Работите досега беа сугерирани однадвор, буквално напишани надвор од Македонија, беа преточувани во уставни амандмани, без да се смени ни запирка ни точка. И тоа не смее да продолжи така, доколку сакаме да ја градиме Македонија како независна и суверена држава. Политичарите и граѓаните знаат што значи и суверена и независна држава. Во тој контекст беше и заклетвата на претседателката на државата, дека ќе ги брани суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Македонија. И тоа е нејзината заклетва, нејзиниот аманет што им го остава на генерациите што ја избраа, но и на наредните генерации, кои допрва ќе учествуваат во изборниот процес, велат нашите соговорници во врска го континуираното губење на македонскиот суверенитет изминативе години
Предизвиците со Уставот за новата извршна и законодавна власт да не бидат сугерирани од надворешни центри на моќ
По одржаните претседателски и парламентарни избори, кои завршија на 8 мај, веќе започна да се конституира новата кадровска структура на власта, според резултатите од изборите. Во неделата, на 12 мај, во Собранието се одржа инаугурацијата на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, која по конституирањето на новиот парламентарен состав (се очекува да се случи до крајот на месецов, односно 21 ден по одржувањето на изборите) треба да ѝ го додели мандатот за составување влада на партијата со најмногу освоени пратенички места во Собранието. Во формалноправна смисла, процедурите за постизборно конституирање на институциите на власта, како законодавната, така и извршната, се предвидени и утврдени со Уставот, а политичките договори треба се форматираат во уставните рамки.
Под притисок за спроведување уставни измени?!
Во предизборната кампања, но и претходно, македонскиот политички амбиент е постојано под притисок за спроведување уставни измени. Тој притисок е од надворешни фактори, на кој некако се надоврзаа и барања на внатрешните политички чинители, што прашањето на Уставот некако го наметнува како предизвик и за новоизбраната власт.
– Уставот, особено во последниве години, се менуваше многу левтерно, многу лесно и со решенија наметнати однадвор. Она што ми остави впечаток, особено на последните измени од 2019 година, е работите што беа сугерирани, буквално напишани однадвор, беа преточени во уставни амандмани, без да се смени ни запирка ни точка. И тоа не смее да продолжи така, доколку сакаме да ја градиме Македонија како независна и суверена држава. Сигурна сум дека и политичарите и граѓаните знаат што значи и суверена и независна држава. Во тој контекст беше и заклетвата на професорката (претседателката на државата, н.з.), дека ќе ги брани суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Македонија. И тоа е нејзината заклетва, нејзиниот аманет што им го остава на генерациите што ја избраа, но и на наредните генерации, кои допрва ќе учествуваат во изборниот процес – коментираше универзитетската професорка по уставно право Татјана Каракамишева-Јовановска на денот на инаугурацијата на претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Нов уставен проект: Нов устав или темелни измени што ќе пулсираат со нацијата и со новото време
Професорката Каракамишева-Јовановска, смета дека мисијата на претседателскиот мандат на професорката Силјановска-Давкова (исто така по уставно право), поради која ја добила довербата на граѓаните, е зашто тие ѝ веруваат дека таа може да направи еден одличен уставен проект. Каракамишева-Јовановска смета дека уставниот предизвик за Македонија е „како да направиме вистински устав што ќе пулсира со новото време“.
– Заштитата на суверенитетот и независноста е тоа што особено ќе ѝ даде тежина на професорката (Силјановска-Давкова, н.з.) во процесот на идни менувања на Уставот, идни уставни амандмани, но можно е и иден устав, нов устав на Македонија. Зашто, таа, по својата уставна одреденост, уставни овластувања, има право да биде овластен предлагач за носење нов устав или овластен предлагач за промена на Уставот во смисла на предлагање уставни амандмани. Во овој момент ја има големата историска улога да го собере најдобриот тим… И не така, како што имавме ситуации во минатото, да нагаѓаме и политички да се пазариме какви ќе бидат овие или оние уставни амандмани, туку суштински, темелно, со темелна анализа, со длабока анализа на искуствата да видиме што е тоа што на Македонија ѝ недостасува, да видиме кои се најслабите точки во Уставот на Македонија, како да ја подобриме функционалноста на институциите, како да обезбедиме подобар, пофункционален политички систем, но и сите други системи… Не смееме да ги заборавиме економскиот, социјалниот, здравствениот, образовниот систем. И како да направиме вистински устав што ќе пулсира со новото време. Бидејќи, за жал, Уставот, таков каков што е, не е сосема во согласност со условите, настаните и околностите што се дел од новото време. Мораме да ги имаме предвид, да ги антиципираме и сите предлози што доаѓаат од етничките заедници, да најдеме НЗС и да видиме кое е тоа решение што ќе биде најдобро за сите. Бидејќи нејзината мисија во овој период е и нејзината мисија за што практично ѝ е дадена најголема доверба, зашто граѓаните и веруваат дека таа може да направи еден одличен уставен проект, кој ќе изроди со добри устави измени или можно е со нов устав – кажа Татјана Каракамишева-Јовановска, коментирајќи ја претседателската инаугурација.
Предизвиците за уставни измени што ѝ се поставени на Македонија, за кои е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, се движат од додавање нови малцинства во преамбулата, пред сѐ на бугарското, како услов за отворање на поглавјата во преговарачкиот процес со ЕУ, па до реанимирани иницијативи за избор на претседател во Собранието, искажан од албанските партии во предизборието. Постојано е присутно во јавноста и барањето на албанските партии за замена на формулацијата „јазик што го говорат 20 отсто од населението“ со албански јазик… Освен тоа, во програмата на партијата што освои најмногу гласови на парламентарните избори има иницијативи за системски измени како на законодавниот дом, така и на конструкцијата на владиниот кабинет, за што се потребни измени на Уставот. Овие многубројни иницијативи и барања за промени во политичко-системската дефиниција на државата ја отвораат и дилемата дали е поефикасно можеби тоа да се направи со амандмански измени или „нов уставен проект во духот на времето“.
– Сметам дека не е време и нема потреба од коренито менување на целиот устав, за решавање на прашањата што се поставуваат во јавниот дискурс, а за кои се потребни уставни измени. За такво менување, со целосно нов уставен проект, треба да се кандидираат прашања што се суштински важни, а не се опфатени со актуелниот устав. Засега немам слушнато за такви неопфатени прашања, а постојните барања за измени во голема мера се од политички карактер, што можат да бидат прифатени (додадени) или отфрлени преку предвидена уставно-собраниска процедура – вели универзитетскиот професор Владо Поповски, еден од креаторите на Уставот на независна Македонија.