во село оддалечено дваесетина километри од Воден во кое има споменик на Коте. Покрај другата облека, од споменикот Коте е нагрнат и со јагнешка кожа. Веројатно тоа е некој ликовен симбол на авторот.
Во проектот „Скопје 2014“, покрај други споменици беше предвиден и изработен споменик на револуционерот Андон Лазов-Јанев, познат како Ќосето. Овој човек, по наредба на револуционерната организација вршеше, ликвидираше личности, предавници, доушници што работеле за интересите на туѓи организации и држави. Во неговата дејност почитувал хиерархија, не истрчувал самоволно да изврши какво било дело без знаење на организацијата. Во неговата професија бил вешт, прецизен и временски точен.
Ми се чини дека во 2015 беше поставен споменикот на Андон Лазов-Јанев во близината на Универзитетската библиотека. Тогашната опозиција на чело со Зоран Заев се закануваше дека кога ќе дојдат на власт ќе ги урнеле сите споменици од проектот „Скопје 2014“.
Кога дојдоа на власт беше срушен само споменикот на Ќосето, заедно со него отиде и постаментот, на тоа место беше посадено дрво, кое машала добро напредува и сигурно ќе израсне во големо дрво, кое потајно се споменува како дрво на Ќосето. Дали на Андон Лазов-Јанев, со прекар Ќосето, му останавме должни, не знам. Дали требаше да се изгради споменик на Андон-Лазев исто не знам, дали требаше да се сруши споменикот на Андон Лазов-Јанев наречен Ќосето повторно не знам. Тоа што знам е дека споменикот на Ќосето не е срушен од ликовни причини, демек не задоволувал извесни естетски ликовни вредности, туку тоа е направено од други причини, политички или не знам какви други. Парадоксот меѓу овие две личности е во следново: Коте од Руља, по род Македонец, е личност што вршеше крволочни убиства врз невино македонско население, тој сега во Грција се смета за национален херој, за него се изработени неколку споменици, неговата куќа стокмена во музеј, неговото село прекрстено во Котас. Грција на некој начин му се оддолжува на Коте.
Андон Лазов-Јанев со прекар Ќосето е историска личност, која за општите интереси на револуционерната организација, по налог од истата таа, ликвидираше сомнителни личности што дејствуваа спротивно на интересите на организацијата, која се бореше за создавање независна Република Македонија. Дали треба нешто друго треба да кажеме, освен дека во тоа време можеби требало и такви личности. Дали се оддолживме кон Ќосето? Со рушење на неговиот споменик мислам не. Може да се тешиме што Татковината не бара ништо од нас.
За крај, во Преспа или во Нивици, дали во еден момент кога Заев и Димитров го потпишуваа договорот со Грција помислија на страдањата низ кои поминуваше македонскиот народ или плиткиот ум и нарцисоизмот им беа поважни, па сега поради нивната немарност и политичка глупост, претседателката на државата не смее да го изговори само името на државата Македонија без притоа да не се воздигнат вештачки магливи чадови, во време кога на Татковината ѝ должиме сѐ.