Трите бои на семафорите функционираат од 1920-тите, дали се потребни промени?
Црвена за запирање, зелена за движење и жолта за подготовка за запирање или за подготовка за тргнување. На тој начин функционираат семафорите од 1920-тите години, што дури беше кодифицирано со меѓународен договор за да се осигури да не се случуваат несреќи и дека, на пример, возач од Европа целосно ги разбира сигналите во Токио
Од механика до сензори
Во текот на минатиот век, технологијата постојано се подобруваше. Електричните светла ги заменија првите семафори. Компјутерите овозможија поврзување на неколку семафори, а сензорите овозможија да се анализира сообраќајниот тек и да се постави времето за максимален проток. Развиени се системи што ги контролираат семафорите за цели градови, а моделите на дигитален проток на сообраќај се усовршени до совршенство.
Појавата на автономни возила (АВ) донесе нов пресврт. Тие не само што имаат способност сами да возат туку можат и да комуницираат меѓу себе, како и со централниот сообраќаен компјутерски систем.
Потребно е четврто светло на семафорот
Ова значи дека АВ стануваат дел од самиот систем за контрола на сообраќајот и можат да работат заедно за значително да го подобрат неговиот проток. Тим истражувачи од Државниот универзитет во Северна Каролина предложија дека, штом критичен број на АВ ќе се појават на улиците, на традиционалниот семафор може да се додаде четврто бело светло.
Направиле компјутерска симулација на сообраќајот за да откријат како да го подобрат, па токму тогаш дошле до идеја да ги подобрат семафорите.
– Нашата работа ја воведе идејата за четврт сообраќаен сигнал наречен „бела фаза“, кој ја користи компјутерската моќ на автономните возила за да го забрза сообраќајот на раскрсниците, но сè уште не сме разработиле што би значел овој концепт за пешаците – вели Али Хајбабаи, професор по градежништво, градежен и еколошки инженеринг на Државниот универзитет во Северна Каролина.
Резултатите се ветувачки
– Сега ги проширивме нашите компјутерски модели за да ги земат предвид и пешаците во сообраќајот и резултатите се многу ветувачки и за пешаците и за возилата – вели Али Хајбабаи.
Кога ќе има доволно АВ на патот, сигналот станува бел, кажувајќи им на физичките возачи да го следат АВ или друг автомобил напред. Колку повеќе автономни возачи има на патиштата, толку е побрз сообраќајот.
Разликата овој пат е што во моделот сега се вклучени и пешаците. Она што тимот го откри е дека, дури и со вклучени пешаци во симулацијата, вкупниот проток се подобрил и за возилата и за пешаците за повеќе од 25 проценти.
Се разбира, има уште долг пат да се помине пред таквиот систем да стане практичен. Покрај поставувањето доволно АВ на улиците, тука е и проблемот со поставување доволно семафори со четири светла. Дури и тогаш, физичките возачи ќе треба да почнат да му веруваат на новиот бел сигнал, а другите сигнали ќе треба да се модифицираат за да имаат смисла за пешаците, како што е воведување трепкачки зелени светла или нешто што е веднаш забележливо.
Останува да видиме како ќе се развива овој иновативен проект понатаму и дали на крајот ќе заживее во сообраќајот.