Четири годишни времиња

Годината 1955, гледана од денешно време, ми се причинува дека настаните што се случуваа во таа година се толку далечни што во временскиот простор добија некое ликовно сфумато, кое му дава посебна и специфична временска убавина. Исто така, понекогаш спомените од некое друго минато време дејствуваат како да се случиле вчера, пред десет часа или сѐ уште се случуваат, дури би рекол дека повторно ги живееме бидејќи се сеќаваме на нив.
Во јули од таа 1955 година, како скоро дојденец од домовите во Романија (дете бегалец), поради некои административни причини, во Романија основното образование траеше шест години, во тогашна Република Македонија се учеше седум години, поради таквите разлики во образовниот систем од двете држави, требаше да учам основно уште една година. Така и се случи, учев во основното училиште,,Кирил и Методиј“ во Маџари.
Исто така таа година со моето семејство живеевме во Млин-Куманово, место што се наоѓа не толку далеку од селото Маџари. Се разбира, во тоа време Маџари не беше споено со градот, во тоа годишно време, од Млин-Куманово до училиштето одевме пеш. По патот, особено во мај, сѐ беше посадено со жито и со мајски црвени цвеќиња. Тоа беше вистинско еколошко годишно време.
Во училиштето стекнав пријатели, меѓу кои и Пане (Панче) Дракулевски, со кого често се дружевме и нашето пријателство траеше неколку годишни времиња. Во тоа време Пане со семејството живееше во Маџари, во истата куќа дејствуваше и неговиот вујко Симон.
Се случуваше Пане да дојде кај нас во Млин-Куманово, често ме канеше кај него дома. Се сеќавам, кога ќе влезевме во нивната куќа, кога ќе поминевме покрај една од вратите, Пане ќе ме опоменеше да одиме полека, да не тропаме: „Вујко ми е писател, сега пишува книга, ми се чини ќе се вика ’Белата долина’“, ми велеше. Затоа, кога поминуваме покрај вратата од неговата соба, одевме тивко, да не го вознемируваме.
Поминаа многу годишни времиња, судбината или случајноста сакаше со Пане повторно да се дружиме, овој пат во Лазарополе, од каде што потекнува и Пане, од каде што доаѓа и неговиот вујко или чичко Симон Дракул. Во едно годишно време направив куќа во Лазарополе. Како и во Маџари, и во Лазарополе стекнав други пријатели, Анте Поповски, Симон ме носеше на лов, со Блаже Смилевски работевме во тогашната Телевизија Скопје, потоа дознав дека и Блаже е од Лазарополе. Во ова село се спријателивме со Томе Перински, со Данко Смилевски, брат на Блаже, и со многу други личности што потекнуваат од ова село.
Во едно годишно време Томе Перински почна градба на убав, прекрасен хотел, кој и денес функционира – хотелот „Калин“.
Една зима Томе ми се јавува преку телефон и ми вели: Брат, ќе дојдам во Ченто, ќе те земам со кола и ќе одиме за Лазарополе! Идејата ти е добра, но нели гледаш колку снег има овде во Скопје, замисли како е во Лазарополе? Брат, немој да му ја мислиш за снегот, имам идеја што ќе ти ја кажам во Лазарополе. Идејата не можеш да ми ја кажеш овде, зошто треба да одиме дури до Лазарополе? Брат, идејата не е за кажување овде, во Скопје, таа се кажува само во Лазарополе. За еден час доаѓам, те земам и одиме.

Томе дојде, одејќи кон селото ни збор не ми кажа за идејата. Во Лазарополе, во тоа годишно време, имаше паднато метар снег. Хотелот беше готов со градбата, но сѐ уште не работеше, се изведуваа внатрешни дизајнерски и ликовни зафати. Влеговме во хотелот, внатре Томе застана пред еден ѕид и се сврте кон мене: Брат, знаеш која ми е идејата? Не знам, реков. Сега ќе ти ја кажам. За овој ѕид сакам да насликаш четири слики, Лазарополе во четирите годишни времиња, зима, пролет, лето и есен. Брат, немој да ми кажеш дека нема да го направиш тоа. Замисли, Лазарополе во четири годишни времиња. Таква идеја се кажува само овде, на местото каде што ќе бидат поставени сликите со годишните времиња, нели е така, ме запраша Томе.
Искрено бев воодушевен од овој човек, кој работи во банка, а знае да живее во сите други годишни времиња.
Годишните времиња доаѓаат и си одат, некои ние ги напуштаме, други тие нѐ оставаат. Така било од памтивек, така е и сега, така ќе биде и во сите други годишни времиња.
Меѓу првиот и вториот изборен круг од претседателските избори размислував дали да одам на неколку дена во Лазарополе. Во мај тој дел од државата е прекрасен. Всушност Лазарополе е убаво место во сите годишни времиња, кои се за убави воздишки, бидејќи таму воздухот е посебно чист и дејствува како да доаѓа од некое друго годишно време.
Значи, решив да одам, и покрај тоа што, во ова мое годишно време, потешко се оди во другото годишно време, кое е полно со угорнини и свиени патишта, кои водат во посакуваното убаво годишно време од Лазарополе. Си реков, ќе ја разгорам печката, ќе ја стоплам куќата, цела зима е под влага. За мојот престој во селото имав еден убав ден, другите три беа врнежливи, ама и тие беа убави, бидејќи се наоѓавме во убаво годишно време. Голема вистина е, бидејќи четирите годишни времиња се незамисливо убави и прекрасни, затоа се и многу посакувани.
Споменав, во убавиот предел останав четири дена, посакував да останам уште некој ден, но имам, сите имаме лични и општествени обврски. Доаѓа вториот изборен круг од претседателските избори и првиот од парламентарните. Го пречекав и тој убав временски период, полн со прекрасни желби и надежи, кои нѐ водат кон нови и правични годишни времиња.

Коле Манев: Зима

Одејќи кон Скопје, се запрашав колку годишни времиња сум поминал или потрошил во Лазарополе. Многу. Не само што потрошив многу годишни времиња, туку кога ги трошев ми беше убаво, многу убаво. Се чувствував како да сум одбран и одреден да живеам различно од сите други, да живеам посебно и да ми биде убаво! Во ова убаво време, понекогаш почнувам да сонувам!
На осми мај се случија изборите, претседателски и парламентарни. Тој ден беше еден од поубавите денови од нашето современо годишно време. Власта изгуби неизмерно катастрофално, опозицијата победи добро, многу добро. Во еден момент почитуваната Гордана, идна претседателка на државата, ми заличи на скулптурата „Победата од Самотраке“, која е изложена во „Лувр“. Во тие важни историски мигови се запрашав: Власта, за овие седум години, ДУИ со своите евтини приказни остана да владее дваесет години, колку годишни времиња потроши. Многу. Да не случајно СДСМ во овие седум години и партнерот ДУИ во своите дваесет се почувствуваа дека се одбрани и одредени да живеат различно од сите други, да живеат посебно и да им биде убаво? И што направија? Ништо, освен што ја ограбија државата и посакуваат други годишни времиња. Сите годишни времиња се прекрасни, само зависи како и за кого ќе ги потрошите.