Организатори на изложбата се Францускиот институт во Скопје и Националната галерија на Македонија, во соработка со престижниот „Жо де пом“ вo Париз, Медијатеката за архитектура и културно наследство и Министерството за култура на Франција
Четириесет најдобри портрети на светски признаениот француски фотограф Феликс Надар (1820-1910) ќе бидат претставени пред македонската публика на 6 декември, со почеток во 20 часот, во мултимедијалниот центар „Мала станица“. Помеѓу нив се и портретите на Сара Бернар, Александар Дима, Клод Дебиси, Шарл Бодлер, Жорж Санд, Жак Офенбах, Емил Зола, Жив Верн и уште десетина големи имиња од крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Организатори на изложбата се Францускиот институт во Скопје и Националната галерија на Македонија, во соработка со престижниот „Жо де пом“ вo Париз, Медијатеката за архитектура и културно наследство и Министерството за култура на Франција.
Гаспар-Феликс Турнашон, познат под псевдонимот Надар, е роден во Париз, во 1820 година. Работел како фотограф, карикатурист, новинар и писател, а како што посочуваат од Францускиот институт во Скопје, неговата архива содржи фотографии речиси од сите познати писатели, поети, артисти, актери, музичари и танчари во неговото време.
– Бунтовен и храбар, со чисто изразени социјални идеи, бил првиот фотограф што се спротивставил на општото јавно мислење, развивајќи ги докрај своите лични идеи и вкусови. Неговото име ќе остане запишано во историјата на фотографијата како првиот човек што направил фотографија од воздух. Ги претставува и воведува жанровите аерофотографија и портрет. Сакал да ги фотографира оние што лично и непосредно ги познава. Архивата на Надар содржи фотографии речиси од сите познати писатели, поети, артисти, актери, музичари и танчари во неговото време. Бил нарекуван и фотограф на ѕвездите, своевиден експериментатор и впечатлив артист, чии портрети претставуваат Пантеон на неговото време – велат во најавата од Национална галерија на Македонија.
Работел како карикатурист за магазинот „Ле шаривари“ во 1848 година. Во 1849-та ги создал „Ривју комик“ и „Петит џурнал пор рире“. Првите фотографии ги направил во 1853-та, а во 1858-та бил првиот човек што направил аерофотографии. Околу 1863 година, Надар направил огромен (6.000 кубни метри) летачки балон и го нарекол „Гигант“, а со тоа го инспирирал Жил Верн да ја напише книгата „Пет недели во балон“. Проектот бил неуспешен и Надар се убедил дека иднината им припаѓа на леталата потешки од воздухот. При неговата посета на Брисел со леталото „Гигант“, на 26 септември 1864 г., Надар подигнал подвижни бариери за да ја држи толпата на безбедно растојание. До ден-денес подвижните бариери во Белгија се нарекуваат Надарови бариери.
Во април 1874-та, Надар им го позајмил своето студио, со тоа овозможувајќи им ја првата изложба на импресионистите. Го фотографирал Виктор Иго на неговата смртна постела во 1885 г. Се смета дека го издал (во 1886 г.) првото фотоинтервју (со прочуениот хемичар Мишел Ежен Шеврол, кој тогаш бил стогодишник), а правел и еротски фотографии.