Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изјави дека „дојде време“ членките на Алијансата да преиспитаат одредени ограничувања во однос на употребата на оружјето доставено до Украина, додека сојузниците остануваат поделени кога се работи за употребата од нивното оружје на цели во Русија.
Столтенберг го изјави ова за време на неформалниот состанок на шефовите на дипломатииите на земјите членки на НАТО во Прага, пред самитот на Алијансата во јули во Вашингтон.
Првиот човек на НАТО, во заминување, минатата недела во интервју за „Економист“ ги повика сојузниците да ја повлечат забраната Украина да го користи оружјето на Алијансата при напади врз воени цели на територијата на Руската Федерација.
„Економист“ наведе дека јасната, иако неименувана цел на Столтенберг беше „политиката на американскиот претседател Џо Бајден“, со која тој ги одредува целите што Украина може да ги нападне со американско оружје.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски неколку пати апелираше до западните сојузници да дозволат да се користи донираното оружје на цели во Русија, особено по напредувањето на руските трупи во регионот Харков.
Британските медиуми пренесуваат дека членките се поделени, а меѓу некои сојузници постои страв дека таквото одобрение може да го вовлече НАТО во директен конфликт со Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно предупреди дека малите европски земји ќе претрпат „сериозни последици“ доколку оружјето на НАТО погоди цели во Руската Федерација.
САД не ја ограничуваат Украина да употребува американски противвоздушни орудија за соборување ракети или ловци над територијата на Русија ако тие претставуваат закана за Украина, соопшти синоќа „Вашингтон пост“, цитирајќи службено лице во администрацијата на Бајден.
Сепак, како што укажуваат извори за весникот, Белата куќа е загрижена поради ударите што Украина ги прави по руските радарски станици од системот за предупредување од напади со нуклеарни ракети. Во Вашингтон се плашат дека таквите напади „можат да придонесет кон дестабилизација на стратешкиот паритет меѓу САД и Русија“. Таквите радиолокациски станции не се вклучени во војната со Украина и не се дел од „чувствителните објекти“.
– На сите треба да им биде јасно дека САД немаат никаква намера да користат нуклеарно оружје против Русија. Но, безусловно, постои загриженост околу тоа како Русија може да го протолкува тоа што нејзините моќности за задржување стануваат цел, а системите за рано предупредување се подложни на напади – изјави службеникот.
Вкупно 11 земји, меѓу кои Германија и Франција, веќе дозволија оружјето што е снабдено од нив Украина да го употребува на територијата на Русија.
Првите украински пилоти ја завршија обуката на борбените авиони „Ф-16“ во воена база во Аризона, САД, додека завршувањето на обуката за останатите треба да следи налето.
– Првата група дипломираше, а другите украински пилоти ја завршуваат обуката овде до крајот на август – изјави за „Гласот на Америка“ портпаролката на Националната гарда на Аризона, капетан Ерин Ханиган.
Меѓу дипломираните има и неколку украински пилоти кои се обучувале во базата на националната гарда „Морис“ во Тусон, изјави американски функционер кој зборуваше за „Гласот на Америка“ под услов да остане анонимен од безбедносни причини.
Поради строгите безбедносни мерки за пилотите, официјалните лица одбија да го кажат точниот број на Украинци кои дипломирале или бројот што останале на обуката на ловците „Ф-16“.
Данска ја потврди својата дозвола борбените авиони „Ф-16“ што и ги донираше на Украина да можат да напаѓаат воени цели и на руска територија, изјави денеска шефот на данската дипломатија, Ларс Локе Расмусен, цитиран од Укринформ.
Расмунсен изјавил дека од самиот почеток на процесот на одлучување за авионите „ Ф-16“ за Украина, Данска знаела дека овие ловци и другите капацитети се донирани за одбранара на оваа земја и дека таа може да ги користи против руски воени цели, вклучително и на руска територија. Расмусен ова го изјавил пред состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
– Краткиот одговор е – да. Ова не е нова позиција, тоа е дел од нашиот придонес. Кога разговаравме за ова со нашата комисија за надворешни работи во данскиот Парламент, од самиот почеток многу јасно ставивме до знаење дека ова е дел од одбраната, која веројатно ќе вклучува и напади на воени локации на руска територија – истакна данскиот министер.
Данска планира уште ова лето да ги обезбеди првите борбени авиони „Ф-16“, а Холандија најавува за подоцна – наесен, потсети Укринформ. Копенхаген е еден од иницијаторите на таканаречената авионска коалиција за Украина. Данска пред точно две недели објави нов пакет воена помош за Украина во износ од 750 милиони евра. Пакетот ќе го зајакне воздушниот и артилерискиот потенцијал на Украина. Оваа земја, исто така, ја истражува можноста за инвестирање во украинската воена индустрија.
Киев упорно бара испорака на западни авиони откако изби војната во нивната земја во февруари 2022 година. Во август 2023 година, американскиот претседател Џо Бајден одобри план за западните сојузници да испратат авиони „Ф-16“ во Украина откако претходно се заврши обуката за пилоти.