Сондата „Инсајт“ првпат ќе ја проучува внатрешноста на Црвената Планета, а резултатите ќе ни откријат многу за Марс, но и за нашата планета
НАСА денеска ќе отвори ново поглавје во откритието на Марс. Вечерва, во 21 часот по средноевропско време, по седуммесечен лет во интерпланетарното пространство, сондата „Инсајт“ ќе слета на површината на Марс. Резултатите ќе ни откријат многу за минатото на Марс, како и за историјата на нашата родна планета.
– Придружете ни се во кафулето „Ли“ во живо да го проследиме шестминутното пробивање на сондата низ 128 километри дебелата атмосфера на Марс! Дружењето ќе почне во 20 часот, со кратка презентација за мисијата, а потоа ќе го проследиме стримингот од Лабораторијата за млазен погон (Jet Propulsion Laboratory – JPL) во Пасадена, Калифорнија – информираат од Скопското астрономско друштво, кое е организатор на седенката.
„Инсајт“ e кратенка за внатрешно истражување, со користење сеизмичко истражување, геодезија и топлински транспорт. Станува збор за истражувачка мисија, чија цел е да направи целосен систематски преглед на Марс, со помош на сеизмолошки, топлински и радиоинструменти, и да ги испита, соодветно, кората, внатрешната обвивка и јадрото на планетата.
Роботиката на приземјувачот на Марс на НАСА, „Инсајт“, има цел да ја проучи внатрешната структура на Црвената Планета за да одговори на прашањата за раното формирање на внатрешните планети – Меркур, Венера, Земја и Марс – пред четири и пол милијарди години.
„Инсајт“ е првата мисија посветена на длабокиот ентериер на Црвената Планета и ќе го користи своето трио на инструменти за да им овозможи на научниците да разберат колку се различни кората, површината и јадрото во однос со Земјата. Сондата го почна своето патување на 5 мај.
Експериментот за ротација и внатрешна структура на „Инсајт“, познат по кратенката РИСЕ, ја користи истата технологија што паметниот телефон ја користи за да ја пронајде својата локација. РИСЕ прецизно ќе ја следи локацијата на лендерот за да утврди како се движи Северниот Пол додека Марс орбитира околу Сонцето.
Овие набљудувања ќе обезбедат детални информации за големината на јадрото богато со железо и ќе помогнат да се утврди дали центарот е течен или цврст.
Сондата за протек на топлина и физички својства ХП3 за кратко ќе биде поставена на површината на планетата преку роботската рака на „Инсајт“.
Создадена од Германскиот центар за воздухопловство, ХП3 ќе се зарие до пет метри длабочина за да ја пресмета температурата на Марс и да открие колку топлина излегува од планетата и кој е изворот на таа топлина. ХП3 ќе помогне да се утврди дали Марс е формиран од исти работи како Земјата и Месечината.
Третиот инструмент е развиен од францускиот центар СНЕС и е ултрачувствителен сеизмометар. Тој исто така ќе биде поставен на површината на Марс за да се измери „пулсот“ на Марс, односно сеизмички бранови создадени од потреси, метеоритни влијанија, па дури и површински вибрации генерирани од активности како што е бура од прашина.
Овие сеизмички настани, топлински текови и потреси ќе дадат „слика“ на внатрешноста на планетата и би можеле да ги информираат научниците како е формирана Земјата и како еволуирала.
Но пред да нѐ воодушеви „Инсајт“ со нови откритија, претходно мора да помине низ опасната атмосфера на Марс, т.н. „седумминутен ужас“.
Ако сѐ се одвива според планираното, роботот со големина на автомобил за голф-терен ќе биде првото човечко возило што е испратено таму. Мисијата на „Инсајт“ е предвидено да трае две години, а би требало да открие досега незамисливи тајни.
– Се одвива една сосема поинаква мисија, бидејќи досега сите активности беа поврзани со површината на Марс, а сега првпат ќе се проучува внатрешноста. Резултатите ќе ни откријат многу за минатото на Марс, како и за историјата на нашата родна планета – велат од Скопското астрономско друштво.
Атмосферата на Марс е исклучително ретка – околу 1 процент од онаа на Земјата, што значи дека аголот на влез за возило што се движи со брзина од 20.116 км/ч мора да биде исклучително прецизен. Во спротивно, леталото може да биде уништено.
Фазата во која вселенското летало ја пробива атмосферата со причина се нарекува „седумминутен ужас“, бидејќи за тоа време контролата на мисијата го губи контактот со леталото и ќе дознае дали успеало дури по испраќање повратен сигнал по слетувањето.
– Ако слета, „Инсајт“ ќе се обиде да го стори тоа во област наречена Елисиум Планитија, рамнина во близината на Марс екваторот. Доколку роботот слета успешно и ги отвори своите два соларни панели, НАСА ќе ја заврши работата и ќе го направи првиот „преглед“ на планета стара 4,6 милијарди години – информира Том Хофман, товарен менаџер за мисијата „Инсајт“.
Една од најкомплексните задачи на „Инсајт“ е да направи дупка во самата површина. Се планира сондата да копа до 4,8 метри длабочина.
– Кога ќе стигнеме до замислената длабочина, ќе се оддалечиме од температурните варијации на самата површина. Таму ќе ја откриеме топлината што доаѓа од самата планета – енергијата потребна за геолошките активности – изјави Сузан Смеркар, заменик-директорка за истражување на мисијата „Инсајт“.
Конечната цел е да открие како е настанат Марс и што му се случувало потоа.
Откривајќи ги тајните на Црвената Планета, според научниците од НАСА, не само што ќе дознаеме повеќе за историјата на Марс туку и за нашата родна планета. Марс, благодарение на намалената геолошка активност, практично е замрзнат во времето, а според многумина, тоа е идеално место на кое може да се дознае повеќе за процесите што ја создале Земјата, но со текот на времето исчезнале.